29 Март, 2024
0.0254

Да ги разбудиме мечките од десетгодишен зимски сон, но да внимаваме да им го зачуваме и раатлукот

Објавено во: Колумни 15 Март, 2018

Добивај вести на Viber

Што ќе се случи ако три дена последователно не се појавите на вашето работно место и тоа не можете да го покриете со боледување или денови од годишен одмор?! Одговорот е едноставен, согласно одредбите од законот за работни односи, општиот и гранковите колективни договори, ви престанува работниот однос и нема суд што ќе може да најде правен основ да ве врати на работа.

Арно ама, благодарение на Груевски и Ахмети, во Република Македонија не се сите еднакви пред законот, бидејќи околу 1600 граѓани имаат договори за работа во државната администрација, земаат плата без да се појават на работните места?! На сето згора, некои од нив имаат "работен стаж" за седење дома; уредно им се евидентира и на крајот од секоја година им се зголемува платата за 0,5%, а бидејќи не можат да згрешат во нивната работа, не се оценуваат и не може ни дисциплински да одговараат, милина.

Луѓето живеат во комунизам, не оној на Тито и Кардељ, туку оној вистинскиот на Маркс, Енгелс и Ленин, секому (на 1600 лица) според потребите.
Конечно министерот Манчевски засука ракави и реши да прави реформи во администрацијата, па испрати абер, сите тие кои се на тој начин на платниот список на државата, да се приберат од белиот свет, бидејќи ќе им се понуди работа, која доколку им се бендиса, ќе им создаде обврска и да доаѓаат на работните места.

Како што бидува, најнапред ќе се понудат раководните работни места за оние што ги исполнуваат критериумите. Потребно е соодветено образование и потребен број години работен стаж, во кој секако дека се пресметува и оној што е преседен дома или некаде на друго место. Доколку не прифатат некое од понудените места и натаму ќе бидат на трансфер листа на чекање работа, со тоа што и натаму, секој први ќе си го добиваат полниот износ на платата. Во овој голем реформски зафат, тоа е морковот, а од стапот ни трага ни глас.

Наместо да ни се симнат од плеќи и да бидат земени на одговорност тие што им дале договор за работа без обврска нешто да сработат - Груевски и Ахмети пред се, сега, како за нов почеток, во новиот живот, белки нема да треба да им постелеме и црвен тепих после долги години чекање, за првото доаѓање на работното место да ги пречекаме со погача и сол?!

Или ова е можеби дел од некој поширок договор за кој јавноста и не знае, наместо да се гласа во парламентот закон за припадниците на ОНА, кои патем кажано најнапред беа терористи, а потоа борци за права, на ваков начин да се купи некаков социјален мир?!
Граѓаните на Република Македонија со право револтирани, со години прашуваа колкава е бројката на фантом административците, особено што никој во работниот век не бил гален, особено кога станувало збор за отсуство од работа. Додека беа опозиција, истото тоа прашање го поставуваа и истиве луѓе што денес се на власт и ја раководат владата. Само ВМРО ДПМНЕ никогаш не го актуелизирал овој проблем, а очигледно и немаат намера тоа да го сторат бидејќи во коалиција со ДУИ тие и го креираа, а со предлогот за реформи во јавната администрација, веројатно целите и причините ги дознала и власта која сега кажува сосема друга приказна, без да ги аргументира причините и целите на небулозите што ги нуди.

Граѓаните тешко ги разбираат ваквите реформи во јавната администрација. Административците кои цел живот работејќи, почитувајќи ги правилата на работното место биле изложени на оценување, на дисциплински мерки, на пречки за прераспоредување од едно на друго работно место, а за напредување без врски или партиска подршка и збор да нема, едноставно се чувствувале како дивеч во ловна сезона.

Очекувањата беа дека животот ќе донесе праведност и промени на подобро, но излезе дека мечките кои се веќе десетина години во зимски сон се со закон заштитена категорија, заради што мора "као" да ги разбудиме, но никако не смееме на сила да ги избркаме од нивните дувла.

Ако ова се реформи во јавната администрација; ако на раководни позиции се донесат лица без еден ден работа во администрацијата, а имаат некакво соодветно образование и десетина години дома преседен работен стаж, тогаш господ Бог нам како граѓани да ни биде на помош, а особено на оние вработени во администрацијата кои ќе треба да го трпат незнаењето, некомпетентноста и нестручноста на тие што ќе ги раководат...или можеби некој друг ќе биде задолжен во нивно име да ги врши и нивните работи, секако за пониска плата, ќе им пишува говори за пригодни настани, а заради убедлив впечаток ќе треба и прибелешки да фаќаат од тоа што го прочитал шефот?! Резил!

За крај, верувам дека како јас, така и граѓаните кои не можат да ги разберат ваквите "реформи" во јавната администрација, сме заинтересирани каде водат и каде ќе не однесат ваквите процеси кои се спротивни на уставните принципи за стручност, компетентност и достапност за секого на секое работно место под еднакви услови?!
Има ли некој што може да даде издржан одговор на ова прашање, а при тоа барем малку да не почувствува срам, грижа на совест и одговорност кон оние што чесно работејќи заработуваат за сопствена скромна егзистенција и се изложени на своите работни места како дивеч во ловна сезона?!

Се прашувам дали владата и министерот очекуваат за ваквата реформа на јавната администрација да добијат пофалби и признанија од ЕУ, бидејќи нашите граѓани, и покрај не разбирањето на целта на ваквите процеси, сепак се видно воодушевени, особено што ваков пример на друго место во светот не постои?!

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?