ХАМАС ПОСТАВИЛ НОВИ УСЛОВИ: Дали прекинот на огнот пропаѓа?
Објавено во: Свет 16 Јануари, 2025
Израел сè уште нема да објави прекин на огнот во Газа поради условите што ги поставилa терористичката група Хамас.
Ова го соопшти портпаролот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и додаде дека кабинетот на Тел Авив нема да го одобри договорот што го постигнаа преговарачите во Доха. Портпаролот рече дека израелските претставници остануваат во Катар.
„Вчера мислевме дека имаме договор, денеска Хамас направи измени на овој договор, дури и откако беше финализиран. Сега посредниците се обидуваат да побараат дополнителни компромиси од Израел. Токму вчера премиерот цврсто нагласи дека Хамас мора да го повлече последното барање за промена во распоредувањето на израелските сили во коридорот Филаделфија“, објави портпаролот на Бенјамин Нетанјаху.
Како што пренесува Би-Би-Си, Хамас побарал дополнително ослободување на двајца негови високи членови кои се наоѓаат во израелските затвори.
Вооруженото крило на Хамас денеска предупреди дека продолжуваат израелските воздушни напади и гранатирања во Газа и покрај најавата за договор за прекин на огнот.
Хамас истакна дека со нападите загрозени се заложници, кои треба да бидат ослободени според договорот.
„Секоја агресија и гранатирање во оваа фаза од страна на непријателот може да ја претвори слободата на затвореникот во трагедија“, објавија Бригадите Езедин Ал Касам на Телеграм.
Во првата фаза се очекува постепено повлекување на израелските сили од Појасот, како и ослободување на 33 заложници кои ги држи Хамас, во замена за палестински затвореници.
Катар и САД објавија дека преговарачите во Доха се договориле примирјето да почне в недела, но неколку часа потоа Израел продолжи со нападите врз енклавата.
Палестинците во Газа вчера протестираа, среќни по најавата дека ќе има примирје. На 7 октомври во 2023 година, Хамас го нападна Израел и зема заложници.