Дали федералниот ТАП ќе го загрози Јужен поток?
Објавено во: Економија 29 Мај, 2013
Наспроти спротивставувањето на лидерите на Република Српска, кои ја форсираат изградбата на гасоводот Јужен поток, претседателството на БиХ потпиша Меморандум со Хрватска, Албанија и Црна Гора за изградба на уште еден гасовод под името Трансјадрански гасовод.
Од пред неколку дена БиХ и официјално се вклучи во реализација на паневропскиот енергетски проект под името ТАП – Трансјадрански гасовод, со кој природен гас од Азербејџан ќе се транспортира до пазарите на Западна Европа. Претседателството на БиХ, на вонредна седница одржана кон средината на минатата недела, го прифати Меморандумот за разбирање меѓу Хрватска, Албанија, Црна Гора и БиХ, со кој покрај другото се предвидува и воспоставување на посебен меѓудржавен комитет задолжен за координација и реализација на овој проект во четирите наведени држави.
Енергетскиот проект ТАП официјално е најавен во 2007 година, кога швајцарската енергетска компанија Свис ЕГЛ Груп ја претстави студијата за изводливост која доби целосна поддршка од официјален Брисел и клучни држави преку чии територии ќе се гради гасоводот – Азербејџан, Турција, Грција, Албанија и Италија. Гасоводот ТАП примарно се гради поради пазарот на Западна Европа, а неговата главна транша се протега од Турција, преку Грција и Албанија, па по дното на Јадранското Море до Италија и понатаму кон Западна Европа.
Благодарение на силниот ангажман на хрватската дипломатија, еден крак од гасоводот ТАП ќе се насочи кон пазари на Балканот, од Албанија, преку Црна Гора и Хрватска, до БиХ.
Лидерите на Република Српска прилично нервозно реагираа на идејата БиХ да се приклучи на гасоводот ТАП. Дури во медиумите блиски до Милорад Додик, ангажманот на БиХ во овој проект е квалификуван како намерна диверзија на рускиот енергетски проект Јужен тек, чиј еден крак од Србија би се насочил кон Република Српска. Најпознатиот експерт за енергетика на РС Душан Богдановиќ неколку дена пред седницата на Претседателството на БиХ изјави дека – Овој потег претставува обид за разбивање на веќе договорениот концепт и проектот Јужен поток, по пат на задкулисни политички игри.
Параноичните геостратези отидоа чекор подалеку – гасоводот ТАП го гледаат како обид за јакнење на турското влијание на Балканот и како обид за слабеење на руската доминација на европскиот енергетски пазар.
Тезата за јакнење на турското влијание на Балканот целосно е бесмислена сметајќи дека гасоводот ТАП го примаме поради пазарот на Западна Европа и дека во почетните планови на пазарот на Балканот не се ни спомнуваше.
Вториот дел од тезата, за обид на Европа да ја намали енергетската зависност од Русија, целосно е точна и таа цел европските држави не се ни обидуваат да ја прикријат. Впрочем, цел сет на нови гасоводи од Каспискиот регион кон Европа се нарекува со заедничко симболично име Набуко, по прочуената опера на Верди која зборува за спас на Евреите од бабилонското ропство. Сите гасоводи под збирното име Набуко се проектираат така да ја заобиколуваат руската територија и рускиот енергетски монопол Гаспром. На овој начин државите на Европската унија се обидуваат да остварат две цели: да обезбедат алтернативен извор на гас и да ги намалат цените на енергенсите преку заострената пазарна конкуренција. Во европските држави кои имаат само еден доставен правец, меѓу кои спаѓа и БиХ, цената на гасот е за околу 40 отсто повисока од цената на гасот во државите кои имаат два или повеќе меѓусебни независни доставни правци.
И рускиот проект Јужен поток е проектиран во широк полукруг да ја заобиколува територијата на Украина со која Русија е постојано во судир околу транспортните трошоци за гасот. За да ја избегне Украина, гасоводот Јужен тек Русија го насочи преку Црно Море, користејќи ги територијалните води на Турција. Турција се согласи на тоа, но за возврат доби руска согласност за изградба на посебен гасовод од Азербејџан до Турција, под името Трансанадолски гасовод. Продолжетокот на овој гасовод од Турција до Грција, а подоцна и до Албанија и Италија, наречен е Трансјадрански гасовод ТАП (Trans Adriatic Pipeline).
Кракот на овој гасовод за Балканот е познат под името Јонско-Јадрански гасовод и низ него Хрватска, Албанија, Црна Гора и БиХ би добивале годишно околу пет милијарди кубни метри гас. Вкупната должина на балканскиот крак на овој гасовод изнесува околу 400 километри, од кои во Албанија 170, во Црна Гора 100, а во Хрватска 130 километри. Надворешната точка за БиХ е планирана во Плоче. Проценетата вкупна инвестиција во изградбата на балканскиот крак на гасоводот ТАП се движи од 230 до максимални 250 милиони евра, при што секоја држава самостојно би ја градела делницата од гасоводот преку својата територија.
Гасоводот ТАП на ниту еден начин не може да ја загрози изградбата на рускиот гасовод Јужен тек, на кој има намера да се закачи Република Српска за да го гасифицира просторот од Семберија до Краина.