Добивај вести на Viber
За три месеци може да се продолжи породилното отсуство , кои мајките ќе можат да ги искористат на различни начини. Предлогот е на Министерството за труд и социјална политика, а за него допрва треба да расправа Економско-социјалниот совет, пишува весникот Дневник.
Оваа новина е содржана во две варијанти - мајките ќе имаат избор дополнителните три месеци да ги искористат веднаш, по истекот на досегашните девет месеци или да ги земат во периодот додека детето наполни три години.
Новите три месеци ќе бидат неплатени, но работодавците ќе бидат обврзани да го сочуваат работното место на мајката.
„Предлогот веќе е пристигнат до Владата и таа ќе се изјасни за него во наредниот период“, велат од Владата за Дневник.
Продолжувањето на деветмесечното породилно отсуство е еден од предлозите што стручната јавност ги наведуваше како потребни за да се оствари пресврт во загрижувачките демографски состојби во земјава врзани со малата стапка на наталитетот. Податоците покажуваат дека во триесетина општини бил забележан тренд на поголем број на умрени отколку на родени лица, објави весникот.
Експертите сметаат дека би можело да се размислува и за флексибилно користење на породилното, односно по неколку месеци во различни периоди сж додека детето не наполни одреден број години.
Социјалниот педагог Марија Доневска смета дека предлогот е добар.
„Периодот за одмор на мајката зависи од многу фактори вклучувајќи и дали станува збор за прво, второ или има повеќе деца. Деветте месеци се веќе заборавени. Иако досега се сметаше дека се сосема доволен период, сепак времето што го минуваат мајката и детето заедно, особено на таа многу мала возраст, никогаш не е доволно. Особено ми се допаѓа што предлогот новите три месеци да се мобилни, па мајката може да ги искористи во период кога можеби имаат семејна слабост или друга причина, во првите три години по породувањето. Во светот има разни примери, некаде сметаат дека 6 месеци се доволни, некои земји имаат многу либерални закони, па породилното трае предолго“ вели Доневска за весникот.