23 Април, 2024
0.0318

Директно со Путин-популизам по нарачка

Објавено во: Колумни 08 Јуни, 2018

Добивај вести на Viber

Рускиот претседател Владимир Путин вчера по 16 пат учествуваше во т.н. „Директна линија“ . Станува збор за настан, телемост, кој се одржува еднаш годишно и се пренесува директно во стотици медиуми, што државни што комерцијални. Настанот внимателно се подготвува. Се најавува па се повикува населението да поставува прашања неколку дена пред неговото одржување. Во 2001 година, кога за прв пат се одржа беа поставени над 400 илјади прашања. Вчера до почетокот и во текот на „Директната линија“ таа бројка надмина два милиона прашања. Путин во импровизираното студио седеше четири и пол часа и одговараше на многу прашања, но многу повеќе останаа без одговори. Овој пат на директна врска беа и губернатори и министри, кои мораа да одговараат на прозивката од граѓаните.

Формата на директен контакт со населението не е нешто ново. Ја има и на исток и на запад. Некои претседатели имат радио обраќања, некои комуницираат телефонски со публиката. Станува збор за чист популизам прекриен со наметката „и претседателот е дел од вас“. И тој е од крв и месо, како и вие, и тој е тука да поразговара со вас. Треба да е јасно дека голем број од прашањата се поставуваат по нарачка. И дека, барем во Русија, има и сценарио кое внимателно се реализира. Па дури и со нарачани непријатни прашања.  Нема импровизации, но има модерирање. Ова лани беше потврдено од некои медиуми кои разговараа со учесници во подготовките на телевизискиот мост.

За разлика од лани, годинава, како што пренесоа одделни медиуми, новинарите од централните медиуми оделе низ Русија, како ревизори, и собирале податоци за проблеми со кои се соочува населението. Оттука и многуте непријатни прашања за губернаторите.  Некои од нив излегуваа смешни, некои беа фатени во лага, а некои не ни беа на самото место, туку пратиле свои претставници од прес службите. А Путин, како да е цар, бриљираше во претставата. Раскажуваше шеги во негов стил, ги прозиваше официјалните лица, коментираше и секако одговараше на прашања.

На пример, на молбата да ги прокоментира шегите дека руските морнари се подготвуваат на своите бродови да ги нацртаат портретите на министерот Мутко за да станат непотопливи(сите очекуваа дека тој ќе замине од политиката, ама преживеа и Путин го стави одново во владата, ама како министер за градежнииштво). Одговорот на Путин беше со шега. Демек, тој знае дека на Мутко не му оди англискиот јазик, за што служи за подбив, но функцијата ја добил според фактот дека тој многу направил кога бил министер за спорт и успешно се справил со градбите за Олимпијадата во Сочи. Веројатно и поради тоа сега Путин го стави министер за градежништво.

Кога сме кај министерот Виталиј Мутко, треба да се каже дека едно од првите прашања за Путин беше за составот на новата влада. Таа не е популарна во јавноста и се смета дека не може да го направи пробивот во развојот, како што е замислено со стратегијата за развој. Одговарајќи на оваа констатација, Путин забележа дека ако би сменил поголем број од луѓето, тогаш би се изгубиле две години во развојната стратегија. Стратегијата за развој е подготвувала претходната влада. И сега да се донесат и најдобри кадри ќе им треба време да се запознаат со задачите. Но Русија нема две години за губење. Затоа владата беше обновена, но не целосно. Тоа беше образложението на Путин.

Ова мене ме потсетува на еден мој другар и неговите ставови за изборите во Македонија во плурализмот. Кога ќе дојдеа избори ќе го прашав за кого ќе гласа, а тој вели „За старата вошка“. Каква вошка, прашувам. Вели „Партииве се како вошки ќе ти се залепат, ќе ти цицаат крв и некогаш ќе се нацицаат, па ќе седнат да одморат. А ако сега дојде нова вошка, па ако се залепи, и таа со години ќе цица , независно дали јас имам доволно крв и за неа“. Така и министрите на Путин. Многу од нив важат за корумпирани, и сега ако донесеш нови министри, нормално ќе им требаат две години да ги откријат тајните патишта до корупцијата.

Водителите на телевизискиот мост, јавно посакаа директната линија да не биде „книга за жалби“. Но, тоа им успеа само донекаде. Русите имаат многу проблеми. Москва не е Русија. Внатрешноста стенка под мерките што се носат во главниот град. Во Русија е актуелна најавата за зголемување на возраста за пензија. Има ставови дека тоа прашање треба да се покрене кога просечниот век на населението во Русија ќе достигне 80 години. Сега се оди во пензија со 60 и 55 години, мажи и жени. Путин за ова не беше до крај јасен, но  како да ја поддржува линијата на зголемување на возраста. Друго актуелно прашање во Русија се цените на бензинот кој изминатиов период отидоа драстично нагоре. Причината е во тоа што производителите од рафинериите го извезуваат бидејќи во странство цената на бензинот е повисока. Путин најави дека ќе се преземе нешто на овој план, а министрите што ги прозва рекоа дека цените се стабилизирале.  Не помалку Русите се загрижени и за медицинската заштита, трошоците за комуналии, екологијата...

Имаше и прашање за „трета светска војна“, при што Путин го спомена Алберт Ајнштајн кој рекол дека „Јас не знам со какви средства ќе се води третата светска војна, но четвртата ќе биде со камења и стапови“. Санкциите од странство за Путин се плод на тоа што Западот во Русија гледа закана, дека таа им станува конкурент. Но работите се менуваат и веќе на високо политичко ниво се зборува за изградба на нормални односи. Проблемите на руските бизнисмени на запад не се нешто ново. Но тој им препорачал нивниот капитал кој го стекнале во Русија да го држат во земјата каде што го заработиле и да го користат за развој на руската економија и да си обезбедат негова сигурност. Путин вети дека ќе нема ограничувања во интернетот, одговараше на прашања за  новите руски оружја, за Сирија...

Мошне индикативни беа прашањата кои Путин не ги одговори, но кои беа публикувани на големите монитори. Што значи дека во Кремљ знаат за нив и намерно ги публикуваат да се создаде привид дека претседателот ги знае и не бега од проблемите. Па така некој праша : „Што ќе биде после вас“ или „Ќе го менувате ли уставот за одново да бидете претседател“, или „Зошто Алексеј Наваљни не беше регистриран како кандидат за претседател„ или „Јас немам прашање, мене и така се ми е јасно“...Дали има потреба од коментар прашањето: „Премиерот вели дека во земјата нема пари, а првиот човек на Националната банка вели дека во земјата има многу пари. Тие да не живеат во две различни држави? Или, пак, ова прашање: „Вие сте толку години на власт. Нели ви се чини дека ние веќе сме монархија“? И уште многу вакви и слични прашања останаа без одговор.

Сето ова зборува дека Кремљ им продава демагогија на Русите. Таа е во темелот на неговите пропагандни потези во државата. А ако има купувачи тогаш таа ќе биде продадена. Тоа можеби најдобро го илустрира едно прашање, повеќе констатација: „Вашиот Мајски декрет( список на задачи за владата во новиот мандат) одново ќе влезе во џебот на Русите“.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок