18 Август, 2018
0.3306
    ALK 7956.45    -0.54%     GRNT 793.88    -1.36%     KMB 5168.81    -0.47%     MERM 2006    126.41%     MKSD 204    0%     MPT 44500.29    -1.11%     MTUR 4600    -1.08%     OHB 6500    -0.01%     OKTA 4215.18    -6.1%     PPIV 44500    -1.13%     RADE 1700    -0.12%     RMDEN17 96.02    -0.08%     RZEK 30    0%     RZTK 511    0%     RZUS 120    -2.94%     STB 1031.49    0.11%     STIL 131.22    -1.34%     TEL 277.4    -1.52%     TNB 14130    -0.46%     TTK 1146    -0.09%     UNI 2400    0.04%     VITA 8767    3%

ДКСК-форма без суштина и без персонални решенија - до кога ?!

Објавено во: Колумни 18 Мај, 2018

Веќе подолг период Република Македонија е без Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), а во Собранието ни на повидок најава да се распише оглас за избор на нови членови, за нејзино целосно екипирање и ставање во функција. 

Вака остануваат отворени прашањата за анкетните листови на сите избрани и именувани функционери на сите нивоа и во сите власти - законодавната, извршната и судската; работата по предметите на судир на интереси; работата по сомненија за корупција и постапување по пријави и претставки од граѓаните; следењето на реализацијата на државната програма за спречување на корупцијата и судирот на интереси; како и активностите насочени кон подигање на свеста за нужноста од потребата за ефикасна и ефективна борба против корупцијата.

Не сакам ни да помислам дека работите се такви затоа што ДКСК согласно своите законски надлежности има право да направи проверка на веродостојноста на презентираните податоци на секој поединец што има законска обврска да поднесе анкетен лист, без разлика на неговата функција и позиција во законодавната, извршната или судската власт.

Во таа насока, институциите кои водат бази на податоци за одреден вид на сопственост или учество во сопственост (акции, удели и сл.), како што се Централниот регистер, Агенцијата за катастар, МВР и други, должни се по барање на ДКСК да достават прецизни податоци за сопственоста на имотот со кој располага некој носител на јавна функција или член на неговото семејство и тие податоци да се споредат со прикажаните во анкетниот лист.

Во периодот 2011/12 година беа направени такви проверки за околу 800 лица по случаен избор од различните столбови на власта - законодавната, извршната и судската, како на централно, така и на локално ниво.

Во таа смисла беа констатирани бројни и сериозни разлики меѓу тоа што е пријавено во анкетниот лист и фактичката имотна состојба.

Во сите такви случаи е постапувано согласно Законот за спречување на корупцијата и спречување на судир на интереси, што значи поднесувани се прекршочни пријави, а во едно за тоа се известуваше и останатите надлежни институции (Јавното обвинителство, полицијата и сл), за да преземат мерки и активности од нивна надлежност.

ДКСК постапуваше на идентичен начин без разлика за кого се работи, од кој столб или ниво на власта е носителот на јавната функција, што ги вклучува и првите луѓе на тие столбови, вклучувајќи го и претседателот на државата.

Во оваа насока постои проблем кој е суштински. Имено ДКСК објективно нема ниту технички, ниту човечки ресурси перманентно да ги следи сите анкетни листови, не само додека подносителите се на позиција, туку и после нивното заминување од функцијата (што за откривање на корупцијата можеби е најзначајно). Токму тука се крие суштинската нефункционалност и лошата ефективност на Законот за спречување на корупцијата и спречувањето на судирот на интереси. Од тука нужно е да се направат измени во него, да се заострат мерките кон прекршителите на овој закон и со него, низ фер постапка да се ограничи правото за вршење на јавна функција на лицата што нема да го прикажат сиот свој имот во анкетниот лист. 

Исто така, во оваа смисла, неопходна е измена во делот на спречување на судир на интереси, во смисла да се предвидат мерки пред се кон тие што именуваат и поставуваат лица на функции или позиции знаејќи дека со тоа ги ставаат во состојба на судир на интереси, а потоа да се заострат мерките и против тие што прифаќаат функции или позиции со кои се доведуваат во состојба на судир на интереси.

