28 Април, 2024
0.0241

Државниот капитал пуштен низводно

Објавено во: Колумни 26 Јануари, 2015

Добивај вести на Viber

Ако во сферата на политиката во земјата, денеска, копјата се кршат околу не пожелните авторитарни процеси, во економијата на преден план избива однесувањето на власта, во користењето на средствата собирани од даночните обврзници и управувањето со средствата во државна сопственост. Погледите, со право, се фокусирани врз неоптималноста во нивното трошење  односно врз неефикасноста  во користењето на капиталот во државна сопственост. Состојбата со користењето на средствата во јавните претпријатија и акционерските друштва со доминантна државна сопственост е катастрофална. Како никому да не му е важно како тие работаат. Сосема се препуштени на „менаџерите“ што ги избрала власта, а тие, во зависност од способностите, во бизнис водите пливаат како знаат и умеат, без конкретна цел. Речиси им е се’едно дали работаат со загуба или со добивка. Тие се само  регистратори на лошото и на доброто. Ниту се казнуваат ниту се наградуваат за резултатите. Тоа значи дека  раководителите не се ставени во улога на вистински менаџери кои ќе се борат да остварат што поголеми добивки од работењето со државниот капитал или да избегнат работење со загуби, за да не го подјадуваат државниот капитал. Нивна преокупација  е да и’ се допаднат на налогодавачот. А како? На разни начини преку кои ќе се стават во функција на политиките на државата,  независно од тоа каков ќе биде нивниот менаџерски ефект од работењето, синтетизиран преку висината на добивката или загубата. Тоа е можно затоа што  тие и не зависат од остварените економски ефекти во работењето. Никој не им пресметува стапка на враќање на користениот капитал и никој преку нив, не ја оценува нивната (не)успешност во менаџерското работење. Ќе наведам само неколку податоци од кои јасно ќе се види дека условите за работење на претпријатијата во државна сопственост се далеку од пазарните, а тоа предизвикува непазарно однесување и на менаџментот. МЕПСО е пример на „жртва“ на непазарни услови на работење, со оглед на тоа што неговите приходи зависат од цените кои ги определува регулаторната комисија за енергетика, која е во дослух со власта и води сметка за потрошувачите. За тоа зборуваат податоците според кои на релативно мала осцилација на вкупниот приход имаме драстично намалување на добивката. Од речиси 14 милиони евра добивка во 2009 година, таа се намали на само 250 илјади евра во 2013 година (за 55 пати). Притоа, бројот на вработените е минимално зголемен. На безмалку исто ниво на остварен вкупен приход во периодот 2009-2013 година ЕЛЕМ од работење со добивка од 4 милиони евра во 2010 година стана претпријатие  кое работи со загуба од над 2 милиони евра во 2013 година. Веројатно има и објективни причини за тоа, меѓутоа, идикативно е тоа што бројот на „непартиски“ вработувања е зголемен од 3.900 во 2009 година на 4.700 во 2013 година. По неколку години остварувана добивка во работењето Македонски шуми во 2013 година покажаа загуба (1,4 милиони евра), а  Македонска пошта (2 милиони евра). Континуирано во три години високи загуби покажуваат МЖ Транспорт (8,3 милиони евра) и ЈП за железничка инфраструктура МЖ (6,5 милиони евра). ЈП Македонија пат во сите пет години покажува загуби во работењето, со тоа што износот во 2013 година е за десетпати помал од износот во 2009 година. Тренд на намалување на добивките покажуваат и АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, ЈП Водовод и канализација, ЈП Комунална хигиена и тн. Ако на горниве податоци му се придодадат и долгогодишните загуби што ги остваруваа и четирите загубари со доминантен државен капитал  (ЕМО, ОХИС, Еурокомпозити и Тутунски комбинат од Прилеп, за среќа овој последниов е успешно продаден на странски инвеститор) очигледен е трендот на десеткување на добивката од работењето на претпријатијата во државна сопственост. А државата на тоа го гледа или се оденсува како да не ја засега. Како целата оваа ситуација да се случува на некој друг, а капиталот да не нејзин, на државата. Мнозина ќе кажат дека и нашата практика е доказ за неефикасноста на државата во управувањето со претпријатијата во државна сопственост. Меѓутоа, ако е така, државата е одговорна што не направила програма за нивна трансформација во приватна сопственост во времето кога претпријатијата покажуваа многу подобри резултати отколку што е тоа случај денеска. Затоа што,  ако  сега владата мора да ги продава ќе кешира многу помалку средства отколку пред неколку години кога претпријатијата покажуваа определена добивка. Значи се поставува  прашање   зошто владата чекала да се елиминира добивката за да пристапи кон таква цел? Очигледно е дека власта досега неуспеа да воспостави механизам за ефикасно менаџирање со претпријатијата во државна сопственост. Но, тоа не е само поради несоодветна грижа кон државниот капитал, туку повеќе од очигледно е присутна и праксата на реализирање на популистички политики. А тие за власта додека е власт немаат цена, но пак за сите други  предизвикуваат силни штети, затоа што на крајот сметката ќе биде испорачана.  А таа ќе мора да се плати и тоа сигурно ќе ја платиме ние граѓаните, без разлика кој и да биде на власт. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД