25 Септември, 2018
0.3240
    ADIN 560    0%     ALK 8011.26    0.13%     BESK 10100    0%     CEVI 1000    0%     FERS 61100    0%     GRNT 820    0%     KMB 5178.93    0.08%     MERM 2200    10%     MPOL 320    1.91%     MPT 47284    0.58%     MTUR 4800    0%     OHB 6665.78    1%     OKTA 4307.96    0.28%     RMDEN13 95.12    -1.94%     RMDEN17 96.2    0.1%     STB 1115    0%     STIL 128.55    0.05%     TTK 1140    0.44%     UNI 2300    -0.32%     VITA 9189    4.81%

Детство во Чаир

Објавено во: Колумни 08 Септември, 2018

„Шут, гол....не е гол драги слушатели“. Ова е заштитиниот  знак на долгогодишниот радио-репортер на Македонското радио Ивко Панговски. Мој долгогодишен колега, сега пензионер, подалечен сосед во Тафталиџе, а пред се еден од моите новинарски учители. Се согласи без поговор и со задоволство на разговор за неговото детство и младоста во Чаир, едно од најстарите скопски маала.

Поентата што провејуваше низ целиот разговор, што континуирано протече без пауза дури и за кафето што го испивме работно, што би се рекло, беше: во Чаир се живееше скромно, работно, сложно, без никакви проблеми, иако населението отсекогаш било со мешан карактер. Македонци, Турци, Албанци, Роми, Евреи живееле како еден-се помагале, се дружеле, се веселеле и тагувале, спортувале и пееле заедно, еден до друг, а не еден покрај друг.

Кажува со восхит и со некаков сјај во очите,без тага по минатото, за своите детски денови по чаирските улици и полјани, каде што играл фудбал (топка од партали), ашици и  водел детски  војни со прачки и камења на Гази Баба, за симид погачите и бурекот од многубројните чаирски фурни во кои постарите носеле катадневно леб и турли-тави на печење, за зрелите и сочни чаирски патлиџани што ги кинеле од бавчите што ги имало насекаде, околу секоја куќа, што со парамен леб биле основната храна во летните посети на плажите на Вардар(преку Француски гробиште), но и на Мала и Голема Серава и на Чарска Река што носеле  бистра и свежа вода од Скопска Црна Гора се до вливањето во реката што го дели Скопје со векови на два дела.

Ја слушнав од Гале и песната-химна на култното скопско маало која дословно ја цитирам( иако сме ја слушале во друга верзија испеана од Влатко Стефановски)-„Чаир мала није шала,ќор Томчета опљачкала....“. Томче е вистинит лик од неговото детство со хендикеп, од чија градина љубеле да крадат овошје и зеленчук на пат за на плажа, а Томче тоа не го гледал но го чувствувал и викал по нив:„Ќе ви ибам све,само ако ве фатам, ќе ве утепам од ќутек.....

Од секојдневните дружби со врсниците Ивко научил повеќе јазици, но и тие го научиле убаво македонскиот, без предрасуди и со мерак и ќеф. Јаделе ашуре и пелте, бурек, пити, колачиња и безгрижно растеле, славеле слави, оделе по цркви џамии, одбележувале Бајрам и Рамазан, Свети Ѓорѓија, летен и зимски, и не мислеле на ништо друго. Им било убаво и безгрижно..

 Со отворени очи го сонува својот чаирски сон мојот соговорник. Галичанецот со постојан четири децениски престој во ова скопско маало, кој како штотуку проодено дете директно од познатото мијачко гнездо со семејството се доселил во пространата низина во северозападно Скопје што се простира се до Скопска Црна Гора.

Во мислите и сеќавањата се враќа назад и стои на мостот кај Битпазар на улицата Цветан Димов што во негово време ја викале, како поинаку, ако не „главна улица“. Од левата страна гордо се издига минарето на Јаја Паша, голема турска џамија, но ги нема куќите околу неа. За нив вели дека требало да останат и да сведочат за едно време, овие сегашниве не му се вклопуваат во идиличната слика. Ја нема ни фурната на чичко Манас, каде што во секое време имало вкусен геврек и симидпогача.

Улицата Цветан Димов го добила името по овој чаирчанец-народен херој кој во 42-та по ѕверско мачење бил фрлен од прозорец на  бугарската полициска управа во август,а потоа неговото тело со најтроги мерки на безбедност, во присуство на голем број жандарми и агенти било погребано на гробиштата во близина начаирско Циган маало. Цветан,како и повеќето членови на семејството Димови бил шнајдер, а меѓу комшиите бил познат и како голем песнопоец, впрочем такво било и целото опкружување, вредно и сиромашно, но чесно и весело. Го има формирано и фудбалскиот клуб „Балкан“ на кој кралот Александар Караѓорѓевиќ во дваесеттите години му го подарил просторот, каде шти ден денешен се наоѓа стадионот во Чаир, во близина на месното пазарче. „Балкан“ се натпреварувал во тогашната Југословенска лига зашто се уште не бил формиран „скопски ,односно јужнобановински потсавез“. Чаир е  гнездо на македонскиот  фудбал-уште пред многу години добил и женски фудбалски тим.

Ни останаа и други теми за сеќавање на Ивко,но имаме време и за нив.... 

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Ајвар наш насушен

Ајвар наш насушен

ГЛОБАЛНИОТ СВЕТ И ПРОИЗВОДСТВО НА ХРАНА

ГЛОБАЛНИОТ СВЕТ И ПРОИЗВОДСТВО НА ХРАНА

Израел и Сирија се препукуваат, а гинат Руси!

Израел и Сирија се препукуваат, а гинат Руси!

Бела книга, подарок за премиерот, министерот за култура, за советникот Висар Вишка и пратеникот Мухамед Зекири

Бела книга, подарок за премиерот, министерот за култура, за советникот Висар Вишка и пратеникот Мухамед Зекири