24 Април, 2024
0.0296

Фактори за надминување на акомодативниот карактер на македонската економија

Објавено во: Колумни 26 Јануари, 2021

Добивај вести на Viber

Проекциите на Европската Централна Банка упатуваат на состојби на закрепнување на економијата во 2021 година и позитивни тенденции на растот на БДП во еврозоната од околу 5 проценти. Секако, тоа нема да се одрази силно во овој прв квартал од годината, но упатува на констатација дека состојбата со негативните ефекти од пандемијата на Ковид-19 врз економијата, ќе се стабилира во 2022 година и еврозоната ќе биде со стапки кои укажуваат состојби на експанзија на ниво од пред кризата. Тука, ако ја земам Германија, како наш најголем трговски партнер со значаен импулс врз македонската економија, може да бидам малку повнимателен во оптимистичките сценарија. Имено, таму состојбите согласно објавените податоци за последниот квартал од претходната година покажуваат одредени тенденции на послаба активност на економијата, главно поради забавувањата на активностите во услужниот сектор, но добри се статистичките податоци за германската индустрија, и покрај одредени тенденции на забавувања на крај на годината која измина.

Како што напишав претходно, нема сомнежи дека негативните ризици од кризата со пандемијата произведоа состојба на акомодативен карактер на македонската економија. Таквата состојба е актуелна денес, а ќе потрае и во текот на целата оваа година. Практично, на средината на декември (минатата година) бев силно убеден во тезата дека во првиот квартал од 2021 година ќе преовладуваат само позитивни ризици и прогнози, но сега сум повнимателен во таа насока. Имено, се покажа како состојба со висок ризик, кој ми го промени позитивното толкување на ризиците во овој прв квартал, а кој претходно беше сум ја маргинализирал. Таа состојба се однесува на ограничувањата за поголемо производство на вакцината (германско-американска) и најмногу проблемите со нејзината дистрибуција. Сега, ако на ова се додаде постоечкиот скептицизам кај македонското граѓанство околу ефективноста и ефикасноста на вакцината, тоа доведува до повторна состојба (како таа во трите изминати квартали во економијата од 2020 година) на негативни ризици, и во овој прв квартал од годината. Тука, дополнително да ги споменам евентуалните ризици од пренесување на новата мутација на вирусот во Велика Британија во нашата земја, за што сметам дека нема таква можност, но треба да сме внимателни.  

Оттука, сето ова доведе до нови рестрикции во економијата од земјите во еврозоната и повторна присутност на некои негативни ризици. Но, од друга ваквата состојба доведе до засилување на организацијата во земјите од еврозоната за масовна вакцинација, како и пронаоѓање на сите можни алтернативи за поголемо производство и побрза дистрибуција. Ова секако е можно, само и само, со солидарност помеѓу државите, особено кон оние кои се во развој. Да бидам искрен до крај, очекував позасилена динамика на дистрибуција од развиените земји кон оние другите во развој, особено кон оние кои се силни во своите евро-атлантски интеграции, но поради засилените ризици и прелевањето на новата мутација на вирусот од Велика Британија во останатите западно европски земји, таквата динамика забави и се очекува да се стабилизира во вториот квартал од 2021 година. За нас Македонците, би употребил еден збор, кој го користеше баба ми, а вели: „никаквата“ - да земеш од „кинеските“, да не сфатат поинаку, да земеш од „руските“, пак така... Додека пак, некој од нашите соседи се порешителни во тој поглед. Да поентирам, важно е да се вакцинираме повеќето од нас, со особен осврт на оние повозрасните граѓани, и тоа не подоцна од крајот на вториот квартал годинава.  

