ЕВЕ НА ШТО ЌЕ ВЕ ПОТСЕТИМЕ КОГА ЌЕ СЕДНЕТЕ НА ИЛИНДЕНСКА - партиите ветија високи плати, поволни даноци и милијарди инвестиции
Објавено во: Македонија 01 Јули, 2020
Повисок економски раст, поголеми плати, нови работни места, грижа за ранливите категории... Ветувања, проекти, инвестиции, милиони и милијарди... Има и за инвеститорите, за фирмите, за работниците, а има и за даноците. Двете најголеми ривалски политички партии ги објавија програмите со кои ќе ја бараат довербата од гласачите на претстојните парламентарни избори. Прецизно наброени најави на огромен број страници за тоа што и кога ќе се оствари во нивните мандати доколу формираат Влада. Како сето тоа ќе се постигне во услови кога економијата мака мачи да ја преживее корона кризата, веројатно ќе знаеме прецизно кога новите властодршци ќе седнат на Илинденска, а и самите објаснуваат во своите програмски содржини.
Еве на што ќе ги потсетуваме во делот на економските ветувања кога една од нив ќе добие повеќе пратеници и ќе ја добие раководната палка со државата.
Што нуди сега владејачката СДСМ во својата програма?
Во обраќањето до граѓаните лидерот Зоран Заев првично ги набројува сите достигнувања во изминатиов период додека нивната партија ја практикува власта.
„...Оваа криза ја гледаме како нова можност. Можност за брза трансформација на нашата економија, зголемена конкурентност, а со тоа и повеќе работни места за сите граѓани. Можеме! Уште повеќе и уште подобро! Бидејќи знаеме и умееме. Ова е понуда која обезбедува план за успешно справување со ефектите од корона-кризата, уште посилен економски раст, уште поодговорни институции, уште понагласен напредок. Ова се мерки кои обезбедуваат ред, правда и дисциплина. Развиваме држава за достоинствен живот...“, вели Заев во своето обраќање.
СДСМ ветува дека во новиот мандат уште повеќе ќе ги поддржуваат домашните фирми, а со членството во НАТО ќе донесат рекорден број странски инвестиции. До крајот на мандатот, најавуваат дека ќе ја вратат домашната економија на солиден и одржлив раст од 4 отсто.
Се ветуваат нови работни местa преку брза трансформација на македонската економија, како и поддршка за домашни и странски инвестиции во износ од 600 милиони евра, и тоа 300 милиони од домашни средства и дополнителни 300 милиони евра од европските фондови што се отвораат.
Просечната плата ќе порасне за 30 отсто
Додека трае кризата, СДСМ се обврзува да ја задржи минималната плата од 14.500 денари, а по завршувањето, ќе обезбеди раст на минимална плата до 40 отсто до крајот на мандатот. Просечната плата до крајот на мандатот ќе порасне до 30 отсто.
„По завршувањето на кризата, СДСМ се враќа на своите докажани принципи – раст на минимална плата до крајот на мандатот во висина од 20 до 40 отсто, во зависност од должината и влијанието на епидемијата врз светската и домашната економија. Просечната плата до крајот на мандатот ќе порасне од 20 до 30 отсто, исто така во зависност од времетраењето и ударот на епидемијата врз светската и домашната економија“, се вели во програмата.
Се најавуваат странски инвестиции од најмалку една милијарда евра за 4 години, како и 2,2 милијарди евра јавни инвестиции и 1,2 милијарди евра директни приватни инвестиции.
„Стапката на невработеност за време на кризата ќе ја држиме стабилна, а по завршувањето на кризата и до крајот на мандатот ќе продолжуваме да ја намалуваме невработеноста на ниво од 3 отсто годишно, како што тоа го правевме и во изминатите три години. Нашата цел, по крајот на кризата, ќе биде едноцифрена невработеност“, ветуваат социјадемократите.
Се најавува дека ќе продолжат да растат платите во образованието и здравството, субвенции за придонеси за сите компании што ќе ги зголемат платите од 600 до 6.000 денари по вработен, нови 2 милијарди денари во активните мерки за поддршка на вработување и самовработување.
До 2023 година персоналниот данок во ИТ индустријата треба да биде намален до 0 отсто, како и целосен поврат на персоналниот данок за обука, дообука и преквалификација. Се ветува субвенционирање од 49 отсто на обуки за преквалификација и неформално образование, како и неповратни средства од 5.000 до 15.000 евра за млади и жени за отворање сопствени бизниси во кои државата го презема поголемиот дел од ризикот при евентуален неуспех.
Ако ја освојат власта, социјалдемократите во поглед на даноците нудат предвидливо деловно опкружување, а како резултат од почетокот на преговорите, ќе извршат и усогласување на деловното опкружување со регулативите на ЕУ.
