25 Април, 2024
0.0290

Фактори за идни промени во прехрамбениот систем и земјоделството

Објавено во: Колумни 20 Декември, 2018

Добивај вести на Viber

    Во наближување на третото десетлетие на 21-ви век Светскиот прехрамбен сектор и земјоделството се наоѓаат пред нови предизвици кои бараат политички одговор. По ова прашање постојат голем број публикации, вклучително и на голем број авторитетни меѓународни организации и истражувачки центри (ФАО -2002; ОЕЦД -2010; истражувачки институции од Лондон, Вашингтон, Париз и др.)

  Факт е дека постои заедничко мислење во врска со развојот на земјоделството во светот, а тоа е дека тоа треба да се разгледува во контекст на проблемот со исхраната на населението и одржливото искористување на природните ресурси. За постигнување на политика на приоритетите за развој, на прво место потребен  е јасен став за факторите (движечките сили) кои ќе делуваат на прехрамбениот сектор и земјоделството во наредните години. Овие фактори можат да се групираат во неколку сегменти: пораст на населението и доходот; промена на структурата на побарувачка како последица на доходот на населението по жител; нова организација на светскиот прехрамбен систем; климатските промени; зголемен притисок врз основните ресурси за земјоделско производство како што се: земјоделското земјиште, енергијата, водата, растечко значење на вредностите и етичките разбирања во општеството.

  Агрегатното влијание на факторите кои ги определуваат промените во прехрамбениот систем и земјоделството тешко можат да се оценат. За таа цел разработени се програмите на ФАО, Организацијата за економска соработка и развој. Меѓународниот институт за истражување на прехрабената политика и др., кои треба да дадат одговор на рефлексиите од споменатите движечки сили.

Резултатите од тие модели се извесни – постои голема веројатност цените на прехрабените производи во наредните години да растат со повисоко ниво отколку на крајот на 20 век и почетокот на 21 век. Се смета дека долгорочните тенденции на ниско ниво на земјоделските производи е исцрпено. Таков очекуван развој ја дефинира политиката на секторот во наредниот период. Во рефератот на ФАО (Светското земјоделство 2015/2030 се прогнозира дека на долгорочен план темпото на пораст на побарувачката на светско ниво земјоделски производи ќе се забави бидејќи се намалува темпото на пораст на населението, но дел од земјите во развој ќе станат уште позависни од увоз на храна. IMPACT  моделот на Меѓународниот институт за истражување на прехрамбената политика, предвидува значително зголемување на цените на житата, главно поради намалување на приносот како резултат на климатските промени. Како втора причина се смета дека ќе биде невозможно да се зголемат обработливите површини.

  За влијанието на производството на биогорива врз цените на храната, прогнозата е дека растот ќе биде висок, но тоа зависи и од цената на фосилните горива и политиката на даноци, субвенции и нови технологии од новото поколение на производство на биогориво.

  Влијанието на политиката врз порастот на цените на храната на долгорочен план и нивната нестабилност предизвикува загриженост. Закономерно се раѓа прашањето како да се осигура пристап на сиромашното население до прифатливо ниво на исхрана. Постојат различни опции од кои треба да се избира (или да се комбинираат) помеѓу: ценовна контрола, субвенционирање на цените, целна помош, формирање на залихи, поддршка на производството на малите земјоделци во сиромашните региони и др. Но мора да се напомне дека повисоките цени на храната имаат и позитивна страна, бидејќи од тоа ќе печалат производителите и тие ќе одговорат со зголемување на производството, ќе бидат стимулирани за порационално користење на ресурсите и храната, ќе се одрази позитивно врз дејностите сврзани за земјоделските активности, што е особено важно за селските реони, кои се силно подложни на сиромаштија.

  Главна цел во политиката на прехрамбениот систем е да се осигура одржлив начин на производство и доволно храна за населението. Историски гледано, порастот на производниот потенцијал на светското производство што го обезбедува земјоделството ја задоволува ефктивната побарувачка. Во исто време, значаен дел од населението во светот нема пристап до доволна храна.

