20 Јули, 2018
0.3977
    ALK 8000.45    -0.15%     CEVI 950    6.98%     GRNT 831.09    2.69%     KMB 5182.91    0.42%     MPT 43620    0.28%     OKTA 4300    -0.02%     PPIV 46500    2.18%     REPL 62100    -2.97%     RMDEN16 95    0%     RMDEN17 96    0%     STIL 130    0.71%     TNB 13942    0.38%     TPLF 1210    10%     TTK 1000    0.1%     UNI 2424.09    -0.04%     ZILU 250    0%

Дали и треба на Украина уште и верска војна?

Објавено во: Колумни 20 Април, 2018

Украина денес како никогаш е блиска до појавувањето на сопствена автокефална црква, изјави деновиве украинскиот претседател Петар Порошенко, пред раководството на парламентарните фракции. Ваквата изненадувачка изјава, објавена во украинските медиуми, дојде само неколку денови по посетата на Порошенко на Турција, каде што имаше средба и со вселенскиот патријарх Вартоломеј и членовите на Синодот. Горната изјава, според Порошенко, ја потврдува и позицијата на патријархот и на Синодот!
Се наоѓа ли Украина уште пред една нова - верска војна? „ Јас како претседател донесов решение да се обратам кон вселенскиот патријарх со молба за давање томос (декрет) за Украинска независна, поточно помесна, автокефална црква“, соопшти Порошенко.

Во недостиг на извори од Истанбул од седиштето на Вселенската патријаршија, работите изгледаат мошне интригантни. Дали и Вартоломеј се подготвува да заплива во политички води?  Дали скриеното ривалство на Патријаршијата со Руската православна црква ќе добие нов терен за докажување?

Порошенко не сака да открива детали од разговорите во Истанбул. Но под итно ја повика Радата(украинското собрание)  да му даде поддршка,  што беше веднаш направено од страна на мнозинството. Тој доби поддршка и од двете неканонски украински цркви, Украинската православна црква(Киевски патријархат) и Украинската автокефална православна црква.  Но засега недостига потписот од канонската Украинска православна црква(Московски патријархат), иако Порошенко разговараше и со нејзиниот прв човек митрополитот Киевски и на цела Украина Онуфриј. Намерата на украинскиот претседател е со поддршката од парламентот и црквите да се обрати до Констстантинопол и Синодот на Вселенската патријаршија да донесе решение во најскоро време. Но опозициона партија од Радата веќе се обрати до Вартоломеј со барање за почитување на канонските правила.

Ваквите намери на Порошенко не останаа без коментар од Москва. Прес секретарот на рускиот претседате, Владимир Путин, Димитриј Песков изјави дека таквите дејствија , насочени кон раскол во црквата тешко можат да бдат поддржани, но и поздравени. Од Руската православна црква очекуваат дека Вартоломеј нема да ги смени своите досегашни ставови дека митрополитит Онуфриј е единствениот „канонски прв човек на Православната црква во Украина“.

Од Украинската православна црква(Московски патријархат) со став дека се согласни да се поајви сопствена автокефална поместна црква, но на канонски начела. „Мислам дека се' ова ќе заврши со големо ништо, како што беше и многу пати досега. Ќе има многу врева во медиумите, и се ќе заврши на тоа“, изјави протојерејот на оваа црква Николај Данилевич. Тој нагласува дека работата мора да почне од УПЦ(МП), а не од непризнаените цркви и дека неговата црква е за надминување на поделбите и за Единствена црква. Според него црковната тема и е од полза на сегашната власт, која ја користи таа тема пред избори. Инаку, претседателските избори во Украина треба да се одржат идната година, а Порошенко секако би сакал да добие и втор мандат. Данилевич смета дека разгледувањето од страна на Порошенко на прашањето за создавање на единствена православна црква со раководителите на парламентарните фракции не е во негова компетенција. „Тоа е исто ако ние напишеме дека Митрополитот Онуфриј го собрал Светиот синод на УПЦ за да се разгледува влегувањето на Украина во НАТО“.
Ова што сега се случува со црквата во Украина не е нешто ново. Речиси сите украинси претседатели имале средби со Вартоломеј. И секогаш главниот разговор бил околу единството на православието- црквите во Украина. Во 2008 година тогашниот претседател на Украина Виктор Јушченко исто така се сретна со Вартоломеј, по повод 1020 годишнината на покрстувањето на Великиот Киевски кнез Владимир. И тогаш тој изјави дека историскиот пат кон помесна црква ќе биде поминат во мир и согласие и дека тоа е реалност. Таа реалност еве се мери со десетина години. За повторно, сега Порошенко да го најавува истото во предвечерието на 1030 годишнината на покрстувањето на кнезот Владимир.