Данокот на личен доход останува 10 отсто
Данокот на добивка останува на ниво од 10 отсто во целиот период 20-24. Персоналниот данок на доход се намалува на 0 отсто во 2023 година за ИТ индустријата. Данокот на личен доход останува на 10 отсто, но од СДСМ велат дека остануваат доследни на воведувањето прогресивно оданочување преку инклузивен процес на разговори и креирање консензус за воведување на истиот.
„Остануваме посветени на праведноста во оданочувањето, со понуда на осмислен систем на прогресивното оданочување на вкупните лични приходи, по претходно сериозна и детална јавна дебата и преговори, со фокус на реконфигурирање на концептот на личен доход (семеен доход) и воведување данок на луксуз“, велат во програмата.
Се ветува и реконфигурација на ДДВ преку воведување на нов закон за ДДВ преку кој ќе се овозможат даночни бенефиции за претпријатијата што се извозно ориентирани на тој начин што при увозот нема да плаќаат ДДВ за суровините и машините што се наменети за извоз. Се ветува и единствена стапка од 10 отсто ДДВ за сите ресторантски услуги. Ќе има и подигнување на прагот за плаќање ДДВ од 2 милиони на 3 милиони годишен промет од стартот на 2022. Продолжува и Мoj ДДВ, со зголемен лимит по поединец на 2.300 денари за тромесечие и 9.200 денари годишно, односно на 36.800 денари за просечно четиричлено семејство. На сите млади до 29 години кои се нововработени во приватен сектор, државата ќе им ги враќа уплатените пари од персонален данок директно на нивна сметка во првите 2 години од работењето. Ќе има и ослободување на плаќање данок на сите новосоздадени приватни претпријатија, формирани од млади до 29 години или жени, сè додека прометот е под 3 милиони денари.
Бесплатна зелена нафта до 2024 година
Се најавува и нова повисока минимална пензија од најмалку 10.700 денари за сите, како и да продолжи усогласување на пензиите со трошоците на живот.
За времетраењето на глобалната пандемија, сите работници со прекин на работен однос, ќе имаат право на паричен надоместок во висина од 50 отсто од просечната месечна нето плата за последните 24 месеци.
За сите земјоделци, пак, треба да потече бесплатна „зелена“ нафта до 2024 година, како и да има двојно повеќе пари за поврат на персоналниот данок.
На листата на проекти на СДСМ има и изградба на 260 км автопатишта, изградба на 300 км експресни патишта, изградба на 950 км локални патишта, како и рехабилитација на 1.500 км постоечки патни правци. Има и изградба на нови 500 километри водоводи и канализации, за што ќе обезбедат 100 милиони евра за сите општини во земјава
СДСМ ветува дека ќе има грижа за сите. Целта им е 34.000 домаќинства да примаат гарантирана минимална помош, а 65.000 деца да примаат детски додаток. Ќе изградат и 777 социјални станови. Додатоците за попреченост, пак, ветуваат дека ќе ги зголемат за 15 отсто во 2021 година. До 2024 нема да има ниту една непристапнa јавна институција за лицата со посебни потреби.
Строга контрола на работното време и на работничките плати
Сега најголемата владејачка партија ветува дека трудот на работниците ќе се цени и ќе се плати.
„Строга контрола на работното време и на работничките права. Целосно ќе го реформираме Државниот инспекторат на трудот за брзо и транспарентно решавање на кршењето на работничките права. Недела - неработен ден за сите што сакаат да бидат со своите семејства. Еднакви права за жените и мажите. Еднакви плати за жените и мажите. Еднакви обврски за жените и мажите“, се вели во програмата“, се вели во програмата.
Се ветуваат и нови 7.500 места за деца во градинките, кои ќе бидат инклузивни и енергетски ефикасни. Исто така, треба да има бесплатна градинка за сите деца од семејства со ниски приходи.
Секоја државна институција, пак, ќе мора да воведе отворен ден за граѓаните, најмалку четирипати годишно, а ќе има и казни за неодговорено, а основано барање, со цел администрацијата да им служи, а не да им биде товар на граѓаните.
„Ја намалуваме администрацијата за 20 отсто. Во администрација ќе работат тие што се подготвени да им служат на граѓаните. Ги укинуваме патните трошоци за пратениците во Собранието. Системот на патни трошоци покажа можност за злоупотреби и сериозно ја намали довербата на граѓаните во своите претставници…Ниту еден пратеник нема да добива патни трошоци за патување од Скопје до дома. Собранието ќе обезбеди станови од околу 50 м2 за секој пратеник да може да остане во главниот град во текот на неделата“, се најавува во програмата.