  Од страна на понудата, потребно е да се каже дека не е сигурно дали производниот потенцијал ќе може да ја пресретне зголемената побарувачка. Природните ресурси на населението ќе продолжат да се намалуваат како потенцијал за зголемување на продуктивноста. Прашање е дали ефектите од технолошкиот напреадок ќе го надоместат тоа намалување на човечките ресурси. Постојат многу препораки како да се постигне таа главна цел. Се смета дека тоа ќе зависи од напредокот на следните области: потполно искористување на постојните знаења и технологии; примена на научните достигнувања; намалување на загубите; зголемување на ефективноста врз база на подобро управување и влијание врз побарувачката. Потребата од производство на повеќе храна и новите предизвици како резултат на климатските промени бараат интензивен развој на научните истражувања. Како најважни области на научно истражување се: создавањето на нови сорти културни растенија и раси на продуктивни животни, вклучително е генобиологијата, науката на почвите, технологијата на производството, управувањето на производството и др.

  Намалување на губитоците можеби е најдиректниот пат за зголемување на расположивата количина на храна. Загубата на храна, погодна за човечка исхрана, се оценувадека изнесува околу 30% преку сите губитоци од нивата, преку прибирањето на реколтата, припремата, складирањето, преработката, транспортот до понудата на готова храна за конзумирање. Во земјите во развој преовладуваат загубите непосредно по жетвата поради неизградената инфраструктура за складирање, а во развиените земји нејголеми губитоци настануваат во процесот на преработка за директна консумација.

  Регулаторната рамка на светскиот прехрамбен систем за исхрана на населението и одржливо земјоделско производство бара глобални решенија. И покрај тоа напредокот во оваа област е тежок, бидејќи допира осетливи политички прашања, а особено поради спротивставувањето на политички влијателни групации поврзани со долгогодишна поддршка на земјоделците во развиените земји.

  Протекционизмот  на националните политики наоѓа оправданост и во последиците од неповолните временски услови и непостојаноста на цените на светскиот пазар. Заради тоа некои земји (и Македонија) прибегнуваат кон забрана извозот или увозот за да ги заштитат цените на домашниот пазар. Тоа мешање во пазарните механизми создава нестабилност во условите на трговијата и не дозволува пазарните сигнали да се искажат како регулаторна сила. На тој начин се нарушуваат интересите како на трговските партнери така и на производителите во земјата.

  Нестабилноста на светскиот пазар е поврзана не само со пазарните ограничувања, туку и со поддршката на земјоделското производство. Таа пракса има долга историја, но кога станува збор за поддршка на земјоделството како дејност поврзана со општите интереси на земјата, поддршката треба да се прави на начин кој не го нарушува функционирањето на пазарот.

  Надминувањето на нестабилноста во прехрамбениот комплекс и земјоделството е отежнато поради тоа што земјоделските пазари во основа се нестабилни. Причините за тоа се нееластичност во побарувачката и нестабилен карактер на понудата поради зависноста на производството од метеоролошките услови. Покрај тоа понудата не е способна да одговори  во кусорочен план на пазарните сигнали поради долготрајноста на производниот циклус. Во некои земји порастот на цените и недостигот на храна се причини за политичка нестабилност. До голема нестабилност можат да доведат и економските фактори како што се климатските промени, потоа политичка нестабилност, проблеми со порастот на населението и др.

Цените на земјоделските производства се во врска и во зависност од цените на енергијата, како и ориентацијта за користење на површините за производство на биогорива. Има ли политички одговор на нестабилноста на цените, особено на ценовната експлозија? На глобален план либерализацијата на пазарот со земјоделски производи  ќе ги намали варирањата на цените поради компензација на производните кризи во еден регион со производство на друг. Во услови на изненадно поголем пораст на цените, државата треба да ги помогне најзагрозените социјални групи . Порастот на цените на хранта е важен фактор за пораст на инфлацијата. Проблемот не може да се решава со конвенционални мерки на макроекономска политика.  Потребни се специфични мерки, вклучително и на ниво на секторот.

  Стабилност на производството и на цените  најсигурно може да се оствари ако се постигне долгорочен пораст на земјоделското производство преку зголемување на инвестициите и на среднорочен и на долгорочен план, за земјоделските истражувања и примена на знаењето, градење на земјоделската и селската инфраструктура, модернизација на производството и пристап до пазарите. Сегашната положба не треба да придонесува и да ги доведува во искушение политичарите да даваат предност на градската инфрастуктура и градското население пред селската инфраструктура и селското население. 


Проф.Д-р. Борис Анакиев 

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД