Добивај вести на Viber
Европската унија планира, во рамки на новиот договор за спречување на потенцијалните банкарски кризи во иднина, да ги заостри прописите за финансиските пазари, јавува Танјуг.
По две години тешки преговори, Европскиот парламент и преговарачите од 28 земји членки, постигнаа договор кој предвидува нови прописи за регулирање на финансиските пазари, познати под називот "MiFID II", пренесува Франс прес.
„Најновите прописи ќе го подобрат функционирањето на финансиските пазари, што ќе и биде во корист на реалната економија. Превземени се клучни чекори кон воспоставување на побезбеден, поотворен и поодговорен финансиски систем, и кон враќање на довербата на инвеститорите по финансиската криза“, изјави европскиот комесар за финансиски пазари, Мишел Барније.
Барније уште во 2011 година, на врвот од дложничката криза во еврозоната, прв се заложи за нови прописи, кои имаат за цел да го ограничат ризичното тргување со сировини и да го регулираат високиот интензитет на тргувањето заради подобра заштита на инвеститорите и помала изложеност на пазарите на криза.
Најновите прописи ќе се однесуваат на инвестициските фирми, операторите на берзите и компаниите кои овозможуваат информации за транспарентноста на процесот на тргување во Унијата, се наведува во соопштението на ЕП. Со овие прописи, ќе се ограничи високиот интензитет на тргувањето заснован на автоматските алгоритамски системи, а инвестициските компании ќе ги примора да го запрат тргувањето доколку двоумењето околу цените стане исклучително високо.
Заради спречување на шпекулациите со цените на храната и енергијата, властите, по прв пат, ќе можат да го ограничат обемот на дериватите кои еден поединец ќе може да ги држи во своја сопственост.
Меѓународната хуманитарна организација „Оксфам“ го поздрави најновиот договор, но предупреди на опасноста од поедини исклучоци, особено Британија, која е дом на еден од најголемите светски финансиски пазари во Лондон.
А.А.