Филипче во инспекција на аптеки во Гевгелија
Објавено во: Македонија 07 Октомври, 2019
Венко Филипче, министерот за здравство, објави дека проверил како функционираат аптеките со укинувањето на квотите на лекови на рецепта во Гевгелија. Овој град беше еден од петте, покрај Охрид, Струга, Дојран и Ресен, каде што квотите беа укинати уште на почетокот на август, додека на национално ниво проектот стартуваше на 1 октомври.
„Денеска посетив неколку аптеки во Гевгелија, кадешто на лице место се информирав како тече мерката со укинувањето на квотите за лекови на рецепт. Граѓаните во секое време ја подигнуваат својата терапија и повеќе не стравуваат дека можат да останат без потребниот лек. Тие се снабдени со лекови во текот на целиот месец“, објави Филипче.
Филипче за Охрид, Ресен, Дојран, Струга и Гевгелија и околните места рече дека квотите прво се укинуваат таму бидејќи се работи за туристички градови и да им излезат во пресрет и на жителите, но и на туристите. Тој кажа дека се години наназад во летниот период поради наплив на туристи квотите на лекови во овие градови се трошат многу побрзо и жителите остануваат без потребната терапија.