14 Мај, 2024
0.0264

Домашниот бизнис на „спореден колосек“

Објавено во: Колумни 19 Мај, 2014

Добивај вести на Viber

Неизвесноста за развојот на настаните на политичката сцена по изборите, чии резултати поголемиот дел од опозицијата не ги признава, продолжува. Она што е сигурно е дека  оние кои ќе ја конститураат новата извршната власт, а веќе и осум години ја практикуваат, тешко дека ќе пристапат кон надминување на долго време, нерешливиот проблем  со  меѓусебните неплаќања и  кон воспоставување на задоволителна финансиска дисциплина меѓу стопанските субјекти, вклучувајќи ја и државата во нив. А без понуда за решение повеќе од извесно е дека не е возможно да се изведе земјата од маѓепсаниот круг на ниски стапки на раст и сиромаштија. Обезбедувањето на одржлив раст е невозможно  доколку во него свој зголемен удел не пружи и домашниот бизнис. Тој, признале или не, е подолг период блокиран со  огромните износи на меѓусебни побарувања и со тренд на зголемување на нивниот обем. Во јавноста веќе подолг период циркулираат бројки кои го таргетираат  дури и над 60% од годишниот БДП. Во изборната еуфорија не се понудија решенија на овој проблем, со оглед на можните негативни последици врз одделни бизниси и вработеноста, поради неизбежната селекција на успешни и неуспешни бизниси и  ликивидирање на неуспешните. Разбирливо е што за тоа, во изборната кампања, не проговорија ниту власта ниту опозицијата. Тоа носи негативни поени, а изборите се време кога тие свесно се избегнуваат. Меѓутоа, се’ е поочигледно дека проблемот не смее да се избегнува или заобиколува и натаму. Крајно време е да се разврзи јазолот на „културата на неплаќање“ на обврските меѓу фирмите и меѓу државата и бизнисот. Мора да се создаде практика во која „кој не може да плати не смее да нарачува“, а ако го стори тоа да сноси последици. Треба да се сопре  неплаќањето на обврските кон испорачателите на стоки и услуги, бидејќи тоа ги кочи во обезбедувањето на средства за зголемување на производството. И наместо да плаќаат со заработени пари, доверителите се принудени или да позајмуваат од банките за да ги задоволат тековните потреби или им се изнудува и самите да не ги исполнуваат обврските спрема своите испорачатели. Двете можности им ги влошуваат условите за работење, а таквата практика не може да трае долго. На крајот, порастот на меѓусебните неплаќања резултира со напуштање на развојните амбиции на фирмите и приклонување кон борба за обезбедување на гол опстанок. А во таква ситуација не може да се очекуваат планови за развој на фирмите. Нема сомнение дека грото од домашниот бизнис е во ситуација на обезбедување на гол опстанок. Потврда за неговата незавидна ситуација е што во едномесечната изборна кампања, покрај најавата на повеќе странски директни инвестиции, не се слушна и најава на некоја домашна. Никој не се прашува зошто е тоа така. Фокусот на вниманието е свртен кон странците. Тие инвестираат, тие вработуваат, тие извезуваат. Се создава атмосфера како од домашните фирми да не се очекува зголемување на производството и вработеноста, модернизирање на капацитетите, пораст на извозот и тн. и покрај вистината дека нема одржлив развој доколку домашното стопанство остане на „спореден колосек“, т.е. ако биде оставено да се бори за преживување. А атмосферата е таква. Но, не може долго така . Време е да се промени, додека цената на промените е помала, бидејќи „цехот“ кога-тогаш ќе мора да се плати. Не може да се трча со „оловни топки“ на нозете. А цената ќе биде далеку повисока од добивката содржана во „изборните калкулации“. За волја на вистината треба да се каже дека во изминатите неколку години властите направија обиди да ја санкционираат „културата на неплаќање“. Се воведе задолжница со која требаше да се скрати патот за наплата на побарувањата од должниците. Ефектите, меѓутоа, изостанаа, бидејќи инструментот создаваше обврска само за деловните субјекти кои ќе го потпишат. Притоа, од потпишувањето задолжници беше изземена државата, иако има голем удел во стопанските трансакции. Со донесувањето на законот за финансиска дисциплина се пристапи кон обврзување на должниците во определен рок да ги подмират обврските за набавени стоки и услуги, со заострување на односот кон тие што нема да го извршат плаќањето во договорениот рок. За тоа се предвидени и камати и казни. Ваквите решенија веќе стапија во сила од почетокот на овој месец. Меѓутоа, и од нив не може да се очекува подобрување на состојбите во плаќањата, бидејќи тие не се однесуваат и на државата. За неа ќе почнат да важат од 1 јануари 2016 година. Но, што дотогаш? Како ќе ги исполнуваат обврските субјектите што ќе побаруваат од државата, а многу од нив живеат од трансакциите со неа. Дали ќе се откажат од трансакциите или ќе бараат начин како да ја искредитираат државата? Остануваат и проблемите на субјектите кои, и сега се борат за опстанок, поради немоќта да ги наплатат досегашните побарувања. Очигледно е дека   јазолот од „културата на неплаќање“ не се може да се разврзи со парцијални мерки од арсеналот на закани и казни. Ако се остане само на тоа, треба да се очекуваат  неповолни последици врз растот и вработеноста, со сите последици што произлегуваат од тоа. Надминувањето на долгогодишната практика на неплаќање на обврските (вклучувајќи и ликвидација на нерентабилните) побезболно може да се оствари само  со покомплексен зафат во кој ќе се вклучат сите субјекти, а притоа јасно ќе се дефинираат условите за работење, во согласност со долгорочна стратегија за развој. Сегашните услови не овозможија задоволителен подем на растот генериран од страна на домашните бизниси. Изнудено е прашањето, дали можеме и натаму во нашиот развој да се потпираме, пред се’, врз интересите на странците? Во позитивниот одговор се содржани многу ризици, а негативниот бара брзо поместување на домашните бизниси од „споредниот колосек“. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка