ЕКОНОМСКИ РЕФОРМИ: Нова година, нови правила за бизнисот
Објавено во: Економија 01 Јануари, 2019
Новата година почнува со нови правила за игра за бизнисот. Најголема реформа е што рамниот данок заминува во историјата и се заменува со прогресивното даночење. Доход до 90.000 денари ќе се даночи со 10 отсто као досега, а за сумата над оваа ќе се пресметува стапка од 18 отсто. Со нова даночна стапка од 15 отсто наместо досегашните 10 отсто ќе се даночат капиталните добивки, кириите, добивките од игри на среќа. По овој основ државата планира да собере дополнителни 25 милиони евра. За владата прогресивниот данок е праведен, а за опозицијата, експертите и бизнис секторот на нож непотребна реформа.
Реформа има и во пензискиот систем. Се зголемуваат придонесите за 0,5 отсто, а родените по 01.01.1967 година ќе се вратат само во првиот пензиски столб. Со овие две мерки дупката во фондот која сега изнесува 309 милиони евра ќе се намали за 35 милиони.
Во 2019 година, во готово ќе може да се плаќа само до 1.000 евра. Новиот Закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам го намалува лимитот за готовниски плаќања од сегашните 2.000 на 1.000 евра, а од јуни годинава лимитот во готово се намалува до 500 евра.
Од денеска почнува да се применуваат новите правила и за пазарите. Според овие измени вработените и пензионерите нема да можат да имаат тезги, а сите пазрџии ќе плаќаат придонеси во висина до 2.000 денари.
Денеска почнува и либерализацијата на пазарот на струја. Сегашните цени на струјата за домаќинствата ќе важат до јуни. Домаќинствата и стопанствотои веќе можат да бираат меѓу 8 фирми кои се снабдувачи на отворен пазар, а постапката за избор на универзален снабдувач ќе заврши до март. На тендерот се јавија две компании, ЕВН и државната ЕЛЕМ.