Од СДСМ велат дека целокупниот систем го менуваат да биде базиран на националните човечки ресурси. Движењето на економијата ќе биде засновано на директни домашни и странски инвестиции, и најважно на иновацииво сите сектори, со цел на сите три нивоа значително да се зголеми продуктивноста и квалитетот на производите и услугите. Значително ќе го зајакнат капацитетот за реализација на јавните инвестиции.
„Ќе овозможиме амбиент за да се намалат кредитните стапки за населението и корпоративниот сектор, за да расте директната поддршка на бизнисот и личните инвестиции, а банкарските провизии и надоместоци значително да се намалат“, ветуваат сега владејачките социјалдемократи.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, која сега е во опозиција, еве на што се обврзува.
„Проектот Обнова на Македонија опфаќа мерки и планови кои повеќе месеци ги изготвуваа најдобрите експерти од земјава и странство. Базиран е на директните потреби на граѓаните и ја синтентизира нашата визија со работи со конкретни рокови, за кои јас како човек и мојот тим се обврзуваме дека ќе ги исполниме. Го имате мојот збор, а дадениот збор е најважната обврска врз која почиваат угледот и честа на поединецот. Обновата е нешто што го барате и го чекате долго време, а таа значи да имате контрола на својот живот, но и контрола врз заедничките судбини“, вели лидерот на партијата Христијан Мицкоски во своето обраќање во програмата.
Проектот „Обнова на Македонија“ се фокусира на економијата, претприемништвото и поддршка на бизнисот, а целта е едноставна, повеќе пари за секого. Ние мораме преку индустријализација и константен економски развој да постигнеме стандарди базирани на вредности, велат од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ за периодот 2020-2024 година останува на стратегиските определби за зголемување на економскиот раст и раст на вработеноста, пораст на животниот стандард на граѓаните, подобар и поквалитетен живот за секого; како и бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот и ефикасно спроведување на правото.
Раст на БДП од 4 до 5 отсто годишно
„Во насока на остварување на стратегиските определби ВМРО-ДПМНЕ во наредниот четиригодишен период со посветена работа и реализација на голем број реформи, политики, мерки ќе биде насочена кон остварување на следните цели: раст на БДП од 4-5 отсто годишно; намалување на стапката на невработеност под 10 отсто преку креирање на нови високо-квалитетни и добро-платени работни места; зголемување на платите за 25 отсто во период од четири години преку системско подобрување на продуктивноста; домашни и странски инвестиции во износ од 4 милијарди евра за период од 4 години; модерна индустријализација и зголемување на извозната конкуренстност; зголемување на бројот на домашни и странски туристи преку создавање на подобри услови за развој на туризмот; високи и стабилни субвенции за земјоделците и модернизација на земјоделскиот сектор; крупни инвестиции во патната, енергетската и комуналната инфраструктура; реализација на голем број на проекти за младите во сите сегменти на нивното живеење; натамошна заштита на животниот стандард на пензионерите преку нови зголемувања на пензиите; како и подобрување на стандардот на вработените преку пораст на платите во јавниот сектор и минималната плата во приватниот сектор согласно со растот на продуктивноста“, се вели во програмата на оваа партија.
Партијата се обврзува и на повисок животен стандард и подобри услови за живот на сите граѓани, преку високи, одржливи и социјално инклузивни стапки на раст насочени кон креирање на нови добро платени работни места. Ова ќе се реализра преку сет мерки и проекти со цел поголема ефикасност на државата, поголема конкурентност на приватиот сектор и развиен финансиски пазар.
Силни државни институции
ВМРО-ДПМНЕ во следниот четиригодишен период се обврзува да ја зголеми ефикасноста на државата и да изгради силни институции на секое ниво, посветени кон создавање на најповолни деловни услови за приватниот сектор и најефикасно користење на буџетските средства, со цел создавање на еднакви можности за просперитет и подобри услови за живот на сите граѓани.
„Доколку не се случат непредвидени геополитички и економски нарушувања на глобално и регионално ниво вклучувајќи и нов бран на пандемијата со Ковид 19, во периодот 2020-2023 година растот на БДП ќе се движи меѓу 4 и 5 отсто. Фискалната политика во периодот 2020-2023 година ќе биде насочена кон консилидација и стабилизирање на јавните финансии кои претрпеа големи промени како резултат на пандемијата, но и неумешноста на Владата на СДСМ да се справи со здравствено-економската криза. Дополнително, фискалната политика ќе биде насочена кон задржување на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност преку подобрување на квалитетот на јавните финансии и зголемување на капиталните расходи за унапредување на инфраструктурата, пред сѐ за изградба и модернизација на транспортната и комунална инфраструктура. Буџетскиот дефицит постепено ќе се намалува до ниво од 3 отсто од БДП во 2023 година, а јавниот долг ќе го консолидираме и истиот нема да надмине ниво од 60 отсто, со што Македонија и во следниот период ќе остане земја со умерено ниво на задолженост, во рамки на мастришките критериуми“, велат во програмата сегашните опозиционери.
