27 Април, 2024
0.0270

Дијалог без алтернатива - нова видео рунда на претседателите Бајден и Путин

Објавено во: Колумни 13 Декември, 2021

Добивај вести на Viber

Минатиот вторник очите на меѓународната јавност беа свртени кон видео самитот меѓу американскиот и рускиот претседател, Џо Бајден и Владимир Путин. Двајцата претседатели по разговорите кои траеја подолго од два часа, беа едногласни. Нема замена за дијалогот. И Бајден и Путин јасно и директно си кажаа што имаа да си кажат. Се договорија нивните тимови да работат врз проблемите кои беа спомнати на самитот. Нивна лична средба во блиска иднина не се најавува, но не се исклучува да има наскоро нова претседателска видео рунда. Тоа ќе зависи од резултатите на работата на тимовите на претседателите.

Руската страна по самитот најави дека за неколку денови ќе им прати на Американците свои видувања и ставови за прашањата кои беа тема на разговорите на Бајден и Путин.Се чини дека првото прашање веќе е на дневен ред. Од денес до среда Москва и Киев ќе ги посети помошникот на државниот секретар за Европ и Евроазија Карен Донфрид. Во Москва таа ќе се сретне со заменикот на првиот човек на претседателовата администрација, Димитриј Козак. Како што се пренесува, на преговорите Донфрид ќе ги нагласи можностите за постигнување дипломатски прогрес во решавањето на конфликтот на Донбас со помош на Минските договори и „нормандскиот формат“.  Во четврток и петок Донфрид ќе биде во Брисел каде што ќе има консултации со партнерите на САД од ЕУ и НАТО. Тоа го најави и Бајден. Дека ЕУ и НАТО ќе бидат вклучени во барањето решение за Донбас.

Во деновите и неделите пред самитот на двајцата претседатели на Западот бруеше: „Русија подготвуваа агресија врз Украина“. Па се лицитираше со илјадници војници, па стотици, па дека ќе влезат во Украина утре, задутре, па до Нова година, па по Нова година...Па се кроеја планови за помош на Киев, за поддршка од НАТО, за праќање оружје на теренот. Во таква состојба Бајден по Самитот личеше на мировник, кој еве, ја спасил Украина од Русија. А оваа, преку нејзините политичари постојано изјавуваше дека нема намера да влегува во Украина, а има право на својата територија да распоредува војски, како што тоа го прави и Украина на нејзината територија. Впрочем и помошникот на Бајден Џејк Саливен на средбата со новинарите веднаш по Самитот изјави дека САД не знаат дали Русија имала намера да влезе во Украина.

НОВА РАКЕТНА КРИЗА

Како и да е сите очи на средбата беа свртени кон Украина, но токму оттаму излагоа и деликатните парашања за кои веќе се води дијалог, но очиглено работите не одат лесно. Сигурно Путин и Бајден зборуваа и за други теми, но прашањето на стратешката стабилност е најважно. Заменикот министер за надворешни работи на Русија Сергеј Рјабков во едно интервју вели дека нема напредок во односите со САД, освен почеток на дијалогот за стратешка стабилност и сајбер безбедноста. Но и таму нема енергичност како што беше најавено на женевската средба на Бајден и Путин.

А стратешката стабилност не ги опфаќа само САД и Русија, тука се Британија и Франција, Кина...Сите со свои интереси. Рјабков неодамна го спомена оружјето со краток и среден дострел во Европа, за кое имаше договор, но САД го напуштија. Русите сметаат дека е потребно, додека не е доцна, да се избегне нова ракетна криза во Европа, односно појава на нејзина територија ракети со краток и среден дострел. Зашто тоа би бил „директен пат кон забрзување на конфронтацијата“. Русите си оставаат право да реагираат на опасните  активности на САД и НАТО долж периметарот на руските граници. Американците излегоа и од договорот за Против ракетна одбрана. Времено е продолжен договорот СТАРТ.

Никој не зборува за некаков напредок околу сајбер нападите. И едните и другите меѓусебно се обвинуваат, ама никако да се договорат што ќе прават со нив. Претседателот Доналд Трамп еднаш се пофали дека извршиле напад врз руска инфратруктура како одмазда на руски напад. Русите пред некој месец беа обвинети за хакерски напад врз цевковод во САД, кој доведе до неколкудневна криза во снабдувањето со нафта и горива.

Ако не се зборува многу за овие прашања не значи дека тие не постојат. Но во дадената ситуација сите најмногу зборуваат за Украина. А Путин неа ја поврза со црвен линии за ширење на НАТО на исток. Со разместување оружје во земји соседни со Русија, со немешање во руската сфера на интереси. Бајден тука како да се подзамисли и најави дискусии со „четири сојузници“ од ЕУ и НАТО.

ЖЕЖОК КОСТЕН

Оваа негова изјава наиде на осуда од некои членки на Алијансата. Не беа спомнати поединечно, но може да се претпостави дека се од „Нова Европа“ и поранешни членки на Варшавскиот пакт. Преговорите  за барањето на Русија, Украина да не влезе во НАТО, за што треба да гарантираат Американците ќе продолжат. Сето ова ги загрижува Украинците. Иако, во САД сите изјавуваат, дека секоја земја има право да влегува во сојузи кога сака и како сака.

