26 Април, 2024
0.0354

Економскиот ефект од одење пешки и користење на велосипед

Објавено во: Колумни 29 Јануари, 2019

Добивај вести на Viber

Пред извесно време случајно се запознав со концептот за “The walkable city” од урбаниот планер Џеф Спек. Џеф Спек ја има посветено својата кариера на определување што е тоа што ги прави градовите да напредуваат. Низ годините и низ повеќе од 75 проекти открил дека за напредокот и развојот на еден град постои еден клучен фактор: одење пешки. Преку анализа на проектите во кои бил вклучен, тој дошол до заклучокот дека дизајнирањето на градовите во чиј фокус се луѓето и нивниот транспорт со одење пешки и со возење велосипеди а не автомобилите носи разни економски, еколошки и здравствени бенефити.

Тие што ме добро ме познаваат знаат дека сум поборник за возење велосипед и одење пешки наместо возење со кола и дека сакам да ги претворам и анализирам работите во форма на бројки. Затоа од моментот кога го чув овој концепт не можев да издржам а да не го пресметам економскиот ефект од користењето на велосипеди и одење пешки во Скопје.

Во моментов домаќинствата од Македонија, на транспорт трошат по околу 8% од финалната потрошувачка, што е трет најголем трошок по трошоците за храна и домување. Според Државниот завод за статистика, во Скопје има вкупно 178.928 домаќинства, додека пак финалната потрошувачка по домаќинство е 406.295 денари. Од тука, домаќинствата во Скопје годишно трошат 5.815.804.140 милијарди денари или 94.565.920 милиони евра на транспорт!

Што значи тоа според концептот на Џеф Спек и каде се крие економскиот бенефит ако се поттикне возењето велосипеди и пешачењето?

Еден од најинтересните аргументи е дека со оглед на тоа што нафтата се увезува, околу 40% од парите кои се трошат за гориво од страна на граѓаните се одлеваат од националната економија наместо да циркулираат внатре во државата (другите 60% одат за трошоци како надоместоци за животна средина, акцизи, даноци..).

Доколку градовите се дизајнирани за пешаци и велосипедисти, 40% од парите кои ќе се заштедат на транспорт, кои претходно ќе ја напуштеа локалната економија, сега ќе се влеат директно во локалната економија. Парите кои ќе бидат заштедени на транспорт ќе резултираат со зголемена куповна моќ на граѓаните ќе се зголеми и ќе трошат повеќе пари на инвестиции, инвестиции во домот, во локални продавници, угостителски објекти, услужна индустрија и рекреација.

Па така, ако претпоставиме дека користењето на автомобили се намали за само 20% во Скопје, тоа значи дека само во локалната економија во Скопје, ќе циркулираат 7.5 милиони евра повеќе на годишно ниво кои претходно би се одлеале некаде во странство.

Тоа се 0.075% од БДП-то на Македонија. Ефектот од оваа промена би требало да е пресметан како разликата од 1.5х0.075 – 1х0.075, затоа што овие пари кои ќе циркулираат во локалната економија во форма на инвестиции или потрошувачка ќе влијаат на дополнителен развој во целиот синџир. Па така, ако се намали користењето на автомобили во Скопје за 20% би можеле да имаме раст на БДП-то од околу 0.04%. Можеби звучи како малку но за држава која едвај остварува 2%-3% раст на БДП годишно, 0.04% се сепак многу!

На тие што се уште им звучи како минорен овој ефект, да напоменам ова е економскиот ефект базиран на бројот на домаќинства во Скопје од последниот податок од 2002 и без да се вклучат:

-  разликите во инвестициите и трошоците за одржување на инфраструктурата,

-  економскиот ефект од здравствениот  бенефит (намален број на сообраќајни незгоди, намален број на респираторни болести, намален број на болести предизвикани од прекумерна тежина)

-  економскиот ефект од намалување на емисиите на азотни оксиди и јаглерод моноксид.

-  Економскиот ефект од подобрениот квалитет на живот

За жал овие ефекти се премногу комплексни да се квантифицираат за потребите на една колумна, но моја лична претпоставка е дека доколку би се квантифицирале овој ефект би се покачил од 0.04% на максимални 0.2% што главно би се должело на разликата во инвестиции и трошоци за одржување на инфраструктурата.

Многу градови во светот започнуваат да се движат кон оваа промена што е само уште еден доказ дека е промена на подобро.

За наша среќа ова е промена која може и треба да започне од секого од нас индивидуално.

Време е да почнеме.

Како би изгледал градот доколку се дизајнира околу граѓаните наместо колите?



Пишува: Дамјан Кочов

Авторот е магистер на McCombs School of Business дел од Универзитетот на Тексас во Остин, 17 то рангиран универзитет во светот


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД