Државно неизградено земјиште во рацете на Тетово, Богданци и Центар Жупа
Објавено во: Македонија 16 Јануари, 2013
На општините Тетово, Богданци и Центар Жупа владата им овозможи да го преземат процесот на управување со градежното неизградено земјиште, кое е во сопственост на Република Македонија. Тие доставиле соодветни барања и ги исполнуваат законските услови да го преземат процесот на управување со градежното земјиште.
- Управувањето со градежното неизградено земјиште, сопственост на Република Македонија, понатаму самостојно ќе можат да го вршат општините Тетово, Богданци и Центар Жупа. Со оваа одлука, вкупно 42 општини до сега се здобиваат со правото да отуѓуваат и даваат под закуп неизградено градежно земјиште, соопшти денеска Министерството за транспорт и врски.
Согласно Законот за градежно земјиште, општините кои ќе ги исполнат предвидените услови можат да ги водат постапките за отуѓување на неизградено градежно земјиште, сопственост на Република Македонија. Овие услови предвидуваат општините да имаат развиено и усвоено годишна програма за управување со државно градежно земјиште, да имаат минимален број лиценцирани општински службеници, да имаат воспоставен систем за електронско наддавање и комисија за јавно електронско наддавање.
Со управувањето на градежното земјиште од страна на општините се овозможува комплетирање на целата постапка, вклучително и купување и давање под закуп на градежното земјиште и добивање градежни дозволи, на едно место, соопшти Министерството за транспорт и врски.