Добивај вести на Viber
Огласот беше затворен пред три месеци, но во недела во живо, на Македонската телевизија електронски ќе се бира, кој социјалец добил работа во ЈП „Македонски шуми“. Од над 25 илјади апликации, државна работа ќе добијат 1600 лица од социјално ранливите категории.
Според владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, со електронското бирање се овозможува транспарентност и правичност.
„На овој начин ќе се обезбеди силна транспарентност на процесот на избор заради елиминирање на влијанија од човечки фактор и протекционизам, односно ќе се овозможи правичност на самиот процес. Пријавени се над 20.000 апликации, а директниот избор ќе претставува финално, прво, основно и потесно рангирање“, вели Ѓорѓиев.
Програмата на МТВ ќе трае 3 часа, од 17 и 20 часот, а изборот ќе го прави софтвер кој што селектирал се што напишале апликантите, а проверено преку УЈП, ФПИОМ и Агенција за вработување, но и со извештаи на тимови кои посетувале апликанти за утврдување на веродостојноста на податоците.
Според објавените критериуми, вработени ќе бидат 4групи лица и тоа долгорочно невработени лица со повеќе од 10 години без работа, лица од многудетни семејства, самохрани родители и еднородителски семејства и невработени лица од семејства каде нема ниту еден вработен. За секоја од овие категории се предвидени по 400 вработувања при што во рамките на секоја група има вработувања за лица со ниски квалификации, со средна стручна подготовка и за лица со високо образование.
Во самиот процес, вели владиниот портпарол, ќе се внимава и на правичната застапеност на етничките заедници, а лицата кои нема да бидат избрани од софтверот ќе имаат можност за жалба до Второстепена комисија, како и право да поведат управен спор.
Потоа вработените во ЈП „Македонски шуми“ ќе бидат преземани од институциите кои имаат потреба од нови работници.