ДАНСКАТА ПРЕМИЕРКА РАЗГОВАРАЛА СО ТРАМП: Што му рекла за Гренланд?
Објавено во: Свет 16 Јануари, 2025
Премиерката на Данска, Мете Фредериксен му рекла на американскиот претседател Доналд Трамп дека Гренланд има право да одлучува за својата иднина, пренесува Би-Би-Си.
Претходно, Трамп предизвика бура во Копенхаген минатата недела кога навести дека САД сакаат да го купат арктичкиот остров лоциран на данска територија.
За време на 45-минутниот телефонски разговор, Фредериксен вчера му кажала на Трамп дека Данска е подготвена да ја зголеми својата одговорност за безбедноста на Арктикот. Таа ги повторила и изјавите на гренландскиот премиер Муте Егеде, кој неодамна јасно стави до знаење дека Гренланд не е на продажба.
Трамп не одговори јавно, но тој повторно ја објави анкетата од 2019 година на неговата платформа „Трут соушал“ која покажува дека 68 отсто од Гренланѓаните ја поддржуваат независноста од Данска. Се очекува да се одржи референдум за независност, а Данска веќе соопшти дека ќе го почитува секој резултат.
Трамп ја изрази својата желба да го купи Гренланд уште во 2019 година. Откако Фредериксен го нарече предлогот апсурден, Трамп нагло ја откажа посетата на Данска. Во телефонскиот разговор Фредериксен нагласила и дека данските компании придонесуваат за растот и работните места во САД и дека е во интерес на Европската унија и САД да ја зајакнат трговијата.
САД се вториот најголем извозен пазар во Данска, така што целните царини би имале значително влијание врз нивната економија.
Денес, Фредериксен ќе одржи, како што го нарекуваат данските медиуми, кризен состанок со бизнис лидерите, вклучително и директорите на пивскиот гигант Карлсберг и фармацевтската компанија Ново Нордиск, позната по лековите за дебелина и дијабетес кои се популарни во САД. Предвиден е и вонреден состанок на Советот за надворешна политика, на кој ќе присуствуваат претставници од целиот парламент.
Фото: EPA / JENS SCHLUETER