03 Мај, 2024
0.0258

Девизните резерви ги зголемивме со задолжување, а не од успешно работење

Објавено во: Колумни 10 Декември, 2014

Добивај вести на Viber

Власта не застанува. Со ист интензитет продолжува да ги истакнува резултатите од досегашното работење, со намера да ја ублажи критиката од опозицијата која за воља на вистината во последниот период добива на динамика. Со оглед на веќе воспоставената општествена атмосфера, никој од владеачката стуктура  не очекуваше да укажат на евентуални направени грешки ( што не би било страшно), но уште помалку некој очекуваше да се служат и со полувистини за да го подобрат имиџот и да го оправдаат владеењето. Но за жал, во тоа отидоа толку далеку што дури и нивните приврзаници се чудат зошто им треба тоа. Не навлегувајќи во психолошка анализа  на актерите зошто им требаат и такви потези, недолично е во јавноста да се оди и со очигледни аргументи-полувистини каков што е случајот со порастот на девизните резерви во земјата. Притоа, се изрази воодушевување дека тие   годинава се зголемиле за 22% во однос на крајот од минатата година. Девизните резерви на крајот од минатата година изнесуваа  без малку 2 милијарди евра, а во септември годинава  достигнаа износ од  2,4 милијарди евра, што претставува пораст од 400 милиони евра или раст од 22%. Е тука се работи за  полувистина. За да ја видиме целата вистина точниот податок мора правилно да се протолкува.  Имено, „рекордниот пораст“ на девизните резерви произлегува од таму што земјата во јули годинава создаде нова обврска спрема странство, издавајќи ја третата еврообврзница во вредност од 488 милиони евра. Значи, девизните резерви се зголемија со пораст на јавниот долг. Дури може да се каже дека дел од нив (88 милиони евра) и се потрошени  до октомври годинава за потреби на државата. Нема потреба од подетална анализа на податоците за да се види дека од 2012 година девизните резерви имаат тренд на опаѓање. Во 2012-та тие изнесуваа 2,19 милијарди евра, а во 2013 година-1,99 милијарди евра. Без износот од обврзницата кој стаса во НБРМ, девизните резерви би биле помали од лани. Ваквата аргументација покажува дека нема место за воодушевување во сегментот на девизните резерви во секторот на односите на земјата со странство. Се’ уште е добро што земјата успева да се задолжи во странство. Меѓутоа, порастот на девизните резерви со зголемување на задолженоста во странство не е за фалење ниту е можно да се смета на такви резерви на подолг рок. Тие брзо се „топат“, бидејќи, во основа, се наменети за отплата на достасани долгови. Штом се платат долговите, резервите ќе се намалат доколку нема прилив на девизни средства врз основа на извозни активности. Впрочем,   улогата и значењето на девизните резерви упатуваат кон заклучокот дека тие се најдобри, најсоодветни, кога се создаваат преку остварување на суфицит во тековните трансакции на земјата со странство, како израз на нашата конкурентност на странските пазари. И само како такви тие можат да бидат основа за изразување на задоволство од остварените резултати во сферата на односите со странство. Затоа, полувистина е, да не речеме манипулација со јавноста, ако се зборува за порастот на девизните резерви, а не се каже и начинот на кој тие се зголемиле, бидејќи постојат и начини од нужда (создавање на нов долг), за кои не може да се каже дека се резултат на успешно работење. Напротив. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина