30 Април, 2024
0.0243

Да живее фудбалот, за другото ќе видиме

Објавено во: Колумни 14 Јули, 2018

Добивај вести на Viber

„Ја откри Америка“ ако кажеш дека скопјани откако знаат за себе го сакаат фудбалот. Во овие јулски жешки денови кога е завршница на 21-то светско првенство на најубавата споредна работа на светот во Русија вниманието ни е свртено кон последните два натпревара. Нормално, секој си има свои фаворити, свои љубимци, про-ет контра аргументи кој ќе победи и зошто (за кладба и да не се зборува). Кога се знае дека знаеме се од прва рака што се случува во соблекувалните,по руските хотели и спортските комплекси кои пленат со убавината и функционалноста, што ни остануваа освен да испланираме со кого и каде ќе ги изгледаме последните натпревари и со каков пијалок ќе ги смируваме растреперените срца од радост, возбуда или разочарување, како кој.

Мојата генерација се сеќава на првото светско во Шведска во 1958-та,а ќе излажам дека го паметиме и она во Швајцарија четири години пред тоа. Нема Тв преноси, чекаме новински извештаи во „Политика“ на Радојчиќ и Вукадиновиќ, а кој има радио дома или у комшии слуша преноси со Радивое Марковиќ, ако не му крчи радиото, марка Космај, наместено на Радио Београд. Преноси слушаат постарите, а ние се врткаме пооддалеку,да не сметаме и според нивните реакции наслутуваме каков е резултатот и кој води или губи.

Слушнавме за Пеле и дружината од некој си Бразил,за германската машинерија, а срцата ни трепереа за Митиќ, Бобек, Станковиќ. И веќе забот на годините си го стори своето (немаше дете што не ја знаеше наизуст целата репрезентација на Југославија на чело со Беара). Не ни бевме свесни дека тие години се драматични за малата земја од Балканот, но слутевме дека нешто страшно се случува според намуртените и загрижени лица на нашите татковци и дедовци. Играме со СССР,  ги знаеме Бобров и другите  негови бабароги соиграчи, но не ни сонуваме дека тоа е битка со еден лик со дебели мустаци(неговите ако загубат не им гине Сибир, у најмала рука).

Дојде Чиле и Арика, Шекуларац и Радаковиќ, Јашин и Пеле, Гаринча, нормално. Тогаш можевме нешто и визуелно да доживееме преку црно-белите стории во „Филмске новости“ со кои почнуваше секој филм по кината. Подзинати по неколку пати гледавме исти журнали и ги знаевме напамет финтите и лудориите на Шеки против Кореја, но и голот на Радаковиќ кој со врзана глава со чалма им даде гол на страшните Германци, но и на промашениот пенал на Јерковиќ против Чехословачка на патот до последните кола на шампионатот.

Шеки беше идол,се разбира. При едно гостување на Звезда во Скопје се појави пред натпреварот во жолт џемпер со перкинс- крагна (по крaгната на истиот предмет за облекување на Ентони Перкинс), слободно се шета по корзо и по него сурија деца и помалку деца... Потрчува и ние заедно со него, нагло застанува и ние се здрвуваме во момент.Застана пред „Пелистер“ кај некој од чистачите на чевли, овој со растреперени раце му ги гланца шими- кондурчињата на фудбалскиот бог со потекло од Штип, а овој од чалам му дава банкнота што може да ја сонува - да мавта со четките можеби цел масец, а навивачите во делириум. Тоа ти е фудбалската слава за малку пари (во споредба со денешниве баснословни суми). Ама тоа ти е!

66-та ја дочекуваме како гимназијалци, веќе има телевизиски преноси од првенството во Англија. Бегаме од часови за да гледаме фудбал. Пеле некој си Жеков од Бугарија го повреди и за него светското заврши,но се појавија Еузебио, Бекенбауер и Милер. Гледаме преноси подзинати и не ни се верува Англија со „иле“ станува првак на очиглед на цел свет-гол ли е или не,никого не го интересира од светските фудбалски глаучи,мора купот на Жил Риме да остане во земјата каде што е измислен фудбалот и точка... У Германија паѓаме у транс кога Баевиќ им дава по неколку парчиња на Заир или некоја друга екипа ќе да беше, но и у несвес кога Караси промаши пенал против Полска.

Се редат светски шампионати,нам годинките ни се трупаат, но фудбалот си останува на тронот на интересирањето. Зад мене останаа многу првенства, но уште колуцка се пред мене? Ќе се живее колку што ќе се живее, но да живее фудбалот!

Мојсо Мојсовски  

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД