Добивај вести на Viber
Во насока на овозможување поголема пристапност до градските културни институции и олеснување на пристапот и следењето на случувањата од областа на културата на лицата со посебни потреби, градоначалникот на Град Скопје, и директорот на Младинскиот културен Центар-Скопје, Златко Стевковски, денеска во фоајето на МКЦ на лицата со посебни потреби им ја предадоа во употреба вертикалната лифтовска платформа.
Идејното решение за лифтовската платформа го подготвија професори од Машинскиот и од Архитектонскиот факултет од Скопје, а нивната изведба ја направи „МАКЛИФТ“. Поддршка секако даде и домаќинот, Младинскиот културен центар. За оваа намена од Буџетот на Град Скопје за 2014 година, се издвоени 1.907.234,00 денари.
„Ова е трет ваков лифт кој Градот го изгради за потребите на лицата со посебни потреби. Имено, во насока на остварување социјална заштита на лицата со посебни потреби, односно подобрување на квалитетот на нивното живеење и создавање услови за независен живот, што претставува еден од главните приоритети на Град Скопје, градот во 2010 година ја постави лифтовската платформа за лица со посебни потреби, во СУГС “Михајло Пупин“. Градот создаде услови за вклучување на лицата со посебни потреби во воспитно образовниот процес на тој начин што училиштата ги направи достапни за сите ученици во Скопје, но и за оние што доаѓаат да учат во Скопје од другите градови на Републиката“, вели градоначалникот Трајановски.
Тој нагласи дека и во иднина, политиката на Градот Скопје ќе биде унапредување на остварувањето на правото на пристапност на лицата со посебни потреби. „Создавање услови за нивно вклучување во општествените текови и непречено следење на образовната настава и културно забавниот живот, како и спортските настани во градот. Доказ за тоа е дека во 2014 година, за оваа намена, во Буџетот на Град Скопје и во Програмата за социјална заштита се предвидени 4. 000. 000,00 денари“, истакна градоначалникот Трајановски.
Со Вертикалната лифтовска платформа што се изгради во Младинскиот културен центар, Градот Скопје на лицата со посебни потреби, ќе им го олесни пристапот и следењето на случувањата од областа на културата во оваа градска културна институција.
Програмата на Градот Скопје за овозможување поголема пристапност за лицата со посебни потреби, до институциите во градот, е развојна. Почнувајќи од 2007 година па досега, Градот Скопје изгради 18 пристапни рампи за лицата со посебни потреби во 12 средни училишта кои се во негова надлежност, како и 5 пристапни рампи на влезовите и други поважни приоди на 5 градски културни институции.
На овој начин, се реализирааше приоритетот на Градот Скопје во поглед на подобрување на пристапноста, олеснување на движењето и комуникацијата во урбаната заедница на лицата со посебни потреби.