Порошенко беше кај Вартоломеј и во март 2016 година. И тогаш се водеа разговори за „единствена поместна православна црква кон која се стреми и која ја очекува украинскиот народ“. И тогаш како и сега Порошенко организираше барање од Украинската рада за прогласување на автокефалност на Украинската православна црква да се упати до Синодот на Вселенската патријаршија. Реакцијата на Синодот беше неочекувана.  Синодот на Вселенската патријаршија, донесе одлука да биде заверено барањето од Радата за доделување автокефалија на Украинската црква.

Ова барање, било препратено до соодветната Синодална комисија на разгледување, што предизвика сериозно внимание во православниот свет, со оглед на тоа дека барањето не е одбиено, туку ставено во понатамошна процедура. Тогаш познавачите на црковните состојби сметаа дека со оглед на тоа што ова барање за автокефалност доаѓа од политичка институција, Украинската рада, а не од црковна структура, Вселенскиот патријарх требало веднаш да го одбие, а не да го процесуира.

Но тоа што на ова политичко барање му е даден ваков третман, според познавачи на состојбите, може да се толкува и како своевидна порака до Московската Патријаршија од страна на Вселенската патријаршија. Овој пат Порошенко има потписи и од две цркви. Дали тие заедно со обраќањето од Радата ќе бидат доволни да се одигра второ полувреме. И на големо изненадување да биде признаена Киевска патријаршија. Инаку Вартоломеј во едно свое обраќање до украинскиот народ вели дека „ не претендира на проширување на своите канонски овластувања“. Со други зборови, може, но не сака да ги користи пошироко. Што може да се разбере и како одреден знак знак до Руската православна црква.

Останува да го дочекаме јули годинава па да видиме дали ќе се остварат очекувањата на Порошенко до 28 јули на 1030 годишнината од покрстувањето на кнезот Владимир Украина да добие автокефална црква. А што потоа? Коментарите во јавноста во Украина не се однозначни. Се движат од тоа дека конечно треба да се добие автокефалност и да се одбегне од влијанието на РПЦ, која не го заштитила украинскиот народ во тешките денови на војна, па се до оние кои велат дека при избори се е можно, а народот, како во најдобрите традиции ќе биде онаа странка. Има навреди кон Порошенко, од кого се бара да води реформи во државата што ги бара Западот и да работи на благосостојба на народот.  Или пак дека луѓето од власта што ја цицаат крвта, прво го поделија населението, потоа државата на запад и исток, а сега по вера. И да завршиме со една порака :„Евреите ги водеа 40 години низ пустиња, а Украинците веќе 28 години на  исти грешки. Вам сега ви треба религозна војна“.

А автокефалноста на МПЦ-ОА? Зависи од Вартоломеј. Ако се зафати со политика, тогаш можеби ќе има некои шанси. 

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Што виде Трамп во очите на Путин?

Што виде Трамп во очите на Путин?

Да живее фудбалот, за другото ќе видиме

Да живее фудбалот, за другото ќе видиме

Надежите на Русите останаа во Иванов и опозицијата

Надежите на Русите останаа во Иванов и опозицијата

Амнестија за референдум, погубен пазар за граѓаните на Република Македонија

Амнестија за референдум, погубен пазар за граѓаните на Република Македонија