30 Април, 2024
0.0244

Довербата кон професионалците е чин на елементарно воспитание

Објавено во: Колумни 16 Септември, 2015

Добивај вести на Viber

Неодамна на социјалните мрежи налетав на едно видео од архивата на МТВ – староградски песни од Штип и штипско. Ниту тогаш, ниту сега, приказната не е поврзана со староградските песни, туку со еден детал од воведната шпица што и тогаш и сега ми остави впечаток. Имено, на најавната шпица како уредник на тогашната културна редакција при МТВ, стоеше името на Петре М. Андреевски. Да, тој Петре М. Андреевски – творецот на вечната Дениција, поетот, раскажувачот, отелотворувачот на македонскиот дух во романот Пиреј, собирачот на македонските солзи во Лакримариј, толкувачот на детскиот свет во Шарам Барам... Оваа најавна шпица ми послужи како провокација за ова писание. Писание – провокација и за мене и за вас. Писание за едни минати и времиња сегашни. Времиња минати во кои довербата кон авторитетите и професионалците беше предуслов за изградба на системот. Ова ми е втор текст во кој се навраќам на времињата на „клетиот комунизам“, ризикувајќи да бидам етикетиран како „комуњар“, во ова доба на  „прогресивни“ и „реформаторски“ возлети. Да не се разбереме погрешно – јас не го воспевам комунизмот и не мислам дека компаративно е супериорен во однос на либерализмот и плурализмот, едноставно го земам како една најблиска историска референтна точка со која можам да ја компарирам денешницава. И еве ве провоцирам – сетете се кој денес е уредник на културна редакција на МТВ? Кој воопшто е уредник или директор на МТВ? Во што е поентата на оваа провокација? Едноставна е – денес е доба на недостаток на почит. Оваа заедница денеска е основана на недостаток на елементарно ниво на почит кон професионалците и авторитетите. Уште повеќе – сиот систем ни се заснова на недоверба. Политичките елити толку се несигурни во сопствената вредност, што од таа позиција имаат девалвирачки однос кон сè што е вредно. Затоа, исти такви како нив - невредни, ги ставаат да возглавуваат така вредни институции како МТВ. Затоа денеска не можете да се сетите на едно вредно име. На вредно име како Ацо Шопов – прв директор на Струшки вечери на поезијата. Или на Блаже Конески, основач на студиите по македонистика на УКИМ и негов ректор. Таков горостас македонските универзитети долго немале. Тој „клет комунизам“ ги решавал нештата елегантно – кој е најдобриот во фелата, тој ја возглавува институцијата и има одврзани раце, полна доверба и целосна креативна слобода од таа институција да направи нешто вредно. На пример – го земате композиторот кој специјализирал на Конзерваториумот Моцаретум, во Салцбург, композиторот Тодор Скаловски - личен пријател и соработник со најдобриот композитор на овие простори Ловро Матачиќ, и му велите „господине Тодор Скаловски, вие треба на оваа држава да ù направите филхармонија“. И со целосна почит кон авторитетот и професионалноста на Тодор Скаловски, со потполна доверба во неговите квалитети и добри намери, му оставате апсолутна слобода и – имате филхармонија. Или сакате да градите зграда на ЦК – го ангажирате најумниот од умните - Петар Муличковски, специјализант на Беркли и Харвард! Не му кажувате што да направи – класицизам, барок или рококо, туку со тоа што го оставате на раат, како да му велите – „изрази се Петаре, изрази се најдобро што можеш“! И Петар се изразува, го дизајнира објектот како израз на последните текови на модерната и за тоа добива награди и признанија – меѓународни. Денеска, ангажирате анонимус, т.е. анонимка и кажувате што да работи и за тоа таа анонимка добива награда – професорско место на Ликовната академија во Скопје. Може уште многу примери да се редат да се илустрира идејата. Но веројатно е доволно да се заклучи дека системот мора да почива на елементарна доверба кон авторитетите, кон професионалците. Систем без таква елементарна доверба нужно лизга кон тоталитаризам, затоа што сè зависи од волјата, вкусот, намерите... на вождот. На крајот на краиштата, почитта кон професионалците, учителите, постарите... е работа на домашно воспитување. Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД