20 Април, 2024
0.0291

Друже Јово

Објавено во: Колумни 02 Февруари, 2019

Добивај вести на Viber

Го имавме како другар,иако беше татко на двајца наши другари- негови синови.По потекло беше од Крњево,а живееше во населбата Пролет,каде што пролетувавме како млади орлиња во небото на животот.Тој долго беше наш гуру и заштетен знак.

  Го запознавме како пензиониран пратеник на Собранието на СРМ,кој пред тоа бил на апанажа,која воопшто лесно не ја поднесуваше.„Згрешил“како член(со уште двајца негови истомисленици и чесни комунисти)на комисијата што ги открила имињата на неколкумина високи раководители „пациенти“ на акцијата „имаш куќу врати стан“.Следевме заедно ТВ Дневник,а тој постојано се нервираше,пцуеше и негодуваше,гледајќи ги довчерашните собраниски колеги и партиски другари.Не сум сигурен дали беше партиски активен,но беше активен во дружбите со нас.

  Чика Јово беше масивен,накај дебел човек,па некои во маалото го викаа и Јово дебелиот.Тоа воопшто не му пречеше,зашто со леснотија возеше точак-„розинант“(според залудната борба беше Дон Кихот,а според изгледот Санчо Панса),стара марка, појачан за да ја издржинеговата маса што по цел ден ја разнесуваше те на пазар,те по работа,а понекогаш и по риба на Вардар.Игравме први партии реми-бриџ со него,тој ни кажуваше мрсни вицови,понекогаш ќе задремеше,а ние го чекавме да отвори очи и да ја продолжиме прекинатата партија карти.Одевме заедно по риба на каналите во Острово и Арачиново,на Лепенец.Учевме како се фаќа бојник,како се мести црв на удица,а како лепче.Тој риболов беше посебно доживување-ретко ќе фатевме по некоја кркушка и мренка,но ги фаќавме и впивавме сите шеги и шеретлуци.

  Подрумот под станот што единствено го имаше добиено од државата на користење,премал за неговото 6 -члено семејство,бече приказна за себе.Тоа беше аптека(се знаеше кој алат каде е,но и која туршија и кое вино и ракија во кои тегли и билнаци се)со столарски тезгав(така го викаше)на кој мајсторисуваше.Имено,како столар во „Треска“ и напреден младинец, комунист и илегалец ,дотуркал до директор на рудникот Радуша и пратеник во републичкото собрание.Таму имаше инсталирано и скара на која ни подготвуваше специјалитети кои ние ги дегустиравме на седенките,но едвам чекавме и тој да ни се придружи.Тие веселби и лумперајки не се опишуваат.Знаеше песни од типот „Кад чујем тамбуре..“ до „И ние сме деца на Македонија“,а со посебен мерак ги пееше,на наше барање на бис,мрсните скопски песни од марката „Насели се село под момино пупе...“.

  Тоа беше школо што го поминавме сите со одличен успех,за кое не добивме дипломи и признанија.„Школа живота“-нели така,во класата на Јовац,домаќин и шерет,жесток борец за правдина и вистина,чесен комунист без мерак за успешна кариера,но коска во грлото на тогашните ситни и помалку ситни „буџи“.

  Во памет ми останаа своевидните предавања што одвреме навреме ги организиравме спонтано,а ни ги држеше Друже Јово.Со својот пластичен пристап на работник и посетител на некои партиски школи, ни ги доближи апстрактните поими од „Капитал“(вишок на вредност и пазарно стопанство),демократски централизам и самоуправување,делегатски систем,колективно претседателство,национализам и либерализам...и што уште не!

  Реката на животот не однесе ваму-таму,се испоженивме,се поретко се гледавме меѓу себе.Друже Јово замина на патот без враќање,а ретко кој од нас  го испрати и му оддаде почит.Овие неколку реченици се дел од долгот што ми остана.Споменот сите ќе не надживее....  


Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок