„ДОГОВАРАЛЕ НАБАВКА НА ВОЗИЛА, ИНСТРУМЕНТИ, АМА И ПЕЛЕТИ“: совпаѓањето на цените сигнал за местење тендери
Објавено во: Економија 02 Октомври, 2024
Универзитет набавил службено возило за своите потребите, но за аналитичарите набавката е проблематична. Имено, проценката за набавка на возилото кое било детално опишано била 1.690.000 денари без ДДВ. На тендер се јавила само една компанија која понудила возило поевтино за 720 денари од проценетата вредност или за 1.689.280 денари. Но, ова „идеално“ совпаѓање е сомнително бидејќи проценетата вредност не била јавно објавена.
Ваквите примери упатуваат на раст на договарањето на тендерите. Аналитичарите од Центарот за граѓански комуникации во последниот извештај за мониторингот на јавните набавки велат дека има многу примери кои упатуваат на се поголемо „договарање“ на тендерите. Расте бројот на тендери во кои добиена е понуда со цена скоро идентична со проценетата вредност на тендерот, која не била никаде објавена.
- Совпаѓањето е симптоматично затоа што процената вредност на овие тендери не била јавно објавена и е наведена само во одлуките за јавни набавки, кои не се јавно достапни. Совпаѓањето на вредноста на единствената добиена понуда со проценетата вредност на тендерот во мониторингот е воочена во секој четврт тендер – посочуваат од ЦГК.
Во договорените тендери се набавувале различни предмети како персонални и преносни компјутери, аудио и видеоопрема, патнички возила, термални камери за пожарникари, инструменти за педијатриска флексибилна ендоскопија, алерготестови, услуги за печатење и вкоричување, пелети итн.
- Ваквите постапки отвораат сомнеж дека се користени тендерските документации за ограничување на конкуренцијата, како и за претходно договарање на цените – нагласуваат аналитичарите.
Таков пример е постапка за набавка на инструменти за педијатриска флексибилна ендоскопија при што било побарано понуда за 8 видови инструменти со различни количини, чиј вкупен збир достигнувал 98 парчиња.
- Добиена е една понуда, со која за инструментите вкупно е побарано 2.199.330 денари без ДДВ. Вредноста на доставената понуда е пониска за само 670 денари, односно за 0,03 проценти од проценетата вредност на тендерот. Притоа, совпаѓањето се случува во услови кога проценетата вредност на тендерот од 2.200.000 денари не била наведена во огласот за јавна набавка – се посочува во анализата.
Но, тоа не е се. Уште еден пример упатува на договорен тендер, транспорт и истовар на 60.000 килограми пелети за затоплување на државна институција. Во овој случај било утврдено дека вкупно за набавката ќе бидат потребни 2 милиони денари, но тоа не било наведено во огласот. Единствената понуда била со цена од 33,33 денари по килограм пелети. Вкупната вредност на понудата достигнала 1.999.800 денари, односно 200 денари помалку од проценетата вредност. Од Центарот потенцираат дека, ако понудувачот ја зголемел цената на само 33,34 денари по килограм, ќе ја надминел проценетата вредност за 400 денари.
- Совпаѓањето на понудите со проценетата вредност е воочена и во постапки во кои биле добиени две понуди. Станува збор за набавка на 96 парчиња лотариски терминали и лотариска опрема, со проценета вредност од 12.000.000 денари без ДДВ, која не била наведена во огласот. Во постапката биле добиени 2 понуди, од кои една во вредност од 13.499.500 денари и втората – од 11.998.500 денари без ДДВ. Понудата со повисока вредност е отфрлена и прифатена е понудата со пониска вредност. Но, останува дилемата какви се, реално, шансите институцијата што купува и понудувачот да се вклопат во проекциите и да дојдат до разлика од само 1.500 денари, односно 0,01 процент – прашуваат аналитичарите.
Укажуваат дека ваквите примери упатуваат на ризик од недозволени договарања меѓу институциите и понудувачите. Според нив, во ваквите случаи доведена е во прашање вредноста на договорите, односно има ризик договорените цени да се повисоки од реалните на пазарот. Поради ова, препорачуваат во листата на црвени знаменца што ги применува Бирото за јавни набавки да се вклучи и совпаѓањето на проценетата вредност која не била јавно објавена со вредноста на добиена понуда.
Од Центарот посочија оти јавните набавки минатата година достигнаа рекордно вредност со рекордно ниска конкуренција во последните 10 години. Склучени се договори за јавни набавки во вкупна вредност од 1,5 милијарда евра, што е 35 проценти повеќе од претходната година. Просечниот број понуди по тендер изнесувал 2,7. Во една третина од тендерите е добиена само една понуда. Додаваат дека отсуството на конкуренција е последица на фаворизирачки тендерски документации и загубена доверба на бизнис-секторот во фер натпревар на набавките.
Истражувањето покажало дека 51 отсто од фирмите што учествуваат во јавните набавки сметаат во набавките има корупција, а со неа лично се соочиле 23 проценти од компаниите вклучени во истражувањето. Исто така откриени се големи разлики во цените по кои институциите купуваат исти производи и услуги. Така, на пример, исти лиценци за компјутерски софтвер се купувани по цени од 6.185 до 23.100 денари.
П.О.