28 Март, 2024
0.0259

Духовна криза и како напред

Објавено во: Колумни 30 Март, 2021

Добивај вести на Viber

Почитувани читатели, во оваа колумна да се одмориме од тематиките посветени на економија. Знам, се навикнавме на тоа, кога сум на репертоар во „ФАКТОР“. Но, сум на мисла, на нив, да се навратиме веќе од наредната недела со анализи за макроекономијата и состојбите во стопанството. Покрај анализите со бројки, често милувам да пишувам текстови со количество на духовност во него. Сега, чувствувам дека тоа е потребно. Имено, многу од нас „заминаа“ од овој свет. Нечујно и многу брзо. Во таа насока, ова писание, за денес, го посветувам на сите кои не напуштија – јавни и не-јавни македонски граѓани.  

Несомнено, овој викенд, со позасилена динамика, актуелна тема, повторно беше Република Србија. Би рекол, оправдано. Како и да е, и небитно каква била целта, ваквата постапка е навремена и позитивна, но што е најважно - таа е направена на правилен начин и во вистинско време. Преку бизнисот, со поддршка на стопанските комори на двете земји, во име, и за сметка на македонските поединци изложени на ризици.

Во ова писание, анализата, која изискува внимание нема да биде насочена во правец на постапките на соседот и „агилноста“ на домашната стратегија, туку напротив, сакам погледите да ги насочиме кон самите себе. За таа цел, бев инспириран од стотиците коментари во јавноста, a ќе си земам за право да анализирам некои од нив.   

Имено, во разговор со некои од македонските - учесници во процесот на вакцинација, ми беа презентирани искуствата од Ниш (овој викенд). Да бидам објективен, бев изненаден, ајде да не речам зачуден, од позитивниот feedback во форма на воодушевување од пријателите. Замислете – пријателите ми говореа за љубезноста на српските медицински лица при процесот на вакцинација. Во објаснувањата, разбрав дека таму владеела позитивна енергија, шеги, и говорење на македонски јазик, од страна на медицински лица... Слушам и се прашувам: Во каква состојба е нашето општество? Зарем, тука, нема ли луѓе кои се смеат на работни места? Зарем, сите сме станале негативни критичари? ДА, ако се свртам околу мене, може да се рече дека сите сме станале, некој помалку, а некој повеќе такви. Во оваа насока, нема подобра прашална реченица, од онаа, напишана од почитуваниот новинар и уредник, Горан Михајловски, а вели: „Колку сме ние тука оштетени во духот?“

Почитувани читатели, претставува вистинска реткост да наидете на личност која е позитивна, без оглед на околностите. Неодамна, сретнав една, и тоа сосема случајно. Искрено, мислев дека е лага, да имаш толкаво количество позитивизам во ова време денес. Но, не беше така! Едно браво за таа личност, и само напред. Те спомнувам, затоа што, ТИ, си реткост од човеков вид, и таквите како тебе треба да се поддржуваат. Од друга страна, пак, можеби значи дека и јас сум западнал во духовна криза, па таа состојба ме изненадила.

Денес, сите ние, сме во уште еден пик, чинам трет по ред. Тоа, значи дека времињата се тешки. Таквата состојба, покрај страотните здравствени последици, предизвикува и силна криза во духот кај населението. Оттука, може да се претпостави дека доаѓаат состојби на потешки времиња за колективната стапка на духовност во душите. За ваквите состојби, уште многу пред пандемијата, причинител беше нарушувањето на довербата меѓу луѓето. Таа, дополнително, како последица на овој период, речиси и целосно да се изгуби. Денес, влегуваме во една т.н. фаза на колективна духовна и општествена криза. Економски, тоа може да се објасни како состојба, во која, луѓето се опседнати само со профит и материјални добра, или со други зборови, тие се единствените владетели на системот. Поради кризата, луѓето се склони на штедење, а тоа предизвикува намалена стапка кај личната потрошувачка. Понатаму, тоа доведува до негативни ризици за ликвидноста и се појавува т.н. глад за ликвидни текови, или состојба која ги тера претприемачите да бараат алтернативни извори за ликвидност, што на крај ќе предизвика до состојби на акомодативност во микроекономијата (читај: во домовите и семејните бизниси). Така, кај граѓаните ќе се појави една изразена состојба на акомодативност, што ќе резултира со нарушен спокој, и притисок, тие да се ориентирани кон бизнис и трговија, а тоа ќе продуцира само натпревар помеѓу нив. Таквата трка или натпревар ќе донесе до силна, или би рекол, до многу посилна од таа до пред кризата, појава на ЗАВИСТ, и тоа во големи размери, а пропратена со отсуство на спокој и среќа меѓу луѓето. Резултатот: колективна рамнодушност и меѓусебна не-почит. Ова е еднакво на: состојба на колективно незадоволство од СЕ и барање на виновник во секој.   

Како напред?

Според мене, ако сите се менуваме во насока на објективност кон фактите, и направиме барем по едно добро дело (квартално/годишно), а без притоа да имаме личен интерес од тоа, ние сме дале допринос кон општествениот прогрес за „еден милиметар“ понапред. Така, чекор по чекор, ефектот ќе се почувстува. Кога општеството ќе почне да прогресира, иако полека, но движејќи се, тоа ќе ослободува простор за експанзија во економијата. Таа ќе оди напред, и на долг рок, ако оваа мудрост ја имплементираме ќе создава подобро општествено уредување (бавно, но ќе се движи).  

Понатаму, одењето напред, подразбира и придвижување на работите во политиката. Токму тоа, за сите нас, ќе даде силен поттик и верба во државата, верба во системите, а со тоа и враќање на мотивацијата кај граѓаните. Таквата мотивација, може и мора да ја подигне силината на духот во секој од нас. ВЕРБАТА, за нас Македонците, била силна алатка за напред. Имено, не дека не сакам да одам подлабоко во анализите, но сигурен сум, тоа нема да биде етички, пред се, поради монетраните позиции кои ги застапувам, а бараат од мене да бидам крајно внимателен и аполитичен. Затоа, само ќе ја подвлечам тезата која е застапувам веќе една година - денешната еднаквост (пола-пола) во политичките опции кај македонскиот блок е неповолна позиција во насока на силен напредок во економијата. Ако се прашувам јас, од гледиште на економист, би рекол дека состојбите кај соседите Србија и Бугарија, покажаа дека стабилна влада со повеќе од десет години неменливост на елитите, дава резултати (читај: економски резултати, што е и најважно). Во спротивно, ако не може така, а очигледно не можеме, тогаш нека биде германскиот „Меркел модел“- сите во власт до најмалку два мандати (т.н. „концепт 2030“). За оваа размисла, при контактите со некои од Германците-претприемачи и „Бундестаговци“, тие велат „ЗА“. Ова е можно, само со претходно јасна и силно утврдена економска стратегија од сите чинители. Како паралела, ако ги прашате граѓаните во Белград и Софија, денес, помалку тивко, повеќето од нив ќе ви одговорат дека можеби им забележуваат на владите за навидум поцврсто управување од вообичаеното, но, таквата стабилност во нивните земји се покажа како успешна од стојалиште на економијата.    

Колку што реалноста е таква каква што е, толку има некој кој упорно контрира сите овие години и денес го имаме резултатот наречен – НАДЕЖ. За таа цел, а со намера силно да контрираме во таа битка со негативниот слој од општеството, кој за жал е мнозинство, потребна е ВЕРБА. 

проф.д-р Синиша Наумоски,

Директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 


Можеби ќе ве интересира

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?