ДКСК во изминатиов период од неколку години е мошне затворена кон јавноста (последната прес конференција која имаше континуитет во информирањето на јавноста за преземените мерки на ДКСК беше одржана во месец Април 2012 година), работеше нетранспарентно, без идеја што и како натаму, без јасна визија за начинот и методите за справување со корупцијата. Во таа насока и актуелната Државна програма за спречување на корупцијата е донесена не транспарентно, без вклучување на поширок круг луѓе и експерти од разни општествени области, што беше вообичаена пракса до 2011 година. Токму затоа Република Македонија е во слободен пад по перцепцијата за нивото на корупција, а впрочем и ЕК корупцијата и владеењето на правото ги нотира во последниот извештај како најчувствителни и најсериозни проблеми со кои треба да се справи државата.

И покрај тоа што комисијата, согласно законот ја сочинуваат лица со професионален ангажман во неа, именуваните беа со дискутабилна стручност и компетентност за вршење на таа работа. Тие во својата работа треба да бидат независни, особено ако се има предвид дека нив ги избира Собранието по предлог на комисијата за прашањата на избори и именувања. Меѓутоа, наместо во законодавниот дом да се оценува, предлага и избира врз основа на интегритетот, стручноста и компетенциите на кандидатите, изгледа дека основен критериум е партиската лојалност. Впрочем и доскорешниот претседател на ДКСК, кој под притисок на јавноста си поднесе отставка, ја имаше финансирано изборната кампања на партијата која го постави на таа позиција. Така, од лично искуство знам дека во стручната служба на ДКСК има многу постручни и покомпетентни кадри од тие што беа и од тие двајца што се уште се членови на комисијата.

За борба против корупцијата е потребна пред се политичка волја, потребна е ефикасна и ефективна работа на институциите на државата, а тоа во последните десетина години Република Македонија го нема. Во таа насока и ДКСК е дел од тој етаблиран не ефикасен општествен систем. Токму затоа, неопходни се итни и сеопфатни реформи во вкупниот систем, реформи на кои Република Македонија се обврза во 2001 година со потпишувањето на договорот за асоцијација и стабилизација со ЕУ, а кои упорно ги глуми сиов овој период. Впрочем, клучната причина за тапкањето во место на Република Македонија е отсуството на суштински реформи во општествениот, политичкиот и економскиот систем.

За крај, само уште нешто, станува збор за процеси, не за нешто што се решава со административни решенија. Тие процеси бараат правна рамка, креирање општествена клима и амбиент, гаранции за успех и одржливост на тие процеси. Одговорноста за сето тоа, несомнено е во законодавната, а пред се во извршната власт, која очигледно има други приоритети.

Треба итно да се престане со практиката на штанцање закони во скратена постапка, без анализа за потребата од нив, без проверка на нивната компатибилност со етаблираниот правен систем, без јавна дебата, особено на стручната јавност, како што треба да се престане и со менувањето на постојните законски решенија без да им се даде шанса низ практиката да бидат проверени.

Време е политичката воља да се изрази со дела, а не со декларативни изјави. Во таа смисла, првиот чекор треба да биде избор и именување на нов состав на ДКСК, со прецизен мандат, итно изменување на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси; да се направат соодветни измени и дополнувања на државната програма за спречување на корупцијата и потоа нека се премине кон избор и именување на нов состав на комисијата, но според јасни критериуми, при што ќе се ценат стручноста компетентноста и испорачаните резултати од дотогашната работа на кандидатите, а не според партиската лојалност. Само на тој начин кога ќе го гризнете јаболкото ќе бидете сигурни дека во него нема црв во него што се слади со вкусната и здрава содржина од него.

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

Приказна за Миле румунец

Приказна за Миле румунец

Меркел не паѓа во прегратките на Путин

Меркел не паѓа во прегратките на Путин

Непостојаност на откупните цени на примарните земјоделски производи

Непостојаност на откупните цени на примарните земјоделски производи

Светулки

Светулки

Бачев&ко.- новите руски надежи!

Бачев&ко.- новите руски надежи!