Според тоа, моето оптимистичко мислење во насока на актуелните состојби во економијата ќе се помести. Или, од стојалиште на месец декември, 2020 година, тоа беше за првата половина, но сега ќе биде за втората половина на годинава. Ова, значи дека во втората половина на 2021 година, македонската економија ќе влезе во позитивни ризици и побрзо економско закрепнување, така што на крај од годинава ќе продуцираме позитивен раст на БДП, а во 2022 година веќе таквиот раст ќе се зголемува. За ваквата анализа, давам два фактори, и тоа: 

Прво, најважно, до крајот на втор или ран почеток на трет квартал (читај: до средина на Јули, 2021), очекувам да дојде до побрза употреба на вакцината кај македонските граѓани и подобрувања во медицинскиот третман, со цел комплетна нормализација на условите за живот воопшто; и 

Второ, стабилноста на банкарскиот сектор е силно изразена. Најновите оцени за кредитниот пазар во периодот на проекции упатуваат на добра кредитна активност во 2021 година и задржување на солидни стапки на раст во наредните три години.

За ваквата состојба на банките пишував неколкупати во изминатиов период, со особен осврт кон солвентноста на македонските банки. Во оваа прилика ќе го подвлечам мојот став за ваквата состојба на виска солвентност, а потоа ќе ја анализираме нивната профитабилност. Оттука, ако ги погледнеме билансите на банките (збирно за сите), може да се констатира состојба на сметката „сопствени средства“ нешто повеќе од 1,14 милијарди евра (ова за 2020 година). Банките имаат за 52,7 проценти повеќе сопствени средства од потребно бараниот капитал на регулаторот или во бројки изразено, потребен капитал за покривање на ризиците изнесува 539,7 милиони евра, а тие имаа сопствени средства нешто повеќе од 1,14 милијарди. Како што кажав и претходно, ова е силен аргумент дека сопствените средства на банките се „слободни“ и над потребното минимално ниво во износ од нешто повеќе од 601 милион евра. 

Понатаму, во контекст на вториот фактор за надминување на акомодативниот карактер на македонската економија, наведен погоре, охрабрувачки се неколку потези направени во изминатата година, како оној со Европската Централна Банка. Имено, ЕЦБ ни ја стимулира девизната ликвидност за банките со одобрување на репо-линијата во вредност од 400 милиони евра. Тука, секако позитивниот раст на депозитите на крајот од минатата година вреди да се обележи. Тие, ако се погледнат бројките на монетраците ќе се види дека се зголемени за 3% само во декември, или за целата мината година, во споредба со таа од пред кризата (2019) растот на вкупните депозити изнесува 5,9%. Ова значи дека, иако фирмите штедат, сепак граѓаните придонеле за раст на вкупните депозити, со поголема заштеда во годината на криза. Од друга страна, кредитите, исто така имаат раст за годината на криза (2020), и тоа, растот изнесува 4,7 проценти. Тука, причинител за растот во кредитирањето кај банките се повторно граѓаните во сооднос со стопанството и јавните друштва.  

На крајот, при анализата на вториот фактор за надминување на акомодативниот карактер на македонската економија, наведен погоре, би завршил со коментар за профитабилноста на банкарскиот сектор во функција на одржлив раст и ликвидност на економијата. Согласно податоците кои се јавно објавени, македонските банки покажале добивка за првите три квартали од минатата година,и тоа, повисока во споредба со истиот период лани од пред кризата. Поточно, добивката за минатата година изнесувала 96,14 милиони евра, додека во 2019 година, за истиот период таа изнесувала 94,16 милиони евра. Тоа значи дека за 2,1 проценти перформансите на македонските банки се подобари, во споредба со истиот период од годината пред кризата (2019). Очекувам ваквите резултати да се задржат во иста насока кога ќе ги анализираме годишните сметки на банките.  

П.С. Во чест на Тоше Проески, бидејќи колумната ја пишувам на датумот кога е роден (25.01.) ќе цитирам една негова мисла:

„Кога ќе ви одземат сè, ќе ви останат двете раце, составете ги една до друга за молитва… Tогаш ќе бидете НАЈСИЛНИ.“

проф. д-р Синиша Наумоски,

директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа во Скопје - Хајделберг Институт


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок