24 Октомври, 2020
0.0340

Џандар збира за Заев или за Мицкоски?

Објавено во: Колумни 09 Октомври, 2020

Предвремените локални избори, кои ќе се одржат во декември, во градот Штип, можат да бидат пресвртница на македонската политичка сцена. И покрај тоа што станува збор за освојување на локалната власт во само една општина (најголемиот град во источна Македонија), затоа симболиката е важна, сепак за политичката траекторија и судбина на лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ се многу важни. Христијан Мицкоски, се наоѓа под жесток притисок за негова смена на лидерското кормило од т.н иницијатори за вонреден конгрес во најголемата опозициска партија, кои преку конференции за печат, изјави, интервјуа му го бараат постизборниот скалп, укажувајќи дека со него на чело, ВМРО-ДПМНЕ нема шанси да се врати на власт, барем во догледно време.

Веднаш после изборите на 15.јули, Мицкоски свика централен и извршен комитет, каде што му беше потврдена поддршката од највисоките тела на партијата. Протестите во изминатите неколку недели, кои тој ги организира, се само јалов обид за подигнување на моралот кај разочараното членство, но и политички од, да ја претстави партијата се уште во силна кондиција, која му дише во врат на Зоран Заев и „мафијата на власт“. Доколку Мицкоски ги загуби  изборите во Штип, и минимално, ќе следува уште еден бран на незадоволство од „отпишаните“,кои ќе му го вбројат и овој пораз во низата, изминатите години додека ја води ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека и ова е уште еден доказ за неговата неспособност  да ја врати партијата на победничките патеки. И при евентуален пораз во Штип, Мицкоски ќе продолжи да ја води партијата до следните локални избори наредната година на есен, укажувајќи дека „хунтата на Заев ги украла и овие избори“. Што ќе се случи доколку Мицкоски го освои вмровскиот бастион  Штип? Ќе создава привид, дека ВМРО-ДПМНЕ се враќа триумфално на власт, дека народот ги казнил штетните политики на Заев и мафијата, но и дека „едната рата му е испорачана на Заев, токму од славниот Штип“. За момент, ќе ги смири разбрануваните духови во партијата, бидејќи не само отпишаните, туку и многумина соработници околу него, со децениски стаж во ВМРО-ДПМНЕ, кои ги поминале сите фази на подеми и падови на оваа партија, после евентуален пораз нема да се запрашаат, и јавно дали со овој човек ВМРО-ДПМНЕ има и некаква победничка иднина.

Последните парламентарни избори  во Штип, ако се земат за репер, ни укажуваат дека разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, беше екстремно минимална (помалку од стотина гласови), и дека гласовите на Левица на Димитар Апасиев и ГДУ на Петар Колев, би можеле да бидат клучни како тас на вагата, каде ќе натежне победата. Особено за гласовите на вториот, кој е роден штипјанец, и има утвредно структура во овој „главен град на истокот“. Сепак, да не бидеме неблагодарни,  бидејќи низ изминативе 30 години повеќепартиска демократија, македонските граѓани, во многу наврати покажале дека различно гласаат на парламентарни, локални и претседателски избори. Доказ за тоа се последните изборни циклуси во Охрид. Поважното за политичката кариера на Мицкоски, се резултатите од идните  редовни локални избори, за една година од сега. Во буквална смисла на зборот, овие избори ќе бидат „да се биде или не“ за даскалот, бидејќи ниедна причина, ниту аргумент, нема да биде на негова страна  доколку истите ги загуби, макар со едно советничко место минус во однос на конкурентската СДСМ. Куриозитетно, најмоќните политички ликови, кои продефилираа на македонската политичка сцена во изминатите три децении, Бранко Црвенковски и Никола Груевски, својата политичка кариера ја запечатија со катастрофални порази, токму на едни локални избори. Нормално, професорот од Машинскиот факултет во Скопје, нема таква габаритна политичка кариера, како горенаведените двајца, но после неколкуте последователни изборни порази, просторот за евентуален маневар, при  изгубени локални избори ќе му биде до крајност смален. Речиси непостоен. Особено што, ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија, која за разлика од СДСМ, не е научена да биде долги години во опозиција, т.е нејзиното членство е научено на уживање во привилегиите и бенефициите кои ги носи власта.

И вистина, Заев е првиот лидер на СДСМ, кој врза два последователни мандати во  централната власт за неговата партија, што во минатото не му успеа и на еден Бранко Црвенковски. Ако Мицкоски ги изгуби локалните избори, тој веќе ќе го трасира патот кон амбисот на некогаш децениски најмоќната политичка партија кај нас, со изгледни шанси, да заврши во уште потешка и подлабока опозиција од СДСМ, своевремено. Што ако победи на локалните избори, идната година? Ќе го зајакне својот легитимитет, „ќе преживее“ внатрепартиски што се вели, ќе го крене моралот и духот на партиското членство, и ќе создава аура дека „хунтата и мафијата на Заев,штотуку не паднала од власта“, и дека народот ја казнил со црвен картон. Ќе бара предвремени избори веднаш, уште таа есен. Анализирајќи го политичкиот карактер на Заев,кој несомнено е изграден од неговиот личен, човечки карактер, сум заклучил, дека македонскиот премиер воопшто не е класичен социјалдемократ, барем по својот начин на водење на политичките битки. Многу потсетува на изворен вмровец, или ако сакате на Груевски. Во најголемите и најтешки порази на СДСМ, во длабоката децениска опозиција 2006-2017 та на оваа партија, тој жнееше победи  во Струмица, и го реобновуваше својот мандат. Битката за Струмица на локалните избори во 2013-тата година, беше своевидна „битка за Сталинград“, и токму таа победа му го траекторираше потоа патот до врвот на СДСМ. Потоа, се друго е веќе историја. Што значи, Заев, и неговиот политички ков, ќе оди на максимална победа и на овие локални избори, да победи во што е можно повеќе општини, и да направи „џандар збира“. Точно, не покажа некој драстичен авторитарен карактер, во неговото тригодишно владеење, но во однос на поимањето на победите во политиката, кај него нема компромис. Особено што, после еден или два последователни порази во неговата партија, е многу тешко да се задржите на тронот во истата. Тоа тој, многу добро го знае, и затоа ќе победува, додека може да победува.

Мицкоски, покажа дека политиката ја разбира како инаетливо дете. Секој кој ќе му се спротистави, тој го елиминира од патот. Дали е тоа данок на неискуството во политиката, или пак е дел од неговиот својствен авторитарен карактер, или пак е комбинација (најлоша), од двете, само тој си знае. Сепак, Груевски беше мастермајнд, за обединување на сите раскарани политички струи и фракции во неговата партија. Тој им нудеше се, за да бидат со него, а ако му се спротистават жестоко, ја добиваа судбината на „братот Љубе“. Таа политика, каква и да била, од аспект на перпетуирање на последователни десетици победи, го направи најдолговечниот лидер  во оваа трагикомична земја. За  да  победи на следните локални избори, Мицкоски ќе мора да направи најширок можен, сеопфатен опозициски фронт, со кој ќе ги обедини сите под едно знаме, денешните декларирани противници на владеењето на Заев/и. Најбитно од се, да направи предизборен опозициски фронт со етничките албански партии. Таа „математички прецизна операција“, можеби нема да му гарантира сигурна победа на наредните локални избори, но ќе биде многу, многу, подобра, помоќна стартна позиција за опозициски триумф. Расцепканоста на опозицијата ( Интегра, ГДУ, Левица, Единствена Македонија, Глас за Македонија), однесе десетици илјади  гласови во ветер и магла, а токму тие беа пресудни за изборниот пораз на ВМРО-ДПМНЕ. Немањето на предизборна коалиција на партијата со етничкоалбански партнер, исто така доведе до тоа ВМРО да ги изгуби изборите. Доколку се преориентира оваа партија, повеќе кон центар-десно, ги граѓанизира своите политики, политички ставови и идеолошки вредности, може многу скоро да биде сериозна опција да ја замени власта, која „за влакно“ се спаси од изборен пораз на последните парламентарни избори. Но за тоа, треба прво да излезете од сопствената кожа, да направите стратегија, од искусни ПР и политички стратези, да ги слушате  како да се однесувате, и потоа да победите. Лесно е. Груевски тоа го направи во неговите кратки опозициски денови од 2003-2006-та година.  Се друго е историја, или ќе биде. Политика на инает, инфантилност и самобендисаност, која некогаш, или многу често се води, скапо се плаќа.

Благојче Атанасовски-политиколог


Можеби ќе ве интересира

Фантазмагориите и митологијата на еден историски феникс: ВМРО

Фантазмагориите и митологијата на еден историски феникс: ВМРО

Русија се подготвува за новата политичка реалност

Русија се подготвува за новата политичка реалност

Секоја генерација си има своја борба, секое време си има свои херои

Секоја генерација си има своја борба, секое време си има свои херои

Колумна на Глигор Бишев: Солидарноста и пазарната економија

Колумна на Глигор Бишев: Солидарноста и пазарната економија

По повод празникот......

По повод празникот......