29 Април, 2024
0.0328

ДОПОЛНИТЕЛНИ СИЛИ НА БАНКАТА

Објавено во: Колумни 16 Февруари, 2022

Добивај вести на Viber

Февруари е месец со големо значење за мене. Имено, освен што е период кога човек се чувствува одморен после серијалот празници и потрошен во новчаникот, сепак, февруари означува и период каде може да се генерираат добри деловни резултати или тоа е оној дел од годината кога се оставаат добри дела во општеството. Како што се вели, само делата ќе останат, а се друго може да биде заборавено. Оттука, многумина, па и јас, го сметаат како период за создавање на нови животни вредности. Во тој контекст, се присетувам, во 2012-тата, токму на почетокот на февруари, од тогашниот ментор, а денес про-ректор на УКИМ, ми беше закажана одбрана на докторската дисертација. Исто така, повторно во февруари, но две години подоцна (во 2014-тата), со поголем дел од тогашните и сегашни банкарски авторитети, го создадовме делото - наречено „АБИТ“. Еве, ден денес, повторно во февруари, кога размислував за избор на една од различните деловни патеки, од блиското деловно окружување, се појави еден млад ентузијаст и мој деловен сопатник, кој ми рече: „Не можеш да спречиш ништо, но можеш да си ветиш, и себе и мене, дека што и да дојде, ќе го надминеме. Затоа што, јас прво верував во тебе, а после во целата приказна“. Храбра реченица, нема што. Мотивира. Така, јас, го одржувам мојот ентузијазам, со избор на чесно, искрено и позитивно окружување. Како што ќе рече Наполеон Хил, во едно од неговите дела: „Непроменливост не постои, морате да се движите или напред кон успехот или назад кон неуспехот, а изборот зависи исклучиво од вас.“ Тука, морам да го цитирам и големиот Гоце Делчев, кој ќе рече: „Ако го изгубите ентузијазмот и немате повеќе, ќе го создадете“. 

Навиката да се работи повеќе од тоа за што сме платени е една од најдобрите особини за претприемачката суштина на делување, но малкумина ја разбираат. Оттука, една од жртвите кои со себе ги носи еден член на управата во комерцијалните банки или успешните компании е неговата подготвеност да работи повеќе отколку што тоа може да го бара од следбениците. За жал на изгубената приватност на индивидуите или за среќа на системот, тоа е цената на успехот. 

Банкарската индустрија како што ја нарекуваме во круговите, за нас претприемачите е голем пријател и како индивидуи и како организации. Иако, навидум не изгледа така. Во таа насока, јас, сакам да верувам дека банкарскиот висок менаџер не е арогантен и „високоплатен“ суетен човек, туку напротив, тој е на исто стојалиште со лекарот или со други зборови кажано, тој ја има алатката да помага. Овој првиот го спасува индиректно човекот (читај: бизнисот), додека вториот има директно влијание врз организмот. Исто така, сум на мислење дека со доближување на банкарската фела до младиот претприемач со формирање на т.н. „претприемачко банкарство“, првенствено преку специјализиран тренинг и специјалистички семинари, согласно европските стандарди за банкарски тренинг ќе се придвижуваме чекор напред кон креирање на успех во стопанството. Практично, во изминатите години, заедно со колегите банкарски авторитети (тренери и експерти) во АБИТ, во оваа насока делувавме. Но, можеби е потребна уште поголема кооптација помеѓу финансискиот сектор и претприемачите со засилен трансфер на знаења преку алатката - стручно образование за банкари и финансисти. Имено, сега, време е новите компетенции за банкари и финансисти, кои, неуморно сите заедно во академијата ги создававме со силна поддршка на Европејците, и тоа ни помалку ни повеќе, туку точно осум години, да  бидат препознаени и поддржани од страна на фелата. Со тоа, ќе се стави акцент на новото поглавје во стручното образование за банкари и финансисти, а притоа ќе ги маргинализира едукативните единки кои креираат послаб квалитет. Поточно, таквата поддршка на новите компетенции за финансисти е потребна за цели во неформалното, а најповеќе за цели на реформите во формалното образование.

