Додека Виница чека пари од буџетот две фирми во општината вртат милиони
Објавено во: Економија 31 Октомври, 2018
„Дади Компани“ и „Макпрогрес“ се двете фирми преку кои влегуваат најмногу пари во општина Виница.
Додека општината ги чека парите од државата за да ги подмири долговите овие две компании се на листата за 100 најголеми компании со милионски приходи.
Анализите на Фактор покажуваат дека Кавадарци е општината во која работат најголемите фирми во земјава. На листата за 100 најголеми компании кавадаречки се четири и нивниот приход лани бил четвртина милијарда евра. Во групата „над 200 милиони евра“ се битолските фирми, па следат тие од скопски Илинден. Во конкуренција не влегува Скопје затоа што е „надвор од конкуренција“.
Малата општина во источна Македонија Виница пак е најблизу до психолошката граница од 100 милиони евра .
Таа има две компании: „Дади Компани“ и „Макпрогрес“. „Дади Компани“ е големо изненадување на листата на 100 најголеми со приход од 62,9 милиони евра, поголем од Скопска пивара и тука е кондиторската индустрија „Макпрогрес“ со 29,1 милиони евра. Тие заедно имаат 92 милиони евра што според наталитетот и големината на Виница е во ранг на Кавадарци.
Имено, Виница од државата која со ребалансот на буџетот ќе ги финансира општините да ги расчистат долговите, ќе добие околу 3,6 милиони денари.
96,7 милиони денари беше првичната сума на долгот на општина Виница, но до 30 септември , според информациите кажани од градоначалникот Ивица Димитров, за неполна година тој е намален за 15 милиони денари.