25 Април, 2024
0.0297

„Европа не е банкомат“- Борел до Украина

Објавено во: Колумни 28 Септември, 2020

Добивај вести на Viber

Неделава што измина првиот дипломат на ЕУ Жозеп Борел беше во Украина. Меѓу другото, како дел од подготовките  за Самитот ЕУ-Украина, кој треба да се одржи на 6 октомври во Брисел. Самитот е потврден и од претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, кој на Твитер изјави дека во разговор со претседателот на Украина се договориле за 22. самит заедно со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. А беше потврдено и од украинскиот претседател Владимир Зеленски. Посетата на Борел беше мошне значајна, но имаше и мал „скандал“.

По разговорите со Зеленски, Борел имаше свој текст објавен на сајтот на Мисијата на ЕУ во Украина. Меѓу другото во текстот беше ставен и дел од она што Борел разговарал со Зеленски. „Јас му кажав на претседателот(Зеленски.з.а.), дека Европската унија не е добротворна организација или банкомат: најдобар начин за нас да ја поддржиме Украина е помошта во реформирањето на земјата. Но тие реформи можат да ги остварат само самите Украинци“, напиша Борел по завршувањето на неговата посета на Киев. Но, ова наиде на реакции и потсмев во јавноста. Па делот за банкоматот подоцна беше отстранет од текстот. Што за некои медиуми беше потврдено и од Мисијата на ЕУ.

Наместо тоа сега Борел или некој коректор на текстот  напиша: „Во исто време треба заедно да направиме многу работи, за во целост да ги искористиме предностите од соработката во рамките на Спогодбата за асоцијација и длабока и сеопфатна зона на слободна трговија. Најдобар начин за нас да ја поддржиме Украина е да и помогнеме во реформирањето на земјата“.

Ваквиот потег на Борел ја возбуди јавноста во Украина. Ми заличи на потегот на еден британски политичар кој дојде кај нас па јавно со вртењето на стрелките на часовник ни кажуваше каде сме и што треба да правиме. Што во земјава беше означено како скандал. Отстранувањето на „скандалната“ содржина не ги ублажи работите. На Украинците им стана јасно што мислат за нив во ЕУ. И што ќе прават со нив. Некои дури тврдат дека Борел  се изразувал со „нагласено тврд тон“. Може да се претпостави дека двете страни зборувале за пари, за очекуваниот европски кредит од 1,2 милијарди евра. А за кој да го добие, Киев потпиша Меморандум со ЕУ во кој се обврза дека ќе исполни редица барања од Унијата.

Ако се види кој што кажал по средбата меѓу Борел и Зеленски се добива впечаток дека станува збор за разговор на глуви. На сајтот на претседателот Зеленски по средбата имаше поголемо соопштение во кое меѓу другото најмногу се зборува дека двете страни подробно ги опсудиле Крим и Донбас. Зеленски „изразил надеж дека заедничката изјава по самитот во Брисел ќе го одразува нивото на амбиции на двете страни за натамошно продлабочување на  стратешкото партнерство и економската интеграција меѓу Украина и ЕУ“. И сосема кратко за судски и други реформи.

Наспроти ова претставникот на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жосеф Борел акцентот го става на реформите што треба да се направат. Тој нагласи дека во јули двете страни потпишаа меморандум за макрофинансиска помош во вредност од 1,2 милијарди евра. „Му напомнав на претседателот Зеленски дека тој Меморандум содржи услови, кои се однесуваат, пред се, на зајакнување на владеењето на правото  и антикорупциски реформи. Јас, особено, настојував на неопходноста за обезбедување на потребата од транспарентен и неполитизиран процес на избор за антикорупциските институции, заснован на заслуги“, пишува Борел на сајтот на Мисијата на ЕУ во Киев. Според него од 2014 година до денес Украина од ЕУ добила 14 милијарди евра, што е ниво на поддршка без преседан. Европската инвестициска банка профинансирала 43 проекти во Украина во висина од 6,45 милијарди евра. За ЕУ е навредливо дека до ден денес не е отворен кривичен процес околу Приват банката за измама од пет милијарди евра. Борел смета дека тоа е последица на фактот дека олигарсите се’ уште  имаат значително влијание. На пример, тие го имаат мнозинството национални телевизиски канали. Слободата на информациите е кислород за демократијата, а независните медиуми имаат решавачко значење во Украина за обезбедување на стабилно информативно пространство и активно граѓанско општество, смета Борел. 

Во Брисел знаат дека држави како Украина додека добијат нешто ќе покажат агилност. Но потоа работите ќе почнат да шлајфуваат. И така до некој нов состанок или собир и до некои нови закани. Во Украина актуелен е притисокот што го врши власта врз вертикалата НАБУ(Национално антикорупциско биро на Украина и Специјалното антикорупциско обвинителство. Последново треба да добие раководство. И Запад и ЕУ сакаат во него да влезат независни, неполитизирани личности. Но Комисијата која што треба да го прави изборот и покрај противењето на ЕУ беше избрана во Парламентот на начин што во неа ќе има седум претставници предложени од парламентот и четворица од Советот на обвинители. ЕУ се закани, па некои сметаат дека сега во прашање е доведен безвизниот режим, а и заемот од 1,2 милијарди евра. Се ќе зависи кој и како ќе биде избран во раководството на Специјалното антикорупциско обвинителство.

