03 Мај, 2024
0.0241

Деца на транзицијата

Објавено во: Колумни 13 Октомври, 2015

Добивај вести на Viber

Роден сум на крајот од седумдесеттите. Доба кога минатиот систем беше во својот зенит. А растев во зачеток на еден друг систем. Имав „среќа“ да почнам да се осознавам себе си, да се развивам во транзициското доба. Ова е текст за самоспознавањето на таа трагична транзициска генерација. Не сакам да се разбереме погрешно – не кукам, не плачам, не се жалам, едноставно констатирам фактичка состојба. Кога „рокна“ „озогласениот“ комунизам, јас бев на преминот од основно во средно училиште. Таман кога еден поединец зрее, се самоосознава и станува општествено активен. Ова е обид и јас самиот да си разјаснам – кои беа последиците врз таа моја, транзициска генерација во такви транзициски околности. Страшни! Прво, нас останаа да нè воспитуваат и образуваат генерациите на кои системот во кој веруваа им се распадна пред очи. Замислете ја генерацијата воспитувана на верба во комунизмот, како пред нос им се руши таа верба. И што таа генерација може да пренесе на нашата, на каква вредност може таква генерација да нè научи нас – транзициската генерација!? На ништо, освен на страв! Со тоа, нашата транзициска генерација стана психотична, неуротична генерација, затоа што е воспитувана од исплашени татковци и мајки. Тие исплашени родители не можеа ниту нешто вредно да пренесат затоа што видоа како сè што е вредно за миг се распаѓа. Па потсвесно ги прогонуваше недовербата – на што да ги научат своите деца, што е тоа вредно што може да им го пренесеме, кога нема ништо вредно!? Сè уште го паметам очајот во очите на мајка ми кога почна војната во Словенија. Како сега да ја чувствувам паранојата на татко ми со која трупаше прехранбени залихи во подрумот. Му ја паметам позата во фотелјата после прогласувањето на „технолошки вишок“.  И на што таква генерација можеше да ја научи нашата, транзициска генерација; што можеше да ни каже што ќе вреди, на што вредно требаше да не подучи!? Учи, биди чесен, работи, труди се…На ништо драги мои транзициски соборци, никаква „вредност“ немаа право да ни пренесат нашите родители, затоа што видоа како сето вредно пред нивни очи се сронува. Нашата транзициска генерација е со наследен нихилизам. Во тоа е нашиот првороден грев, тоа е нашето бреме. Тоа пак, од своја страна, дополнително беше потхранувано од новите транзициски услови. Песимизмот стана состојба на нашата генерација. Зошто го тврдам ова? Ќе ви илустрирам низ пример. Замислете ја генерацијата на вашите родители. Претставете си ја за миг државата во која тие растеле, во која тие зрееле, во која тие создавале. Земјата која `45 излегла од војна, до `50 се консолидирала и замислете – од 60-80-тите таа земја, таа држава направила, изградила сè. Дали си го замислувате тој дух, дали можете да си претставите каков оптимизам, каква надеж, каква верба всадувало тоа во луѓето, кога за само 20 години изградиле сè! Да поедноставам – претставете си го градот во кој живеете. Еве, јас си го замислувам мојот Штип и како во него шетаат моите родители. Тргнуваат од Ново Село, историското Ново Село на Ванчо Михајлов, Тодор Александров и Киро Глигоров и шетаат. Шетаат во една фиктивна, драматуршка прошетка, шетаат дваесет години и пред нивните очи никнат: Домот на култура „Ацо Шопов“, изграден по светски стандарди, никнува Градско собрание, никнува Основно училиште „Ванчо Прке“, никнува Хотел „Астибо“, никнуваат фабрики: „Македонка“, „Астибо“, „Ѕвезда“… се градат болници, градинки...и сето тоа архитектонски совршено, функционално перфектно и со ум. Дали сте влегле во градинка направена во тој период – скалилата по кои се качувате се ниски, направени за дечиња, тоалетите се со мали лаваба, мали шолји, мали чешмички, просториите по стандард…. И сега драги мои транзициски соборци, направете ја истата прошетка по вашиот град денес. Еве, тргнувам јас по мојот Штип, од истото Ново Село, исто толку славно колку и за моите родители. И шетам, шетам така цели дваесет години, исто толку колку што шетале и моите родители. Шетам дваесет години! А дваесет години се цел живот, драги мои транзициски соборци, цел еден живот е тоа. Замислете дека толку отприлика трае творечкиот, работоспособниот период на секоја индивидуа. Од 22-23 години во младоста, до 52-53 во зрелото доба, човекот е во својот творечки зенит! Исиот тој живот – попусто потрошен, фрлен, згазен, загубен! Шетам по истиот тој Штип кој им влевал оптимизам, надеж, верба на моите родители. И замислете си, само претставете си како се чувствувале тие кога гледале како цел еден град никне пред нивните очи! Разбирливо е дека биле среќни, ведри и оптимистични, затоа што гледале каде оди нивниот труд, гледале што се прави со нивните пари, знаеле зошто работат. Само за миг претставете си како изгледа тоа кога калта од улиците која до вчера ја газеле, сега е претворена во асфалт. Коњските коли како се заменуваат со автомобили. Па како да не се полни со елан и желба за творење. Па како тоа да не бил Штип кој го сакале! Ама овој мој Штип за дваесет години нема камен на камен ставено, нема тула една преместено, а тоа што останало од прошетката на моите родители се распаднало, не можеме да го обелиме, а камо ли да го реновираме. А ако се прелажете и да поверувате дека сепак нешто е изградено, подзастанете, подразмислите. Не бадијала погоре ви споменав дека сè што порано се градело било по врвни стандарди. Така што, кога денес ќе ја погледнете спортската сала која никнала во вашиот град имајте на ум дека тоа не е сала, ами ШТАЛА. Споредете ја на пример Штипската сала во ОУ Тошо Арсов и новата? Погледнете го новиот, обично доградениот дел, на некоја градинка – тоа обично е ради-реда од зорт, од избори до избори, изградено за гласови, а не за вистинските потреби на децата. Кога порано граделе, промислувале, просудувале и воделе грижа за вистинските потреби на заедницата. Денеска градат за да крадат. Затоа имам предлог - локалните моќници да се избираат со мандат од 10 години, ве молам. Затоа што овој краток рок од 4 години гледаат да направат нешто ради-реда, колку да ги освојат гласовите и со тоа ТРАЈНО го упропастуваат градот! Ве молам, доста градевте! И да се вратам на темата мои транзициски соборци. Од таквата прошетка по вашиот град, произлегуваат и различните духовни состојби на различните генерации. Претходната генерација, шетајќи уживала во глетката на создавање, нашата се срамела и плашела од глетката на распаѓање. Глетката денес, не може да роди верба, оптимизам и надеж драги мои транзициски соборци. Затоа и ве разбирам кога 230 илјади за десет години сте ја здувнале! Оти со тој песимизам, со таа глетка, со таа прошетка, драги мои, тешко се живее! Д-р Трајче Стојанов    

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина