29 Март, 2024
0.0244

Децата од улицата Дане Крапчев

Објавено во: Колумни 19 Август, 2020

Добивај вести на Viber

За оние што не знаат оваа улица е во срцето на Дебар-маало. Му доаѓа некако како трансверзала меѓу Партизанска и Орце Николов-а не е Рузвелтова ниту 29 ти Ноември. Секогаш кога по некој повод ќе поседам на чашка-две муабет и мезе во пицеријата „Ники“ ми се враќаат слики од минатото,од најраното детство.

Тука сме дојдени во 49-та по моето раѓање и краткиот престој на мансардата на палата Мацура на  Орце Николов 10. Требаше да се приспособи една училница во железничкото школо, односно да се прегради и некако да се спастриме во две соби, ние четворицата, со сестричката. Куќава со број 6-а е приказна за себе. Жители колку ти душа сака. На таванот Алекса и Рокса со три ќерки. Главниот простор и најголем го држат Стојна и Цветан машиновозач со две ќерки, во некогашна некоја мала просторија Мица и Богољуб со малиот Дуле и ако мислите дека тоа е целиот список на станари се лажете-во сутеренот во некакви провизириуми Ранѓел и Радивој со младите сопруги,кондуктери во железничката станица.

До оваа таканаречена станбена зграда имаше убава ниска куќа со повеќе простории со двор и многу зеленило во која живее семејството Живковски Перса и Ѓоко со Душко и Владо, а подоцна како дете на љубовта доаѓа Миланче поради што Дута трпеше несолени шеги од другарите што почнаа да подразбираат дека бебињата не ги носат штркови туку......се дур некој од нас не доби заушка од која зунеа ушите со часови. Душко беше крупен, ако за некого можам да кажам дебел (мене првиот прекар ми беше дебелиот) имаше апетит за тројца-еднаш да ти го најде зелникот од баба Тута и целиот да го изеде-„бев бајаги гладен и се заборавив“ се правдаше, а брат му нешто му пререкол па му ја врзал една (не го удрив многу а тој се онесвести). Подоцна стана борач во слободен стил тешка категорија, а кога немаше натпревари се бореше по скопските села на пеливански турнири на кои се знае најдобар и награда вол или јуне што мора да се продаде на сточен пазар. На број 8 се направи нова и пространа двокатница за Андон Донку и Калипса со Крсто (Ставре)и Хариклија моја соученичка кај Цонка Милошевиќ во Карпош. При изградбата заедно со Миле-Кепе син на професорот Круме Кепески кој направи куќа карши Живковци и со Атанасчо-жена во темелот кој беше полн со вода направивме сплав со кој ѓоамити пловевме со Кон Тики и за среќа никој не се удави во длабоката и студена вода. Атанасчо беше воспитано и учтиво дете единец на кројачот Боро и жена му Маре бугарката. Почина од срце-имал маана, а Маре на секој од нас ни подари по нешто од облеката на синчето. Беше за нас тоа прва средба со смртта, а не ни бевме нешто свесни за тоа.

Перса да ти била од семејството Градишки и Боро познатиот уметник откако одрапал долго во затвор во Идризово за слободоумни идеи се вработува во Македонски Фолклор и црта досадни шари за килими што се повторуваа до бесконечност. Побарал нестручна помош на малите дебармаалци и ние едно цело лето го поминавме во неговото ателје кај кино Балкан.Добивавме мустра и некакви табаци си квадрати водени бои и четкички и до бесконечност ја повторувавме килимската шарка-урнек за ткајачката или ткајачот, кој го знаеше тоа.А ателјето беше царство на уметноста и убавината. На крајот Боро Градишки богато не награди за успешната работа.

Куќата со Боро шнајдерот ја делеше Боро тишлерот со Драгица и трите ќерки.Често одев кај него и му помагав а тој не се бунеше.....го сакав дрвото како материјал и поднаучив доста почетни тишлерски штосови. Подоцна дознав дека и дедо ми Мане и неговиот татако Мојсо имале работилница во Тресонче каде што изработувале дограма и по некој дел од мебелот. За бесконечно долгите престои во паркот, Учителска и Золошка не ни спомнувам тоа се подразбира како и за капењето на Вардар на Руска поточно-па таа е дебармаалска плажа забога. На еден остров направивме колиба и си игравме Робинзони и Петко, во наредените цигли спремни за градба ни беше Аламо и кулата на Дејви Крокет.

Нема да почувствуваш, а еве го крајот на август и несаканата мисла за уште еден почеток на школска година. Нови книги, а и нови обувки зашто цело лето си бос и шлапатарката ти пораснала-кога ти пораснала панџава лани ти купив нови сандалки прашува татко ми Ѓорѓија, а ја трепкам како врана на ветру очекувајќи грмотевица од патер фамилијас кој пак за волја на вистината ме немаше пипнато, за разлика од Јела која ме дрвеше насвакое-ако се удавиш дома да не ми идеш......логично предупредување на потресените дебармалски мајки.....

Не знам зошто се сетив дановиве на Децата од Павловата улица од Ференц Молнар......тие беа две банди во Будимпешта кои на свакое се тепаа и расправаа, а децата од Дане Крапчев беа сосема нешто друго, но вредно за спомен и сеќавање! 

Mojсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?