ФИЛИПЧЕ: И МАНУ констатираше мутација на вирусот, првите вакцини во Македонија од Бугарија треба да пристигнат во јануари
Објавено во: Македонија 22 Декември, 2020
Министерот за
здравство, Венко Филипче на денешната прес-конференција информираше дека и во
лабораторијата на МАНУ е констатирана мутација на корона вирусот, но според
сите досегашни сознанија, како што рече, оваа нова варијанта нема да влијае на
ефикасноста на вакцината.
-Сè уште ги чекаме крајните одговори од компаниите кои ги произведоа вакцините против Ковид-19, но иницијалните одговори од компанијата Фајзер се дека ние сме мал пазар и дека една количина од нивната вакцина може да ја очекуваме во втората половина на 2021 година. Немаме дефинитивен одговор сè уште од фармацевтската компанија од АстраЗенека. Истовремено, очекуваме првите вакцини во Македонија да пристигнат во јануари, всушност ова е тоа што денеска е договорено во Бугарија, како што впрочем и нив им е ветено, иако и тие не може да бидат целосно сигурни. Инаку, мутацијата на корона вирусот е во повеќе делови на структурата на вирусот, но тоа нема да има никаква улога во однос на ефикасноста на вакцината. Ќе се прават и дополнителни истражувања, веќе има сознанија дека посилно се врзува со клетката домаќин, затоа и ние бевме внимателни. Вчера ги прекинавме летовите со Велика Британија, засега сметам дека нема да има потреба од некаква дополнителна форма на вакцина.
И оваа прес-конференција министерот ја искористи да апелира до граѓаните претстојните празници да ги одбележат одговорно во кругот на најблиските за да не дојде до повторно зголемување на бројот на новозаразени од Ковид-19.
А.Б.