14 Декември, 2025
0.0354

Дејан Азески: СДСМ е „радикално прозападна“ партија без контакт со своите антифашистички корени

Објавено во: Македонија 09 Јули, 2022 07:04

Добивај вести на Viber

Ако некој пред 30 години кажеше дека СДСМ ќе биде партијата која „од петни жили“ ќе се обидува да најде компромис со Бугарија, и тоа да го прави „голтајќи“ ги сите провокации од соседот, да тврди дека биле „администратори“ во Втората светска војна, да има желба да менува историја во учебници и натписи на споменици, тогаш најверојатно многумина би го сметале за „будала“.

И денес, Владата предводена од СДСМ упорно се обидува да го „протне“ договорот со кој Бугарија би го симнала ветото за почеток на преговорите за членство во ЕУ, несвесни за се што ќе следи во тој макотрпен процес и со колку уште отстапки, понижувања и национални порази ќе мора да се соочиме.

Но, добар дел од членството и симпатизерите на СДСМ, многумина од нив директни потомоци на борците против фашистичкиот окупатор, многу тешко ќе прифатат ваков предлог. Затоа анализираме со новинарот и историчар Дејан Азески. Според него таквиот сентимент, сепак е резервиран за „постарото“ членство на СДСМ, но не и кај „помладите“.

Фактор: Како припадниците на СДСМ, наследничка на Сојузот на комунисти на Македонија, може да го проголтаат“ предлогот во кој се вклучени дел од позициите на Бугарија. Токму оспорувањето на антифашистичката борба и националната историја која Бугарија бара да се промени, природно е наследниците на НОБ најжестоко да се спротистават. Дали по ваков чекор може да следи силен отпор внатре во СДСМ и сродните партнери?

Дејан Азески:СДСМ, со СКМ, односно КПМ како нејзини најдиректни претходници е основана на 19 март 1943 (во Тетово), среде виорот на бугарската и албанската фашистичка окупација со единствена цел ослободување и обединување на целокупна Македонија. Историјата е непогрешно прецизна дека Вардарска Македонија тогаш била поделена по линијата Крива Паланка- Охрид (Подмоље) помеѓу германската интересна сфера чии слуги и прости извршители биле Бугарите и Италијанска окупациска зона која била целосно препуштена во рацета на албански профашистички организации како „Бали Комбетар“. Така да историски гледано постарите членови на СДСМ немаат само една причина да бидат незадоволни и фрустрирани од моменталната ситуација.

Но, сепак тоа е 1943 година, а сега сме 2022 година. Во меѓувремета таа славна и горда „Титова“ или „Лазова“ партија доживеа низа тектонски реформи и трансформации кои веројатно биле неопходни за да опстои толку долго. Последната таква голема реформа на партијата се случи после 2014 година кога партијата од умерено проевропска стана екстремно про американско-британски ориентирана без никаква можност за разговор и компромис по ова прашање. Во цела континентална Европа прашање е дали во моментов има друга владејачка партија во која Вашингтон има толкава безкомпромисна поддршка, лојалност па можеби и идеопоклонство.

И не треба да се лажеме дека ова е изолирана појава во раководството туку ваквите идеи се масовно проширени помеѓу најголем процент од помладите и нови кадри на СДСМ. Зашто? Затоа што тие кои десет години искрено страдаа и гинеа по барикадите против режимот на Груевски се апсолутно свесни дека никогаш немаше да дојдат на власт без најдиректната интервенција на САД ниту пак дека ќе останеа на власт цели пет години повторно ако не беа интересите на Вашингтон. Така да меѓу оваа СДСМ и западните интереси е створена таква нераскинлива врска што илузорно е воопшто да се анализира ова прашање.

Кратко кажано: ако моменталниот американски геостратешки интерес е Македонија сместа да почне некакви фиктивни преговори со ЕУ (веројатно за да не се остава бришан простор) тогаш СДСМ тоа ќе го испорача па макар и преку гробовите на повеќе од 25.000 нејзини членови кои го дале животот во борбите со бугарскиот и албанскиот фашистички окупатор.

Фактор: Ова е можеби втор тежок компромис по ред кој Македонија мора да го понесе за повторно да ги одблокира евроинтеграциите, откако претходно се соочуваше со ветото на Грција, а се веќе две години формално и со ветото на Бугарија. Колку зголемените сомнежи и недостигот на доверба во институциите од Брисел спречува поширока национална поддршка за следниот чекор кој од нас го очекува ЕУ?

Дејан Азески: Нас Европската Унија (ЕУ) од почетокот ни беше прикажувана како некоја тешко освоива или неосвоива девојка од нашите соништа за која треба да сме спремни да се откажеме од буквално сѐ. Но, после 30 години чекање природно е дека таа млада и убава дама во нашите очи се претворила во некаква „стара и исфрустрирана баба“ за која реално подршка не даваат ниту 60% од нашето население. И тоа зборуваме од целото население на РМ. Ако ги издвоиме само етничките Македонци прашање дали подршката за ЕУ е поголема од 50%. И реално да зборуваме и ова е многу - после сите брутално понижувања кои ги имаме доживеано од оваа тотално нефункционална организација со многу неизвесна иднина. Гледано од перспектива на политички маркетинг и ПР ако можат да се издвојат десет недозволиви точки за рушење на сопствениот рејтинг помеѓу Македонците, ЕУ апсолутно ги исполни сите десет. Така да на краток рок (од барем две децении) во овој однос нема ниту љубов ниту иднина.