Значи може да се случи да нема пари. А државата има долгови има економски проблеми предизвикани од коронавирусот. Кон ова треба да се додаде дека и ММФ може да ја одоговлечи исплатата на втората транша од стенд-бај аранжманот, кој е исто така условен со некои реформи. На пример, создавање на пазар на земја. ЕУ со меморандумот ја обврзува Украина да исполни неколку услови за да го добие заемот од 1,2 милијарди долари на 15 години, со 1,125 проценти годишна камата. 

Меѓу условите е формирањето на државна компанија за купување лекови. Некои експерти мислат дека на тој начин во неа ќе влезат странци, кои и сега ги има многу во надзорните одбори на државните компании. Зеленски во една прилика се пожали дека Украинците се малцинство во тие органи. Странците влегуваа во одборите како гаранти дека ќе нема корупција од страна на раководствата. И имаат плати од над 10.000 евра. Кои сега им се намалени поради пандемијата со коронавирусот. Но ЕУ инсистира тие ограничувања да прекинат и платите да се вратат по старо. Странците доаѓаат во одборите по предлог на владата. Се бара реформа и во даноците и царината и назначувањето на нивните раководители.

Потоа се бара предавање на странците на контролата врз судскиот систем. Речиси врз целиот судски систем. Некои економисти предупредуваат дека на тој начин се продава суверенитетот на државата. А други во тоа гледаат дека „тоа е уште една потврда дека земјата е под надворешна управа“.

За реформите во антикорупциските органи веќе кажавме. Сега се очекува Запад поблиску да се вклучи во изборот на наследникот на обвинителот во Специјалното антикорупциско обвинителство (САП). И дека тој тесно ќе соработува со сегашниот шеф на Националното антикорупциско биро, кого го сметаат за прозападно ориентиран. И ние имавме прозападно ориентиран обвинител во Специјалното обвинителство па се виде каков е резултатот. Така што западната лупа при избор на новиот шеф на САП може нешто и да не види. Со меморандумот е предвидено постепено укинување на даночната полиција  и се предвидува да се формира Агенција за финансиски истраги. Таа ќе истражува „сериозни економски и финансиски криминали“. Предвидено е да се основа пазар на гас за населението. Оваа работа донекаде е завршена. Исто така и воведување фискални апарати. Ова се само дел од мерките што произлегуваат од Меморандумот. Треба да се исполнат. Во спротивно ќе нема пари.

Реакциите во Украина на ваквата состојба на работите во соработката со ЕУ се различни. Некои сметаат дека ако се сака економска интеграција и политичка асоцијација со ЕУ сето тоа со реформите треба да се прифати. Народниот пратеник Ренат Кузмин вели дека доаѓа време власта да се подготвува за „бунт на гладните и за оставка“. Други пак потенцираат дека од денес Украина за ЕУ ќе биде извор на евтина работна сила, пазар за пласирање стоки, суровински извор и тампон држава. ЕУ, според нив, го сменила односот кон Украина признавајќи дека нема можност земјата да се реформира во насока на европски вредности. Па дури дека го затворила проектот – Украина. Укажувањето на Борел дека Украинците мораат сами да ги спроведат реформите не е остварливо.

Андреј Головачев, економски експерт и аналитичар пишува:„ Ние сами, за жал, не сме во состојба да се реформираме себе си. Сами можеме или да го сочуваме сегашното статус-кво, т.е.  failed state( неуспешна држава), или да се уништиме, што во суштина и го правиме, масовно одејќи на печалба каде било. За неизбежноста на тоа јас пишував после победата на Мајдан на врвот на еуфоријата, кога народот радосно трчаше да гласа за Порошенко. Полоша варијанта за спроведување реформи не можеше ни да се замисли, но  плебсот може да шмрка што било. Дури и патентираниот крадец Порошенко, како голем реформатор. А изборот на Зеленски за претседател – тоа е веќе квинтесенција, апотеоза на охлократијата“.

Денес министерот за надворешни работи Бујар Османи ќе ја почне дводневната посета на Брисел. Најавена е средба со Жосеп Борел. Таман може да го праша за искуствата од соработката на ЕУ со Украина. И да спореди со она што се случува во Македонија. Нашата цел во моментов е одржувањето на првата меѓувладина конференција која би го означила и почетокот на пристапните преговори.

 Во најавата за посетата се вели дека  „Министерот Османи ќе ги претстави приоритетите на својата мандатна мисија, со посебен осврт кон добрососедските односи и придонесот кон регионот, при ште ќе ги реафирмира: силната проевропска програма на новата влада, продолжување на реформските процеси со ЕУ предзнак, особено во делот на владеење на правото, како и социо-економските мерки за справување со последиците од пандемијата“.

Ќе биде интересно како Борел ќе ја оцени „силната проевропска програма на новата влада“. И дали на Османи ќе му стане јасно што ја чека државава по одржувањето на меѓувладината конференција, ако се одржи.  Ние не сме ништо поуспешна држава од Украина. Ниту сме во состојба да се реформираме себе си. И ние имаме коалиции - патентирани крадци. ДУИ од една и ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ од друга страна. Време е нашите патрони да им покажат прст на овие крадци, како што го прават тоа во Украина. Само нека не го спомнуваат банкоматот.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД