26 Јануари, 2021
0.0201

Довршување на Букурешт

Објавено во: Колумни 30 Ноември, 2020

На 10 август 1913 година, завојуваните страни во Втората балканска војна: Србија, Црна Гора, Романија и Грција, од една страна и Бугарија од друга страна, го потпишуваат Букурешкиот мировен договор, после кој територијата на Македонија, до тогаш под Отоманска власт, била разделена помеѓу соседите. Децении после тој договор, Македонија и Македонците останале да го сонуваат својот сон. Со Преспанскиот договор и (анексот-патоказот) на договор со Бугарија, тој сон завршува. Идејата за македонизмот, таква каква што ја знаеме завршува. Поточно, со овие договори, се довршува она што почна во Букурешт. Или она што не можеше да се заврши физички, се завршува идејно-политички.

Со овие два договори, се редефинира Македонија и македонизмот по терк на соседите. Уште еднаш во историјата, Македонија е само нем набљудувач на сопствената судбина. Наједноставно кажано, со двата договори просторно и временски се омеѓува македонизмот. Преспанскиот договор, со фамозниот член 7 ја лишува Македонија од секое право на хеленското наследство (временско омеѓување), и од Македонците во Егејскиот дел (просторно омеѓување). Откако се изврши оваа „преспанска операција“, на ред се Бугарите да ја довршат. Бугарската офанзива е само последица на Преспа, всушност, тоа е дел од една заедничка, поширока слика и однос кон Македонија и македонизмот на соседите.

Затоа, Бугарите најпрвин ја подигнаа толку високо летвичката во преговорите, за во суштина да го добијат тоа што го сакаат: историјата. И памтете ми го зборот: нивните отстапки ќе бидат во насока на идентитетот и јазикот, но не и во историјата. Затоа, што на тој начин, добивајќи ја историјата (како заедничка до одлуката на Коминтерната), тие всушност посредно го добиваат идентитетот и јазикот! Ако до Резолуцијата на Коминтерната за македонското прашање, не постои свест за засебноста на македонската нација, ако до тогаш етногенезата на Македонецот е бугарска и ако сме с`шти народ, тогаш Бугарија добива сè што сакала, вкучително и јазикот (како бугарски дијалект, подоцна само „вештачки“ кодифициран), а со тоа и идентитетот. Затоа тие ја кренаа толку високо летвичката на барањата – јазикот и идентитетот! За да ја добијат само историјата до 1944, со што всушност го добиваат и јазикот и идентитетот!

Тоа ни ја разјаснува и суштината на бугарските барања. Без да изгледа како недозволива симплификација, но суштината на бугарските барања не е променета 60 години, односно од она што уште во 1968 го утврдува БАН, како официјален историски канон и официјална државна политика кон Македонија:Македонците се „етнички“ Бугари, а целата историја на Македонија (од среден век, преку преродбата до револуционерното движење), всушност е бугарската историја, додека македонскиот национален идентитет е само производ на српскиот национализам, конено остварен во бивша СФРЈ.

Бугарите и бугарската историја, без македонизмот инкормпориран во нив, не само што засекогаш остануваат на „погрешната страна на историјата“, ами не можат и да го втемелат својот национален мит! Со македонизмот, пак инкорпориран во нивниот историски наратив, Втората светска војна за нив е само идеолошки судир помеѓу „левицата“ и „десницата“, помеѓу комунизмот и фашизмот, а со тоа и братоубиствена, војна, граѓански судир на с`шти народ, идеолошки разделен на една територија. Оттука и нивното инсистирање на „администрирање“, наместо „окупација“, затоа што се администрира „сопствена“ територија, а туѓа се „окупира“. Ова за нив отсекогаш биле нивните „историски б`лгарски територии“, а ние за нив секогаш сме „македонски Бугари“!

Конечно, оттука и нивниот ресентимент кон комунизмот, затоа што комунизмот овозможи формирање на македонска држава! Заради тоа тие и денес попрво би му намигнале на фашизмот, отколку на комунизмот. Оттука и таа релативизација на поимот „фашистичкиот бугарски окупатор“! Имено, тие не би можеле да се „фашисти“, ами само еден дел од нив, додека другиот дел, „македонските Бугари“ биле дел од антифашизмот. И затоа оваа релативизација (дури и од некои наши интелектуалци), како на пример, дека бугарски чети учестувале во ослободувањето, или дека имало Македонци во бугарски чети, дури и дека имало Македонци во фашистичките редови, или учесници во депортацијата и сл. Сите вакви "поединечни" примери кои се нудат како некаква "аргументација", всушност целосно се на линија на суштината на спорот со Бугарија и токму тие најпластично ја илустрираат неговата есенција, а таа е дека тие ослободувале сопствени територии и с`шти народ! Да, имало бугарски дивизии, да, имало бугарски војници во ослободувањето, Македонци во бугарски чети, дури имало и Македонци на спротивната страна, но дури и лично и персонално само Бугарите да нè ослободиле, тоа е само затоа што сметале и се уште сметаат дека ослободуваат сопствени територии. Суштинта на нивните барања денес се Сан Стефански! Затоа, ве молам не верувајте кога ви нудат поединечни примери како бугарите ве ослободувале, со тоа само ја докажуваат суштината на бугарските барања во овој спор.

Конечно, „македонското прашање“ се затвора на начин како што им одговара на нашите соседи. Македонија, ваква што ја знаеме и Македонците вакви како што ги знаеме веќе не постојат. Она што не успеа физички, географски, со раздвојување, успеа со колаборационистичка политика на капитулација. Токму вакви ќе влеземе во ЕУ...нешто малку пред влезот на Турција, можеби!

Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Фактори за надминување на акомодативниот карактер на македонската економија

Фактори за надминување на акомодативниот карактер на македонската економија

Протести во Москва- мала предигра во односите на Русија со САД

Протести во Москва- мала предигра во односите на Русија со САД

Неделен Фактор - Не ја признавам колумнава ако нема 2.000 лајкови

Неделен Фактор - Не ја признавам колумнава ако нема 2.000 лајкови

Попис за отпис од Македонија!

Попис за отпис од Македонија!

Предизвици во управувањето со трошоците – мега трендот „сервитизација“

Предизвици во управувањето со трошоците – мега трендот „сервитизација“

Наваљни се врати во Москва – Зад грб го има Западот

Наваљни се врати во Москва – Зад грб го има Западот