23 Април, 2025
0.0384

ЕДЕН МЕСЕЦ ОД КОБНАТА ТРАГЕДИЈА ВО КОЧАНИ: До каде е истрагата?

Објавено во: Македонија 16 Април, 2025 08:32

Добивај вести на Viber

Денеска се навршува еден месец од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани во која загинаа 61 лице, а околу 200 беа повредени. Ова е најголемата несреќа од независноста на државата. Досегашната истрага покажа дека постоеле системски грешки и пропусти во изминатите години поради што досега со истрагата опфатени се вкупно над 60 физички и три правни лица меѓу кои сопственикот на дискотеката, сегашни и поранешни градоначалници на Кочани, поранешни министри за економија, поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат, полициски службеници.... Истрагата се уште трае, а во неа се вклучени 13 обвинители. Досега се извршени голем број претреси, сослушани сведоци и собрани над илјада материјални докази.

Првично со истрагата беа опфатени 34 физички и три правни лица меѓу кои и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, актуелниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов, кој поднесе оставка по несреќата, двајцата претходни градоначалници Ратко Димитриевски и Николчо Илијев, како и поранешниот директор на Пазарниот инспекторат.

Викендов, истрагата беше проширена со нови 19 лица меѓу кои тројца поранешни министри за економија, актуелниот и двајца поранешни директори на Дирекцијата за заштита и спасување, тројца овластени градежни инспектори во Општина Кочани, три службени лица во Министерство за економија, двајца државни секретари во Министерството за економија  и четири пазарни инспектори во Државниот пазарен инспекторат (ДПИ). Со истрагата не е опфатен актуелниот министер за економија Бесар Дурмиши, бидејќи според Обвинителството, досега нема ниту еден доказ дека од него било побарано продолжување на лиценцата на дискотеката „Пулс“.

Вчера по наредба на јавен обвинител почна и приведувањето на уште седум полициски службеници кои во текот на денешниот ден се очекува да бидат изведени пред судија на претходна постапка. Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски не ја исклучува можноста да бидат приведени уште лица до завршување на истрагата. 

Коцевски во интервју за телевизија „Телма“ рече дека објектот „Пулс“ не и бил познат само на полицијата, туку и на целиот град и дека 13 години не е извршен никаков инспекциски надзор. 

- Објектот „Пулс“ не и бил познат само на полицијата, бил познат на целиот град. И бил познат и на локалната самоуправа, на сите надлежни институции кои што требало да функционираат што значи дека 13 години во Кочани не е извршен никаков инспекциски надзор на објектот, рече Коцевски. 

Соопшти дека се прибавени и лиценците што ги поседувала дискотеката од 2012 до 2017 година и дека сите се издадени без целосната потребна документација. Во однос на приротехниката што е користена за време на концертот кога настана пожарот, Коцевски рече дека се испитува од каде е таа набавена, дали соодветно била користена....

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ветува дека секој за кој постојат докази ќе биде изнесен пред лицето на правдата. Во изјава дадена во понеделникот, Тошковски рече дека истрагата не е завршена и дека никој нема да биде толериран. 

- Истрагата се води од Јавното обвинителство, МВР ги поднесе кривичните пријави кои до моментите на преземање дејствија сметаше дека треба да бидат поднесени. Против секој еден за кој има докази е пооднесена пријава од страна на МВР, рече меѓу другото Тошковски.

Дел од осомничените, кои се опфатени со истрагата, се во притвор, дел во куќен притвор, а на некои од нив им се определени мерки на претпазливост. 

Низа пропусти во Законот за угостителска дејност утврди и Државната комисија за спречување на корупцијата. Упис на физички лица во Регистарот за вршење угостителска дејност без претходна проверка од надлежен орган за исполнетоста на минимално-техничките услови, е само една од слабостите што ги нотира ДКСК. Регулаторен ризик, според Комисијата, се забележува и во однос на проверката на условите за вршење угостителска дејност, во постапката и условите за давање лиценца, во однос на казните, а не е јасно и кои дополнителни дејности покрај угостителската се опфатени со Законот.

Во несреќата животот го загубија 61 лице меѓу кои и членови на музичката група „ДНК“

Пожарот во дискотеката во Кочани настана ноќта на 15 кон 16 март за време на настапот на групата „ДНК“. Животот го загубија вкупно 61 лице од кои 59 уште истата вечер. Починатите беа на возраст од 16 до 48 години. Најголем број од нив на возраст од 24 и 26 години. Меѓу нив беа и пејачот на  бендот „ДНК“ Андреј Ѓорѓиески, професорката на Факултетот за музичка уметност Сара Пројковска, тапанар Ѓорѓи Ѓорѓиев, како и Филип Стевановски, Александар Коларов и Александар Ефремов. 

Двајца починаа дополнително како последица на тешките повреди. Еден од нив беше и управителот на дискотеката Александар Каракадовски, кој почина во Литванија каде се лекуваше. И тој беше еден од осомничените, но за него сега истрагата е прекината. 

Повредени беа вкупно 193 лица од кои најголем дел, по првично укажаната медицинска помош во болниците во земјава, беа испратени на лекување во странство. Трошоците за лекување и сместување на семејствата на повредените беа целосно покриени од страната на државата. 

Според последно објавените информации што министерот за здравство Арбен Таравари ги сподели во понеделникот на прес-конференција во болниците во земјава и странство остануваат да се лекуваат 57 пациенти од кои двајца се во критична состојба. Деветмина пациенти се лекуваат во земјава, а 48 надвор од државата. 

По трагедијата во Кочани почина и возачот на Брза помош Иле Гоцевски кој цела вечер успеа да превезе до Скопје голем дел од повредените. Министерот за здравство најави дека тој постхумно ќе биде одликуван за неговата пожртвуваност. 

Преку протести граѓаните бараат одговорност 

По трагедијата во Кочани, во земјава беше прогласена седумдневна жалост. Откажани беа сите музички активности и настаните во установите од областа на културата, а отворени беа книги на жалост во Собранието, Министерството за надворешни работи и во македонските амбасади низ светот. Во знак на сочувство за настраданите во пожарот ден на жалост беше прогласена и во Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и Црна Гора. 

Преку мирни протести беше оддадена почит кон загинатите и повредените во пожарот и побарана одговорност од институциите на системот.

Еден ден по пожарот, во Кочани се одржа протест на кој граѓаните побараа одговорност за трагедијата во дискотеката „Пулс“. Тогаш беше демолиран кафе барот „Класик“ чиј сопственик е истиот од дискотеката. 

Протести се одржаа и во Скопје и во другите градови од државата.

Во Кочани,  на 5 април под мотото „Марш за ангелите“ во 12 часот и 5 минути, како симбол на задоцнетата институционална реакција, протест одржаа и семејствата на починатите кои побараа правда за своите деца. Според нив, ако сите институции си ја вршеле својата работа, немало да дојде до оваа трагедија. 

Трагедијата во Кочани ги натера институциите да преземат интензивни мерки за проверка на јавните објекти и угостителските објекти во државата односно дали тие ги исполнуваат минималните технички услови за работа и безбедносни стандарди. 

Во Собранието беа донесени и измени на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир со кој се забрани употреба на приотехнички средства во затворен простор, а се предвидуваат и прекршочни глоби за физички и правни лица кои постапуваат спротивно на забраната. 


Можеби ќе ве интересира

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Стевчо Јакимовски осуден на три години и шест месеци затвор за бесправна изградба на објекти

ФАКТОР НА ДЕНОТ: Стевчо Јакимовски осуден на три години и шест месеци затвор за бесправна изградба на објекти

ПАЛЕВСКИ: Криминален ум би ја убил Зорица, а не Вања Ѓорчевска

ПАЛЕВСКИ: Криминален ум би ја убил Зорица, а не Вања Ѓорчевска

ЈАКИМОВСКИ ПО ПРЕСУДАТА: Ако мене како јавна личност, ми се случува ова, што ли се случува со кутрите луѓе низ судските лавиринти?

ЈАКИМОВСКИ ПО ПРЕСУДАТА: Ако мене како јавна личност, ми се случува ова, што ли се случува со кутрите луѓе низ судските лавиринти?

ТРЕБА ДА СЕ НАДОМЕСТИ И ШТЕТАТА НА БУЏЕТОТ: Стевчо Јакимовски доби затворска казна од три и пол години

ТРЕБА ДА СЕ НАДОМЕСТИ И ШТЕТАТА НА БУЏЕТОТ: Стевчо Јакимовски доби затворска казна од три и пол години

ПАЛЧО НА СУДЕЊЕТО РАСКАЖУВАШЕ КАКО ГО ПОМИНАЛ ДЕНОТ КОГА ВАЊА Е УБИЕНА - тврди дека правел сѐ друго, но вели дека убиството не го извршил

ПАЛЧО НА СУДЕЊЕТО РАСКАЖУВАШЕ КАКО ГО ПОМИНАЛ ДЕНОТ КОГА ВАЊА Е УБИЕНА - тврди дека правел сѐ друго, но вели дека убиството не го извршил

„ПИШТОЛОТ КАДЕ Е НЕ ЗНАМ“: Адвокатот на Палчо, Страшевски вели дека има разлики меѓу доказите на ОЈО и одбраната

„ПИШТОЛОТ КАДЕ Е НЕ ЗНАМ“: Адвокатот на Палчо, Страшевски вели дека има разлики меѓу доказите на ОЈО и одбраната

ПЕТ ПАЦИЕНТИ ОД ПОВРЕДЕНИТЕ ВО ПУЛС СЕ ВРАЌААТ ВО ЗЕМЈАВА: Еве во каква состојба се

ПЕТ ПАЦИЕНТИ ОД ПОВРЕДЕНИТЕ ВО ПУЛС СЕ ВРАЌААТ ВО ЗЕМЈАВА: Еве во каква состојба се

ДВЕ ЛИЦА НА ВОЗРАСТ ОД 28 И 48 ГОДИНИ ПРЕДИЗВИКАЛЕ ПОЖАР ВО ДЕПОНИЈАТА ВО ДЕМИР ХИСАР: Полицијата ги приведе

ДВЕ ЛИЦА НА ВОЗРАСТ ОД 28 И 48 ГОДИНИ ПРЕДИЗВИКАЛЕ ПОЖАР ВО ДЕПОНИЈАТА ВО ДЕМИР ХИСАР: Полицијата ги приведе

ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ СО ГОЛЕМА АКЦИЈА НИЗ ЦЕЛА ДРЖАВА - со лажни дијагнози се „цицале“ државни пари за туѓа нега и се делеле инвалидски пензии

ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА ОРГАНИЗИРАН КРИМИНАЛ СО ГОЛЕМА АКЦИЈА НИЗ ЦЕЛА ДРЖАВА - со лажни дијагнози се „цицале“ државни пари за туѓа нега и се делеле инвалидски пензии