Рамен данок од 8 отсто во 2022 година
Во делот на даноците, се предвидуваат ефикасни јавни финансии. Првата мерка тука е враќање на рамниот данок со стапк од 8 отсто за данокот на личен доход и данокот на добивка.
„Во наредниот четиригодишен период во областа на даноците и царините ВМРО-ДПМНЕ продолжува со политиката на ниски и едноставни даноци и други давачки за фирмите, бидејќи повеќе средства за компаниите значат и повеќе средства за унапредување на работењето и воведувањето нови технологии и практики, нови инвестиции и работни места, а со тоа и економски раст на земјата“, велат од партијата.
Роковите што си ги задаваат се од први јануари идната година рамниот данок да изнесува 9 отсто, додека од почетокот на 2022 година тој да дојде до 8 проценти. „Имајќи ја во предвид здравствено-економската криза, можно е мало одложување на оваа мерка за не повеќе од една година“, велат од партијата.
Ќе продолжи нула отсто данок на реинвестираната добивка. Партијата ветува и намалување на законската затезна камата.
„Од први јануари 2022 година се обврзуваме да предложиме законска измена, со која затезната каматна стапка ќе се намалува во согласност со сигналите од НБРМ и каматната стапка на благајничките записи. Со тоа, трошоците за граѓаните кои доцнат со плаќање ќе бидат ублажени, особено трошоците за тужените сметки кои ги наплаќаат извршителите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Исто така, во првите 100 дена ќе биде променет Законот според кој придонеси ќе се уплатуваат за приходи до 12 просечни бруто-плати, а до 2022 година, придонеси ќе се уплатуваат за 8 просечни плати и доколку постои можност ќе продолжат со намалување до 4 бруто-плати. Еден од проектите е ослободување на младите од данок на личен доход.
Зелени државни обврзници
Во нивната програма има и проект издавање зелени државни обврзници, кои се долгорочни должнички хартии од вредност што ќе ги издава Министерството за финансии, а средствата обезбедени од нив ќе се користат исклучиво за решавање на проблемот со загадувањето.
Доколку ја преземе власта, ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на реформиран и стабилен пензиски систем без оштетени граѓани.
Партијата ветува и изработка на национална програма за инвестиции во јавниот сектор, која ќе ги опфати сите капитални инвестиции на централно и локално ниво за следниот тригодишен период. Ќе се формира и централно тело за следење на капиталните инвестиции, а ќе има и проект-менаџери, кои ќе бидат одговорни и стручни лица за реализација на одредени проекти. Целокупната организација при реализацијата на инвестициски проект ќе биде спроведена од овие стручни лица.
ВМРО-ДПМНЕ се обврзува на намалување за над 10 отсто на трошоците за стоки и услуги. Исто така, ВМРО-ДПМНЕ се обврзува да преземе повеќе активности со цел преиспитување и рационализација на поставеноста на органите на државна управа, со можност за спојување или укинување на одредени државни органи (министерства, агенции, бироа и сл.).
Пораст на платите до 25 отсто
Во делот на платите, ВМРО-ДПМНЕ за наредниот четиригодишен период предвидува континуирано зголемување на платите до 25 отсто за еден мандат.
„Платите ќе се зголемат и тоа - минимум 5 отсто со исплата на јануарска плата во 2021 година, минимум 5 отсто со исплата на јануарска плата во 2022 година. Имајќи ја во преедвид здравствено-економската криза предизвикана од Корона вирусот, можно е мало одложување на оваа мерка за не повеќе од една година. Исто така, во рамките на предвидениот пораст на платите предвидено е и усогласување на одредени разлики и диспаритети кои постојат во слични звања во различни институции. За периодот по 2022 година, врз основа на темелна анализа на макроекономските параметри, одговорно ќе донесеме одлука за понатамошниот раст на платите, но сепак растот нема да биде понизок од 5 отсто“, велат од партијата.
Пензиите ќе растат дополнително, ветуваат, со тоа што се ветува дека за еден мандат, просечната пензија ќе достигне раст од 20 отсто. „Владата на ВМРО се обврзува да го врати претходниот начин на усогласување на пензиите со што пензиите ќе се усогласуваат и со порастот на просечната плата“, ветуваат оттаму.
За минималната плата, пак, се најавува дека ќе се движи околу 60 отсто од медијалната (средна) плата.
А еден од проектите е намалување на парафискалните и квазифискалните давачки. Такви се надоместоци за фискални каси, за кои ќе се препорача да се намалат за 50 отсто.
Нина Нинеска-Фиданоска* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.