Ова, сојуз со кого и кога сака, доби и соодветна реакција во Москва. Таму официјално изјавија дека може да дојде до повторување на Карипската криза од 1962 година. Погоре споменатиот руски заменик министер за надворешни работи Рјабков на прашањето за повторување на карипската криза одговори потврдно. Според негови зборови, „доколку другарите од другата страна не разбираат и се’ продолжи како што е, ние, според логиката на развојот на настаните до крај, можеме да се најдеме во нешто слично“. Но таквиот развоја на настаните за него би бил „провал на дипломатијата“.

Присуството на руските трупи на границата може да е посветено и на несакањето на Украина да ги спроведе Минските договори. Односно таа сака, ама на свој начин, а не како што е запишано во нив. Бајден и за ова прашање најави консултации со сојузниците. Би личело тргување со интересите на Украина. Но не се пазари секој на ист начин. Русите немаат против САД да се вклучат во „нормандскиот формат“. Но своевремено Франција и Германија се противеа на такво решение. Сега Русите „жешкиот костен“ им го даваат на САД. Демек, да бираат, спроведување на договореното или воено решение.

Според Александар Баунов од Карнеги фондацијата од Москва, „Амерканците не сакаат војна во Европа – зона на нивните интереси и одговорност по двете светски војни и една студена. Новата војна би можела да доведе до пораз на нивниот украински сојузник и кон неопходност за уништувачки одговор на Русија. Неможноста за воен и слабоста на санкциониот одговор, би ја покажале релативноста слабост на Америка, втора пат за една година. после Авганистан. Во такви услови подобро е таа да се зафати со Минските или некои други дговори“.

АЛТЕРНАТИВЕН ПАТ

Сега е битно како САД ќе се обидат по дипломатски пат да ги спроведат Минските договори, а од тоа да бидат задоволни и Русија и Украина. Американците и порано се повикуваа на Минските договори како фактор на мирот во Донбас. Но Киев досега не се обиде да ги спроведе и се занимаваше со маргинални делови од нив, а не суштинските. Давање автономија на Донбас, амнестија на проруските бојци, официјализирање на рускиот јазик, полиција и сл. Ќе треба многу вештина на американската дипломатија да ги избалансира украинско-руските интереси околу Донбас, а врз основа на Минските договори.

Помошникот на Бајден, Џејк Саливен, вели дека тие сметаат дека постои алтернативен пат со чија помош може да се постигне прогрес во дипломатијата околу проблемот на Донбас, Минските договори, „нормандскиот формат“. „На тој пат ние можеме да расправаме за загриженостите  околу прашањата за безбедност од страна на НАТО, Америка и Русија, со посредство на поширок механизам, кој соответствува на оној со кој ние дејствувавме во текот на последните 30 години“. Што се’ стои зад овие зборови на Саливен знае само тој и неговите работодавци. За каков „алтернативен пат“ станува збор?. За каков механизам последниве 30 години? Ако тој беше добар, тогаш немаше да се дојде до сегашната состојба, која некои ја означуваат како состојба пред војна.

Украинците, пак, од своја страна бараат од САД да бидат поддржни во обидите за прекин на огнот, за потоа, на крај, да почне дипломатското решавање на проблемите. Според Саливен Украинците имаат конструктивни идеи, кои се поддржани од САД.

И додека се чекаат првите плодови од договореното на Самитот меѓу Бајден и Путин, работите никако да се смират. Државниот секретар Ентони Блинкен, во едно интервју за NBC, вели дека САД сакаат стабилни и предводливи односи со Русија. „Но доколку Русија продолжи да презема несовесни и агресивни дејства ние ќе одговориме, при што не само ние, туку и нашите сојузници и партнери во светот“, изјави Блинкен. Како може да се разбере ова. Наместо да се спушти топката, атмосферата на натпреварот и натаму се подгрева.

ВОЕНА ДОМИНАЦИЈА

Русите не заостануваат.  Па така, првиот заменик секретар на рускиот Совет за безбедност, Јуриј Аверјанов, во едно интервју за „Росијскаја газета“ вели дека „воената доминација на САД во светот веќе не е така апсолутна, во многу насоки Американците треба да ги достигнуваат Русија и Кина“. Според него „Америка постепено го губи своето економско влијание“.  „На глобалната политичка арена, гласот на Вашингтон повеќе не се перципира како крајна вистина, дури и од поединечните стратешки партнери на САД, а да не зборуваме за другите играчи“, рече Аверјанов.

Портпаролката на руското министерство за надворени работи, Марија Захарова, коментирајќи изјава на Џејк Саливен дека денешната структура на меѓународните односи на чело со ОН „постепено оди во минатото“, вели дека САД го уриват системот на меѓународни односи. Според Захарова тоа САД го прават заради „создавање на зона на слободен комфор, во кој се стремат сами да доминираат“. Таа вчера рече дека регионот и непосредно Украина се полнат со оружје. „Станува збор за директни испораки. Станува збор за идни договори, вредни милиони...Станува збор за префрлање таму платени војници под маската на инструктори“, рече Захарова.

Во вакви услови треба да се водат преговори и договори за намалување на напнатоста во и околу Украина, но и вкупно за намалување на напнатоста во Европа и во НАТО. Колку и да се сака работите да се прикажат дека одат во насока на успокојување, јасно е дека Запад тешко може да се справи со руските барања. Оние што Путин му ги претстави на Бајден. Одговорот се чека од него. А тој, пак, бара поткрепа од сојузниците. И за ширењето на НАТО и за Украина. Што ќе договорат и одговорат не може да се претпостави. Русија дотогаш ќе чека со своите војски расположени на границата со Украина. Работите ќе станат појасни кога ќе дојде нова видео средба на Бајден и Путин. 

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД