Денот на рударите: Најдобрите 11 добија мезе и плакети, но не и пари
Објавено во: Мои пари 27 Август, 2013
Рударските униформи со свечена облека денеска ги заменија дваесетина рудари, а наместо во рударското окно денот го минаа на церемонијата за одбележување на Денот на рударите. Добија плакети за најдобри рудари во текот на изминатата година, но не заборавија да кажат дека се занимаваат со тешка и ризична работа. Прашани дали се задоволни од висината на платата, велат: за македонски услови не е лошо.
„Условите за работа во рудник се тешки и затоа е потребно големо внимание и од нас како работници и од сопствениците, кои треба да ни обезбедат соодветна опрема, вели Сашо Крстески, вработен во рудник за мермер во Прилеп“, објави „Телма“.
Кирчо Минов веќе 25 години работи во рудникот за бакар и злато Бучим. Вели, иако се работи за површински коп и не оди под земја, рударската работа во секој случај е тешка и сложена.
„Влијаат и атмосферските услови, се работи на отворено, процесот тече 24 часа на ден. Зимно време работиме на -20 степени, а летно на +50 така што човечкиот организам треба да биде физички подготвен и издржлив“, објаснува Минов.
Во последните неколку години во Македонија на работното место животот го загубија десетина рудари, од кои најголем број во рудникот Саса. Од Македонската асоцијција за рударство тврдат дека рудниците ги почитуваат стандардите за заштита на вработените.
„Рударството е тешка професија и за жал не треба да не чудат и изненадуваат несреќните случаи, но мене ми е особено жал што многу од несреќите се резултат на невнимание или непочитување на редот и дисциплината. Како менаџери мора да работиме на ова, рударите на работа да доаѓаат среќни и подговтени за она што ги чека во рудникот, изјави Николајчо Николов, претседател на Македонска асоцијација за рударство, пренесе „Телма“.
Просечната плата на рударите во Македонија изнесува над 400 евра. Од Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство сметаат дека е неопходно зголемување на платите. Исто така ги повикаа рударската и трудовата инспекција да вршат почести контроли во рудниците, особено во делот на безбедност при работа.
„Не можеме да бидеме најзадоволни со се` она што е врзано за рударите, без разлика дали се работи за плати, за безбедноста на рударите итн. Платите иако се нешто над просекот во РМ, сметаме дека се ниски имајќи ги предвид карактерот и тежината на работата“, рече Пеце Ристевски, претседател на СИЕР.
Во Македонија има регистрирано над 120 рудници во кои работат околу 10.000 лица. Рударството учествува со 35 отсто во вкупното индустриско производство на земјата.