28 Април, 2024
0.0259

Дали перењето пари и финансирањето на тероризмот треба да се третираат заедно?

Објавено во: Колумни 28 Јануари, 2015

Добивај вести на Viber

Кога се врши анализа на методите што се применуваат за борба со перењето пари на меѓународен план, најпрвин треба да се дефинира организираниот криминал. Многу често поимот организиран криминал создава имиџ на "мафија" која е добро организирана и има силна и ригидна хиерархија. Но, работите не се толку едноставни. За разлика од организираниот криминал во минатото кој беше извршуван од неколку формални или неформални групи, денес организираниот криминал е фактички "неорганизиран". Денес, се повеќе истражувачи се сложуваат дека организираниот криминал не изгледа како некоја корпорација со строга хиерархија, туку како збир од повеќе мрежи кои често оперираат во различни географски подрачја. Организираниот криминал всушност претставува збир од многу фрагментирани, локализирани и флексибилни мрежи на криминалци. Ако се прифати тезата дека организираниот криминал не е организиран (барем не во една или неколку хиерархиско поставени групи), тоа создава голем проблем за борбата со перењето пари. Имено, ако субјектите задолжени за спречување на перењето на пари се соочуваат со јасно дефинирани криминални групи, тие ќе можат со примена на репресивни методи да ги лишат криминалците од уживање во плодовите на нивните активности. Но, репресивните методи немаат голем ефект кај "неорганизираниот криминал", зашто уништуваат само мал дел од криминалната организација, додека другиот дел продолжува непречено да работи. Уште повеќе, ваквата поставеност на современиот организиран криминал им овозможува на неговите приврзаници да уживаат во плодовите од своите нелегални дела уште пред да дојде до нивно гонење и евентуално апсење. Нападите во САД од 11-ти септември дополнитено го искомплицираа концептот на борба со перењето пари. ФАТФ направи обид да ги поврзе перењето пари и финансирањето на тероризмот, иако во суштина се работи за две, различни по природа, криминални активности (субјектите кои вршат перење пари најчесто поаѓаат од економски мотиви, а терористите од политички мотиви). Дури и најзакоравените бранители на тезата за поврзаност помеѓу перењето пари и финансирањето на тероризмот признаваат дека ваквото финансирање многу често доаѓа од легитимни извори. Ако се прифатат горе наведените тези, оправдано се поставува прашањето дали перењето пари и финансирањето на тероризмот треба да се третираат заедно. Без оглед на тоа што и во двата случаи станува збор за криминал, спецификите на овие две појави и големите разлики помеѓу нив бараат различен пристап од страна на институциите кои имаат обврска да им застанат на патот на погоре споменатите криминални активности. д-р Гоце Трајковски Ставовите изнесени во оваа колумна претставуваат лични ставови на авторот и не мора да ги одразуваат ставовите на институцијата во која тој е вработен

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД