25 Април, 2024
0.0249

Дебармаалските солари

Објавено во: Колумни 03 Септември, 2018

Добивај вести на Viber

Податокот дека Македонија има 1400 сончеви часови годишно воопшто не е нов,но тој дека има ниска,скоро безначајна, искористеност на овој вид енергија е безмалку поразителен.Но,мала олеснувачка околност е сознанието дека македонецот(жив ѓаол-сиромашен но, со текнувало) ја користи сончевата енергија одамна.

Мојата генерација израсна капејќи се летно врема со вода греана на сонце.....  Дебармаалските дворови  во жешките месеци,а и во помалку жешките, беа украсени со своевидни соларни колектори од типот- лимено корито.Зошто коритото полно со вода од чешма мајка ми го ставаше да се се грее на сонце само во сабота останува енигма-можеби се робувало на познатата српска сентенца(једва чекам да доѓе субота да се окупам)!Како и да е откако вечно дежурната во нашето семејство за одржување на хигиената на ненормално избербатената челад(машката се разбира) ќе констатираше дека водата ја има „работната температура“,не спаструваше за капење и заедно со помалата сестра не ставаше во коритото со солидно топла,дури жешка вода.....не потура со лонче и не насапунува со сапун за перење алишта (марка„Сапонија Осијек“ неизоставно) ..пржат очите но мора да се молчи,зошто хигиеничарката е од лоша полоша(преку глава и е од обрски,ова и е капак).Се капат скоро сите у маало на улицата „Дане Крапчев“,а кога ќе се појавиме чисти и преслечени да ти е мерак да не гледаш,но не за долго.....до вечер сме во истата состојба по безбројните детски лудории.

Како ли му беше на Тарзан,скопската легенда, кого го гледавме на Вардар како се капе во студената река уште во мај,со сапунот во рака си пее(како да е во некое монденско капалиште)-се капе а не мора,си констатираме во нашите скоро празни главчиња,мали и неискусни!

Подоцна откако се преселивме во Циган Маало, ја sиркаме Илона чистачката во Железничка амбуланта како полугола се капе секој ден на пумпата во дворот,бевме ни ваму ни таму со годините,ама не ни е јасно која е таа сила што ја тера да се капе секојдневно.....

А дома голем напредок во одржувањето на хигиената-во шупата во дворот имавме када и котел со туш што се грее на дрва и стари весници....ритуалот е стариот,ден за капење сабота,најпрво ние децата па старите.Моите маалчани секоја сабота чопоративно одат на капење во Стара –Нова бања.....мажите,па жените па на крај децата,беше усталениот ред.Фати земјотресот и по едногодишните перипетии низ разни привремени пребивалишта,што значеше кога бањан кога небањан,дојдовме во бараката во Тафталиџе,а таму по Чешки стандард(тие беа помош од Чехословачка)во бањите покрај када и мијалник и казан со туш приклучен на водовод,а се грее на тврдо гориво....Подоцна гусените горилници некои по двор ги користеа за скара,а некои како жардиниера за цвеќе.Дојдоа бојлери на струја на ред,но и мрсни сметки за ЕСМ.Бојлерот се вклучува само за капење,ќе смлачи малку и повторно на нула,се знае во саботите....

Сега во овие понови и помодерни денови нагло осамнаа соларни колектори по покривите и сончевите делови на дворовите...полека,но сигурно(освестио се радник).Општината дава субвенција за купување и монтажа.....жива згода,особено лете.Сонце до немајкаде,а топла вода кога сакаш.Не чекаме сабота одамна за да се капеме и уредуваме,а сметката за струја да ти е мерак да ја гледаш,барем лете дури пече sвездата,а зимоска ќе видиме,ама враќање назад нема .....наша работа, сонце на овие простори има во изобилство којзнае од кога,ама новово искуство е фришко,ама ќе остане за навек,се надеваме,како и сеќавањето за коритата по дворовите на Дебар маало и другите скопски маала!  


Mojсо Мојсовски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок