18 Април, 2024
0.0238

ЕУ е насилник кој не тепа, и не ни дава да си заминеме од него!

Објавено во: Колумни 25 Декември, 2020

Добивај вести на Viber

Посетата  на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на официјален Белград и официјална Бања Лука, е доказ дека Руската федерација не се откажала од влијанието на Балканскиот Полуостров. Особено Кремљ, и стратезите на руската надворешна политика, Балканот го користат како регион преку кој ќе се „тргува“ за вистинските руски интереси: тие во непосредното опкружување на панрускиот простор/ земјите од поранешниот СССР.

Последниот пример со приемот на Македонија како триесетта земја членка на НАТО, преку операцијата „Барбароса“, е доказ дека Великите сили се немилосрдни кога сакаат да го остварат својот интерес, т.е својата сфера на влијание, за кое ниту бираат средства, ниту начини, ниту време. Во суровоста на реал геополитиката секогаш страдаат слабите и немоќните, тие кои не припаѓаат никаде, односно не се во некој сојуз. Европската унија, во својата примарна форма беше проектирана и замислена како сојуз, кој ќе создаде економско-трговски врски помеѓу штотуку излезените од мачната и исцрпувачка Втора светска војна, земји од европскиот континент, кои беа на нишан од спротивната страна. Кои платија со милиони човечки животи, разрушени градови, пропаднати економии. Токму  „Заедницата за јаглен и челик“, помеѓу двата архинепријатели од војната, Франција и (Западна) Германија, доведе до формирање на Европската економска заедница (ЕЕЗ), во Рим. Понатаму се е, историја. ЕУ денес е најмоќниот политички и економски проект во целата европска историја. ЕУ е и начин на живот, слобода на избор, безграничен простор, живот и време, исполнето со суштина и содржина. Затоа и многумина кај нас, истата ја гледаа како некој (недостижен) идеал. Веројатно, и затоа се изјавите на нашите политички првенци (Заев, Димитров), дека иднината на Македонија, како полноправна членка на Унијата, „ нема друга алтернатива“.

Погоренаведениот пример со вкрстеноста на интересите на Русија и Западот (читај: САД), на Балканот, доведе до тоа, ние да бидеме „насила“ внесени и донесени во НАТО. Сепак, булдожер-дипломатијата со која се служат Американците, и која дава плод, за да го постигнат тоа што го намислиле (решение на тридеценискиот спор за името, и бетонирање на земјава во НАТО алијансата), не е иманентна политика за некохерентноста  на  надворешната  политика на ЕУ. Како што луцидно забележал американскиот стратег, поранешниот државен секретар и обликувач на надворешната американска политика,  Хенри Кисинџер „кажете ми на кој број треба да свртам, за да ја добијам Европа“, иронизирајќи дека ЕУ, или во поопширен контекст Европа нема унифицирана надворешна политика, и дека тоа е всушност огромен проблем. Тој огромен проблем на Европа ( ЕУ), ние најдобро го почувствувавме на своја кожа во изминатите три децении: прво блокадата од страна на една земја членка на Унијата ( Грција),  за наше евроатланско интегрирање, бидејќи не и се допаѓаше и не се согласуваше со нашето уставно име, и сега одново блокадата од друга земја членка на истата таа Унија, бидејќи не и се допаѓа нашата историја, и целокупниот наш идентитет. Не треба да сте ЕУ експерт, или ЕУ познавач на состојбите, за да знаете, дека за да станете полноправна членка на Унијата, треба да ги исполнувате Копенхашките критериуми: владееење на правото, правна држава, независно судство, стабилизирана плурална демократија, слобода на медиумите, итн, што како иронија на судбината, токму овие земји кои ги блокирале нашите европерспективи, не ги исполнувале овие наведени копенхашки критериуми, кога станале полноправни членки , туку биле „протнати низ мала врата“, поради геополитичките интереси на самата Европска Унија.

Кој е заклучокот кој можеме ние да го извлечеме од сето тоа што ни се случува? Дека ЕУ е непринципиелна, лицемерна, сурова, едноставно неевропска? Ха, „ и се прди“ на таа Европа, за нас, што би рекол покојниот гениј Горан Стефановски. Тоа што мене лично, ме иритира, ме револтира, и ме боли, прво како граѓанин на Македонија, на која и се попречува нејзиниот европат, а потоа и како на етнички Македонец, е што не ни дозволуваат од истата таа Европа на која и се прди за нас, да немаме алтернатива. Бидејќи веднаш почнуваат алузиите на „високи европски функционери“, дека ако не се интегрираме во ЕУ, ќе се распаднеме, дека „влијанието на Русија и Кина“, ќе доведе до дестабилизација на земјата, и слични баба-рога прикаски. Најсликовито тој однос  може да се објасни како насилник кој ја тепа својата девојка, но и кажува дека ја сака, и не и дозволува да се одвои од него, бидејќи ако тоа го стори, ќе ја убие. А постојано и ветува убава и перспективна иднина со него. Тоа сме ЕУ и ние денес. Време е да го откачиме насилникот, барем за некое време, додека крајно не се вразуми, и навистина ни покаже дека „ се сменил“. 

Благојче Атанасовски -  политиколог

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?