Фактор: На што се должи овој еден вид на поданички“ однос на СДСМ кон меѓународните партнери, јасно е дека членството во ЕУ е главна определба и неизбежна за развој на земјата, но повторно имаме чувство дека компромисите се прават на наша штета и дека сме додведени пред свршен чин?

Дејан Азески: Прашањето веќе го одговорив претходно. Само ќе додадам дека убаво е тоа што сме лојални кон нашиот за жал единствен стратешки партнер (САД) – но, во никој случај не треба да бидеме фанатично лојални. Вака почнуваме на личиме на американска верзија на чеченските одреди кои безглаво гинат за туѓи интереси.

Фактор: Опозицијата обвинува дека со прифаќање на процесот ќе следи бугаризација“ на Македонија со оглед на алатките кои и се ставени на располагање на Бугарија во делот на почитување на доброседските односи“. Доаѓаме ли до апсурдна ситуација во која ВМРО-ДПМНЕ е против влијанието на Софија, додека пак СДСМ од првиот мандат на Зоран Заев до денешните постапки на премиерот Ковачевски најмногу се труди да дојде до договор со источниот сосед?

Дејан Азески: ВМРО во својата долга историја секогаш имало две струи. Едни секако биле „врховистите“ бескрајно лојални на софискиот двор и влада, а други биле оние како Делчев, Сандаски, Ѓорче Петров и сл. кои уште тогаш отворено се спротивставувале на тоа. После нив ги наследиле помладите генерации како Димитар Влахов па и уште многу помладите како Драган Богдановски кои навистина многу повеќе превагнувале према Македонија отколку према Бугарија. Така да не е чудно што ВМРО после 30 години од независноста има изградено автентично македонско национално чувство кое очигледно многу им смета во Софија. Приказната за еволуцијата на членството на ВМРО од благопробугарско во 1990 година до изразено промакедонско во 2022 година е многу слична на еволуцијата на македонското национално чувство од 1944 година или уште подобро од 1912 година до денес.

Х. С. 

Можеби ќе ве интересира

Филипче повторно повика пратениците да ја потпишат декларацијата на СДСМ за мигрантите

Филипче повторно повика пратениците да ја потпишат декларацијата на СДСМ за мигрантите

МАКЕДОНИЈА ИМА СИЛА ДА БИДЕ НОРМАЛНА ЗЕМЈА: Тошковски вели дека сме станале вистински Европјани

МАКЕДОНИЈА ИМА СИЛА ДА БИДЕ НОРМАЛНА ЗЕМЈА: Тошковски вели дека сме станале вистински Европјани

„ВИСТИНАТА Е ДЕКА МИНАТАТА ВЛАСТ ИЗРАБОТИЛА НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА ЗА ПРИФАЌАЊЕ МИГРАНТИ 2017-2027“: Мицкоски за темата со мигрантите

„ВИСТИНАТА Е ДЕКА МИНАТАТА ВЛАСТ ИЗРАБОТИЛА НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА ЗА ПРИФАЌАЊЕ МИГРАНТИ 2017-2027“: Мицкоски за темата со мигрантите

Стафа примил мито од 50.000 евра за да влијае кај судија

Стафа примил мито од 50.000 евра за да влијае кај судија

СЕ ОГЛАСИ ДИМИТРИЕВСКИ ЗА МИГРАНТСКИТЕ КАМПОВИ: „ЗНАМ нема никогаш да даде поддршка“

СЕ ОГЛАСИ ДИМИТРИЕВСКИ ЗА МИГРАНТСКИТЕ КАМПОВИ: „ЗНАМ нема никогаш да даде поддршка“

Крај на опасната крстосница во Аеродром: Се поставува семафор на улицата Васко Карангелески

Крај на опасната крстосница во Аеродром: Се поставува семафор на улицата Васко Карангелески

ТОШКОВСКИ ПОТВРДИ ДЕКА Е УАПСЕН ПОРАНЕШНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ФЕХМИ СТАФА: Повеќе детали најавува наскоро

ТОШКОВСКИ ПОТВРДИ ДЕКА Е УАПСЕН ПОРАНЕШНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ ФЕХМИ СТАФА: Повеќе детали најавува наскоро

ВИДЕО: ДЕЦА КРВНИЧКИ СЕ ТЕПАА ВО САРАЈ: ОЈО побара судска постапка спрема 5 деца

ВИДЕО: ДЕЦА КРВНИЧКИ СЕ ТЕПАА ВО САРАЈ: ОЈО побара судска постапка спрема 5 деца

Макстил: Информациите за пожар не се однесуваат на нашата компанија

Макстил: Информациите за пожар не се однесуваат на нашата компанија