29 Март, 2024
0.0278

ЕУфорија во Македонија - Дали Грција ќе ни го расипе славјето?

Објавено во: Колумни 19 Април, 2018

Добивај вести на Viber

Посетите на важните европски политичари комесарот за проширување Јоханес Хан и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерина го означија врвот на ЕУфоријата која ја зафати македонската влада, како и сите симпатизери и поддржувачи на премиерот Заев. По подолго време, Македонија од Европската комисија добива препорака за стартување на преговорите за членство во Европската Унија без никакви политички услови, што е сосема јасен знак дека политичката криза барем во интензитетот е веќе надмината, реформите со законските измени се започнати, намален е притисокот врз медиумите и јавноста и земјата е на подобар пат за зајакнување на демократските процеси.

Сепак, во вакви моменти треба да се биде многу претпазлив и внимателен бидејќи оваа ЕУфорија нема да трае многу долго и наскоро ќе се соочиме со суровата реалност дека извештајот на ЕК служи само како мал показател каков е напредокот на Македонија под европски мониторинг за една година, а не е гарантиран документ кој ќе ни ги обезбеди директните преговори за членство во унијата поради грчката блокада која се уште е активна.

Да, треба да се согледаат позитивните страни кои ги направи владата на Заев, но и да се погледнат сите забелешки нотирани во самиот позитивен извештај за заостанувањето во одредени поглавја каде речиси и да нема никаков напредок освен што е донесена регулатива која правно е во согласност со европските директиви. 

Се што ние имаме на хартија, мора да почне да се спроведува и во реалноста, во секојдневното функционирање на институциите од наједноставните задачи до долгорочните заложби за реализирање на битните оперативни стратешки цели, па се до непоколебливата политичка волја да функцинираме како нормална европска демократска држава, а не некоја африканска банана република со дивјачко рушење на уставот, нормите и достоинството, разграбање на државните ресурси и мафијашко контролирање на народот и медиумите

И во минатото добивавме чисти препораки за отпочнување на преговори, ја имавме истата еуфорија, владата се фалеше дека во годината направила голем прогрес и тоа спласнуваше по неколку дена кога беше јасно дека во Европскиот совет на премиери и шефови на држави како и на министри за надворешни работи на ЕУ, Грција ќе ја активира својата блокада и повторно заглавувавме во место без никакво поместување на европските интеграции кои се заглавени веќе 7 години. 

Целата дипломатска активност, секоја можност на премиерот Заев, на првиот дипломат Димитров, како и на секој македонски министер или функционер, мора да се материјализира во добивање на поддршка од ЕУ за достоинствено решение на спроот за името со Грција наместо како досега да се креваат раменици и европските политичари да ни велат вие самите како знаете решете си го спорот. 

Проблемот сосема јасно е дека не на македонска страна, уште помалку кај оваа влада на Заев која ги направи сите можни гаранции кон Грција дека ќе се посвети на наоѓање решение и остранување на било какви грчки сомнежи за иредентизам, но досега не видовме поголема подготвеност кај нив да прифатат компромис кој на крајот на денот нив ништо нема да ги „кошта“ напротив со сите македонски отстапки досега тие се секако победници во ова дипломатско заложништво во кое ја држат Македонија со децении. 

Автор: Христијан Станоевиќ

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?