28 Март, 2024
0.0261

Данило нашиот здравичар

Објавено во: Колумни 17 Септември, 2020

Добивај вести на Viber

Бадникарите немаа никаква двојба кога дојде време да ги изберат двата лика кои ќе му дадат белег на Бадник 2007, традиција што скопјани здушно ја поздравуваат уште од самиот почеток во далечната 1993 на пазарчето Буњаковец. Кум ќе биде Мирче Даниловски, а здравичар Данило Коцевски. Затоа веста за прераното заминување на упорниот хроничарна настаните во Скопје нѐ погоди сите доеден. Штурото соопштение за смртта кажува многу во ова време кога сите страхуваме за секого......

Но да се сетиме на се што ни беше заедничко и блиско во деновите пред Јануари 2007. Данило ја прифати со задоволство поканата да ја каже здравицата пред скопјани, во пресрет на големиот христијански празник во дворот на Соборниот Храм Свети Климент Охридски. Ние неколкумина се знаевме со него, но повеќето Бадникари го запознаа својот здравичар на средбите што ги организиравме за да ги доближиме нашата улога и активност и на тој начин да му помогнеме да ја подготви здравицата, што е во духот на македонската традиција да не мине ниедна средба на луѓе без да се каже здравица, како што е ред.

Првата средба беше во нашето седиште во работилницата на Електроника на нашиот Мац која ја користевме како наше седиште, а да не кажувам дека таму нашиот покоен координатор имаше и мал вински подрум со убава и чиста лозова ракија испечена од лозјето во Соње. Се напивме по една, две и по некоја трета (како кој) со мезе и убаво расположение и со шеги (предничеше Дечко, а и ние тогаш малку помлади не заостанувавме). Данило се одушеви и оттогаш па натаму се беше лесно, тој беше освоен.....

Ми остана во трајно сеќавање една средба кај Жабар, со нас се Данило и Великанот на македонската поезија Гане Тодоровски. Атмосферата е пријатна и опуштена со вино и убав муабет. Едно време се појави Миле Чомбе пајтонџијата кој дојде да ни го покаже реновираниот пајтон, белегот на некогашно Скопје. Стегнал студ, а пред кафеаната мраз дебел дваесетина сантиметри, а коњите од запрегата се со замотани копита инаку не можат да мрднат по мразот.Тоа како да беше знак седенката да се привршува. Гане станува и гласно коментираат со Данилокај го има ова како во стари времиња да си одиме од кафеана со пајтон. Пајтонот си тргна, а Гане кој живее наблизу ете ти го назад, не сум јас за дома и средбата на наше задоволство продолжи, не знам до кога.....

Со мерак ја гледав емисијата на МТВ „Скопје во нас” во 15 продолженија со Никола Калајџиев и Данило Коцевски снимена во неколку продолженија пред знаменитостите на Скопје. Никола прашува, а Данило во свој стил кажува работи што малкумина скопјани ги знаат. А тој голем дел од денот го поминувал во Градскиот архив на Партизанска, не смее ништо да му помине недокументирано, таков беше Данило документарист до коска. Чувствувам обврска да поместам во овие редови посветени на авторот на скопските легенди и приказни и едно негово писание, млада двојка скопски гости од којзнае каде по бурната љубовна ноќ го пијат кафето под оревот на Бристол, чинам уште го има, а кафеаната  не работи за жал на боемите и останатите вљубеници во градот покрај Вардар.

Има уште многу нешта да се напишат, но сакам да завршам со цитат од здравицата пометена со сите други пишани и фотографирани моменти од нашите и не само наши средби......

.......Традицијата е таа која нас не создала, но да не заборавиме дека и ние самите ја создаваме традицијата. И ова величествено бадниково собирање пред Соборниот Храм Свети Климент Охридски е токму такво обединување на старата и новата традиција иницирано од бадникарите, од луѓето од народот, од духот длабоко вкоренет во нашето минато и во самите нас....

Мојсо Мојсовски  

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?