Во таа насока, ние во АБИТ се ставаме во функција, преку учество во соработки со универзитетите од државата, да ги интегрираме нашите програми за сертификација, во формалните академски програми за додипломски и постдипломски студии, со цел, стекнување на нови компетенции кај младите и идни банкари и финансисти, а по примерот на Франција и Луксембург (наши пријатели и поддржувачи). За таа цел, ако е потребно, може да се осврнеме на некои добри елементи од моделот на колегите од Француската банкарска асоцијација / Француската висока школа за банкари, со цел, да извршиме трансфер на искуствата кај нас. Во насока на ова, ќе се обидам да направам една паралела во земјите во ЕУ.

Имено, кај нив, стручната неформална академија за банкари (како кај нас АБИТ) на пример во Париз, соработува со највлијателните државни и приватни универзитети преку студиските програми за финансии и банкарство. Сега, логично е да се запрашаме: Како?

Тоа, едното со другото се поврзува со т.н. ЕКТС трансферни кредити. Практично, во наставните програми на формализмот, на универзитетите и високите школи, каде се изучува банкарството и финансиите, се интегрираат неформалните сертификации за преквалификација и доквалификација на банкари и финансисти, со тоа што, високите експерти од банките и останати, изведуваат настава, која ќе биде интегрирана во студиската програма, но преку обавување на сертификација од надворешна неформална академија за банкари и финансисти со висока репутација, а  поддржана од фелата. Со тоа, на наставната програма ќе и се даде додадена вредност, преку  стекнување на репутациски сертификат од страна на студентот, кој тежи, и тоа за одредена компетенција - специјалност (како на пример: ризици, кредитна анализа, управување со филијали, усогласеност со прописите и сл.). Од ова, се прашувам, кој добива? Сите подеднакво; и студентот; и факултетот; и банките; како и неформалната академија. Кој губи? Никој.  

Според ова, да подвлечеме дека не само банките, туку сите чинители на финансискиот систем, меѓу кои и останатите финансиски друштва, треба да се вклучат во новиот модел за трансфер на знаења преку алатката - стручно образование за банкари и финансисти. Само така, преку специјализирано стручно образование и тренинг, согласно европските стандарди, сите заедно, многу посилно ќе допреме до проблемите на младите и претприемништвото (особено до стартапите), а со самото тоа и до поголемакреативност и добро организирано опкружување.

Банката денес - препознавање на трошоците поврзани со човечките ресурси како инвестиција

Денес, во услови на совршена конкуренција, дејноста на банката не се врзува исклучиво за парите, туку за нејзината целокупна актива и тоа особено онаа актива што е најважна за нејзината успешност и профитабилност во работата. Имено, најважната активност на банката не се парите во трезорот, туку довербата на клиентите кон неа. Таа доверба е резултат на долгогодишен труд и совесна работа на банкарските специјалисти. Но, за да се изгради таа доверба, на банката ѝ се потребни дополнителни сили, со кои, таа ќе влијае врз клиентите, за тие подоцна да побараат и дополнителни услуги од неа. Тоа е можно само доколку банката ги препознава трошоците поврзани со човечките ресурси како инвестиција.

Сега, станува појасна врската помеѓу успешноста на банкарската индустрија и развојот на нејзините човечки ресурси кои понатаму ќе бидат активни помагатели на целиот финансиски систем. Но, не само таа врска, туку потребна за успех на финансискиот систем, многу повеќе е врската за тоа, како, од една страна претприемачите со нивните компетенции и вештини можат да направат успех со позајмените пари од банката, а од друга страна, спремноста на банката силно да ги антиципира ризиците од таквиот процес. Тоа е формулата за „долга љубов“ помеѓу банките и идните претприемачи. Поточно, таа врска е одржлива со високо ниво на меѓусебно разбирање, дијалог и активна поддршка на едукативна платформа.  

проф. д-р Синиша Наумоски,

Претседател на Академски совет во АБИТ и професор за контролинг на германската високообразовна установа - Хајделберг Институт во Скопје  


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД