25 Април, 2024
0.0330

Донбас: војна на нерви - барем засега

Објавено во: Колумни 05 Април, 2021

Добивај вести на Viber

Минативе денови од Донбас доаѓаа тревожни вести. Де убиства на украински војници, де убиства на деца на територијата под контрола на сепаратистите, од страна на украински дронови. И нормално никој ништо не признава. Не ја презема вината. Демек војниците настрадале од сопствени мини, а за дронот се молчи. Паралелно со ова се зборува за „марширања“ на  вооружени сили и опрема од украинска страна на линијата која ги дели деловите контролирани од сепаратистите и територијата под контрола на Украина. Но и за префрлање на руски сили во пограничните реони со Украина и на Крим.

Сето ова беше искористено за пропаганда од сите страни директно или посредно вклучени во конфликтот. Се разбира со сите одлики на специјалната војна. Полно дезинформации. Лажни фотографии од воени единици. Се’ со цел да се постигне драматичност. И во светот почна да се зборува за нова војна. Почнаа да ѕвонат телефони меѓу Москва и Вашингтон. Првите луѓе на воените сили на САД и Русија си поприкажаа што си имаа, но без детали во јавноста. Пентагон и НАТО ја заверуваа Украина дека ја има нивната поддршка. Претседателите на Русија, Германија и Франција имаа видео средба, на која прозбореа и за Донбас...Засега оружјето од обете страни на границата молчи, но затоа може да се зборува за војна на нерви. 

Што велат Украинците? За собирањето руски војски на границата со Украина и не се пишуваше. Најверојатно повод стана изјавата на рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу кој изјави за дислоцирање на трајна основа на некои воени единици од внатрешноста на Русија на Крим. А за прекини на примирјето прогласено лани во јули се зборуваше, но не така често. Се до 26 март кога во еден ден загинаа четворица украински војници. Па првиот човек на вооружените сили на Украина Руслан Хомчак го повикаа во парламентот да ја појасни ситуацијата. Тој на депутатите им кажа дека долж украинската граница има руски војски. А се очекуваат и дополнителни воени единици. Но неговото излагање ја изгуби медиумската поддршка. Речиси сите медиуми во извештаите од седницата во парламентот пишуваа за пратеничката „уловена“ од фоторепортерите како пишува порака до некого, а во која вели:„ Го слушаме Хомчак. Време е да се бега од оваа земја“. Па Хомчак мораше да дава интервју во кое  истакнува дека не се очекува наскоро воена ескалација на конфликтот на Донбас.

ГЕНЕРАЛИТЕ СЕ РАЗБИРААТ ПОДОБРО ОД ПОЛИТИЧАРИТЕ

А што велат Русите? Прес секретарот на Путин, Димитриј Песков изјави дека Русија може да ги преместува трупите на нејзина територија според свое наоѓање и тоа не треба никого да го вознемирува, ниту да претставува закана за некого. Според него Русија презема неопходни мерки за обезбедување безбедност на своите граници. Исто и дека таа не е дел од конфликтот на територијата на Украина, ниту била.  Андреј Руденко, заменик министер за надворешни работи изјави дека разговорите за потенцијален конфликт меѓу Русија и Украина се измислица на Киев. Москва не е заинтересирана за конфронтација со украинската страна, уште помалку воена, нагласи тој.

Но сето ова беше доволно да зовријат духовите. Генералот Марк Мили претседателот на Обединетиот комитет на началниците на штабовите на САД разговараше телефонски со началникот на Генералштабот на вооружените сили на Русија Валериј Герасимов. „Размениле мислења за прашања од обостран интерес“, се вели во соопштението од разговорот. Тие често разговараат  и по други поводи. На пример околу Сирија. Некои тврдат дека генералите се разбираат меѓу себе подобро отколку политичарите. Мили разговараше и со украинскиот генерал Хомчак. Украинците соопштија дека генералот Мили ја потврдил американската поддршка на Украина. Пентагон нагласи дека заедно со сојузниците од НАТО го разгледуваат тоа прашање. И нагласуваат дека не сакаат повеќе да гледаат нарушување на територијата на Украина. 

Претседателот на Русија Владимир Путин во рамките на видео конференција со канцеларката на Германија  Ангела Меркел и претседателот на Франција, Еменуел Макрон ја разгледаа ситуацијата на истокот на Украина. Како што соопштија од Кремљ „Минските договори“ од 2015 година немаат алтернатива како основа за решавање на внатрешниот конфликт во Украина. Путин ја нагласил важноста од исполнување на сите постигнати договори, а пред се директен дијалог со Доњецк и Луганск и решавање на правните аспекти за посебен статус на Донбас.

ПОВТОРУВАЊЕ НА ИСТОРИЈАТА

 Министерствата за надворешни работи на Франција и Германија излегоа и со посебно соопштение во кое ги повикаа страните да ја прекинат ескалацијата на конфликтот на Донбас. Двете земји се загрижени од растот на бројот на нарушување на режимот на прекин на огнот. Тие велат дека ја следат внимателно ситуацијата и посебно движењето на руските војски. На крај  од соопштението се вели дека како посредници во нормандскиот формат тие се стремат за реализација на „Минските договори“ во полн обем.

Круна на се беше телефонскиот повик од Вашингтон. Претседателот Џо Бајден го повика својот колега Владимир Зеленски.  Според соопштението од Белиот дом, Бајден ја потврдил непроменетата поддршка на САД на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина пред непрекинатата агресија на Русија на Донбас и на Крим. Но многу повеќе зборувал за потребата од реформи во Украина кои треба да се главни во намерите на Украина за евроатлантски интеграции. И тоа борба со корупцијата, заеднички демократски вредности...

Токму јавувањето на Бајден во Украина некои го коментираа како повторување на историјата. Своевремено претседателот Доналд Трамп воопшто не му ѕвонел на претседателот Петар Порошенко. Наводно му бил лут за поддршката што ја давал на Хлари Клинтон на претседателските избори. Но во декември 2017 година на линијата која ги дели Украина и Донбас дојде до силни престрелки. Па тоа било повод Трамп да крене телефон. И нормално да даде поддршка.

И досега во Украина се зборуваше кога Бајден ќе го повика Зеленски?. Во меѓувреме повеќе официјални американски лица се јавуваа во Киев, а беше најавено и дека и Бајден ќе го стори тоа. Последните денови со украински соговорници зборуваа и државниот секретар Ентони Блинкен и министерот за одбрана Лојд Остин и советникот на претседателот за национална безбедност Џејк Саливен. Коментатори во Киев велат дека и сега некој им шепнал на Украинците, можеби од САД, да ја одиграат играта како Порошенко. И токму затоа доаѓа до ескалација на судирите и нарушување на примирјето. Па Зеленски има чест да биде повикан од Бајден. И тој тоа го искористи на најдобар можен начин.

„ЗЕЛЕНО СВЕТЛО“ ЗА ПРЕСМЕТКА СО ОЛИГАРСИТЕ

Во својата изјава тој истакна дека кога „Бајден ги спомна настаните од 6 јануари нагласи дека е важно САД и Украина денес да ја штитат демократијата. Особено кога неа и се закана значителен број олигарси, кои се заинтересирани за дестабилизација и ослабување на државните институции. Беше нагласено и поддржано реализирањето и продолжувањето на реформите во Украина, посебно антикорупциската, судската и реформата на Уставниот суд. Според зборовите на Бајден, во прашањата за борба со корупцијата САД и Украина се „браќа по оружје““. Џо Бајден спомнал и евентуална посета на Украина, но и својот настап во Украинскиот парламент пред некоја година. Некои коментатори велат дека тогаш Бајден пред депутатите ја повикал Украина да го исполни политичкиот дел од Минските договори и дека не треба да се има страв од автономија на територијалните единици. Но, денес Бајден сигурно не гледа на работите како тогаш. Барем јавно не го повтори тој став.

Сега сите очи во Украина ќе бидат свртени кон Зеленски и неговите потези по „зеленото светло“ од Бајден да води битка со олигарсите, иако некои од нив го поддржаа да дојде на власт. Да се бори со корупцијата. Тој веќе прави списоци за отстрел. Почна со помали „бандити“, без закон, без суд, а кога ќе дојде до големите и дали дојде ќе видиме наредниов период. Се очекува да забранува и партии. Некои сметаат дека Зеленски сето ова го прави поради паднатиот рејтинг.

Поддршката што Украина ја доби и од Бајден и од НАТО и од Пентагон во Русија не помина незабележано. Згора на тоа советникот на Зеленски, Алексеј Арестович се пофали со почетокот на вежбите на НАТО наречени  Defender Europe 2021.

МНОГУ ОРУЖЈЕ НЕ ЌЕ Е НА АРНО

Според него смислата на овие вежби е на акваторијата од Балтичко до Црно море да се одработи војна со Русија, односно темата за вооружена конфронтација со Русија. „Главниот фокус се Балканот и Крим и природно, се’ што е северно од Крим“, рече Арестович во едно интервју. Според него активната фаза на маневрите ќе почне во мај, а сега се во тек подготовките за распоредување и префрлање на силите. Истовремено најавени се и воени британско-украински вежби Cossack Mace 2021 на пет земји од НАТО со учество на над 1.000 војници. Ќе се одработува одбрана од офанзива на претпоставен агресор и преминување во контранапад и обновување на државната граница и територијалната целосност на државата. Во Русија неодамна имаше маневри и војските се“ уште не се до крај дислоцирани. А се најавени други маневри, руско-белоруски, „Запад-2021“ во септември.

Многу оружје на еден, макар и поголем простор, во исто време не ќе е на арно. Димитриј Песков деновиве изјави дека во случај на појавување на американски војски на територијата на Украина или засилување на силите на НАТО во соседните на Украина држави се наметнува потреба од сите неопходни дополнителни мерки за обезбедување на безбедноста на Русија. Некои набљудувачи сметаат дека во случајов Москва нема потреба од ескалирање на состојбата. Затоа што можат да бидат воведени нови санкции на пример од Германија кон гасоводот „Северен поток -2“ кој се доградува. А тоа има одговара на Американците, кои веќе најавија санкции за тој гасовод, а кои можат да погодат германски компании.

За крај неколку зборови од Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи. Во едно интервју деновиве, осврнувајќи се на актуечните состојби во и околу Украина, ставот на Бајден, Лавров рече:„ Претседателот на САД Џо Бајден сепак е еден од творците на современа Украина, на украинската политика, на војната на Донбас. Јас сфаќам дека сегашната ситуација многу му лежи на срце и ќе продолжи да ја поддржува во напната и жешка состојба“. Лавров потсетува на доктрината на некои политиколози и аналитичари, меѓу кои и Збигњев Бжежински дека тие ја гледаат Украина од геополитичка перспектива.: Украина, блиска до Русија ја прави Русија голема. Русија од која е откорната Украина, нема никакво глобално значење. „ Го оставам ова на совеста на оние кои ги исповедаат овие идеи, нивната правичност и способност да ја ценат современа Русија. Претседателот Владимир Путин не толку одамна изјави, но ова изјава е актуелна и денес, дека оние кои ќе се обидат да започнат нова војна во Донбас ќе ја  уништат Украина“, изјави Лавров.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД