06 Декември, 2025
0.0528

Екстерното повеќе обременува отколку што оплеменува

Објавено во: Колумни 13 Јуни, 2014 12:23

Добивај вести на Viber

Образованието е столб на секое општество и од него првенствено зависи какви личности ќе се изградат, ќе творат и делуваат во општеството во кое живеат. Во рамките на образованието, во сите негови нивоа-основно, средно, високо, кај младите се вткајуваат образовно-сознајни вредности и морални норми кои се основа за нивно егзистирање и делување во севкупниот општествен сегмент. За да се изгради здрава и квалитетно образувана младина неопходно е севкупниот образовен систем да биде поставен на здрави темели и да има база која ќе го обединува сето она што е суштествено за понатамошна образовна надградба. Тоа првенствено подразбира квалитетни курикулуми на сите нивоа, прилагодување на образовните програми со европските и одење во чекор со совремието, бидејќи само на тој начин ќе може да се обезбеди добро образование кое ќе значи квалитет, знаење и успех. Поаѓајќи од овие постулати едно од клучните прашања кое е срж на секој образовен дискурс е реформите во сферата на образованието.

Дали приоритетна реформа за прогрес е воведувањето на екстерни испити?

Прашањето дали се потребни континуирани реформи е дегутантно, бидејќи без реформи во образованието нема да се постигне промена и соодветен прогрес, но дискутабилно е друго прашање, а тоа е прашањето за видот на реформите и начинот на кој тие се етаблираат и спроведуваат во сферата на образованието. Она што деновиве, но и месеци наназад ја тишти и разбранува македонската јавност, дел е од една општа расправа во рамките на научната елита, но и подрачје на интерес кај секој граѓанин, кој директно или индиректно е инволвиран, е воведувањето на екстерно оценување. Секој добронамерник, кој се грижи за идните генерации, за нивното добро, но и за општото-колективно добро се испитува себе си, но и дебатира со своите ближни, прашува и се консултира за потребата од воведување на екстерното тестирање. Со право постојат низа нејаснотии поврзани со него и сето тоа , како една недоволно разјаснета идеја и теза лебди во воздух и во континуитет на пиедестал ги изнедрува прашањата: Колку екстерното тестирање е неопходно, Дали се спроведува согласно правилата, Дали суштинската цел е постигната, Дали приоритетна реформа за прогрес е воведувањето на екстерни испити и Дали е тоа вистинскиот механизам со кој ќе се испитаат круцијалните знаења на учениците и веродостојноста на оцените дадени од страна на наставникот?

Екстерното тестирање не ги даде соодветните резултати и не ја постигна целта која беше првенствено нотирана

Како социолог и методичар кој со години работи на полето на образованието и неговите реформи, како едукатор и толкувач на феноменот образование кој го следам децениски-дома но и на престижните Европски реномирани универзитети, без лажна скроност и со јасен ум и чиста мисла ќе го формулирам мојот став малку реторички, со прашање: Чуму екстерно тестирање? Лично сметам, секако во Диркемовски стил аргументирано, бидејќи за мене фактите се закон, дека екстерното тестирање не ги даде соодветните резултати и не ја постигна целта која беше првенствено нотирана. На сите прашања кои претходно ги споменав одговорите се далеку од позитивни, напротив, општиот впечаток кај мнозинството е дека екстерното повеќе обременува, отколку што оплеменува.

Аргументите и фактите кои говорат про мојот став се следни:

-образованието е континуиран процес, а не ад-хок и кампањска солуција, што значи знаењето треба во континуитет да се надградува. Со самото екстерно тестирање се дава можност за само неколку дена да се научи одреден фонд на прашања и да се постигне солиден резултат, што апсолутно се коси со континуитетот и одржливоста на знаењето;

-образованието е активност која подразбира следење на наставата, активно учество во неа, интеракција меѓу професор и ученик, редовност, а сето тоа не оди рака под рака со екстерното тестирање бидејќи сеопфатноста на оцената на ученикот токму произлегува од неговата севкупна активност по соодветниот предмет, што е апсолутно спротивно со еднократното тестирање;

- целта на образовната реформа е да се постигне напредок, прогрес, а екстерното тестирање не ја оправдува таа цел бидејќи прашањата се обемни, не доволно јасно поставени, некои имплицираат погрешни одговори, други се двосмислени и сето тоа може да создаде конфузија во детската глава;

- за секоја реформа се прави пилот програма и се ангажираат експерти од соодветната област, кој се признати и познати во научно-интелектуалниот хабитус по својот ангажман во полето на науката и образованието и сите тие треба да бидат консултирани и да се отвори една плодна научна дебата во која ќе се изложат аргументи про и контра екстерното тестирање и на крај да се донесе конклузија;

- во самите појаснувања на екстерното тестирање не се доволно појаснети компетенциите што ќе произлезат од ваквиот начин на проверка на знаењето;

-постојат пософистицирани начини и методи да се испита и провери валидноста на оценувањето на професорот, бидејќи не може само со еден тест да мерите дали тој совесно и во склад со моралните скрупули си ја врши својата дејност;

-социолошки е валидна реформа доколку има општествена корисност, а во овој случај не се јасно прецизирани ниту индивидуланиот бенефит, ниту општествениот;

-психолошкиот момент кај индивидуата, дел од младите се блокираат токму кога се изложени на јавно испитување и кога се посматрани и во тој случај се под континуиран стрес.

Со образованието не смее да се експериментира и не смее да се импровизира

Навистина ова се само дел од аргументите кои држат вода и преку кои јас го искажувам мојот негативистички став за екстерното тестирање. Мојот апел е следен: Со образованието не смее да се експериментира и не смее да се импровизира, бидејќи секој експеримент и секоја импровизација подразбира негативен сегмент и губење на суштинско време, енергија, знаење и жртвување на нешто што во никој случај не смее да биде жртва. Секоја генерација е вредна сама за себе и сама по себе и ниту една не смее да биде ставена на забот на времето и образовно унаказена бидејќи тоа ќе значи провалија и за самото општество. Квалитетно образувана младина, која ќе ги следи современите општествени текови и ќе биде во склад со новитетите и просперитетните образовни програми ќе придонесе за просперитетот на општеството во кое живее и битисува.

Д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет-Скопје

* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва:

Можеби ќе ве интересира

Зеленски „под контрола“!

Зеленски „под контрола“!

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?

Топ 10 лекови во светски рамки – и каде е Македонија во овој поглед?