20 Јануари, 2025
0.0383

Доналд Трамп – надеж за мир во Украина

Објавено во: Колумни 20 Јануари, 2025

Добивај вести на Viber

И тоа е Америка! Џо Бајден по четири години заминува од власта и почнуваат критиките врз него. Медиумите му ги бројот грешките, сега на крајот од мандатот. Па дури пишуваат дека тој немал намера да и обезбеди победа на Украина над Русија и враќање на териториите. Не е поштеден ниту државниот секретар Ентони Блинкен. The Time пишува дека војната во Украина можела да биде завршена во 2022 година, но Блинкен настојувал таа да продолжи. Се додава дека првиот американски дипломат „не бил толку мировник, колку воен стратег“. Згора на ова Бајден во последните денови од неговиот мандат го напуштија и се приклонија кон Доналд Трампт членовите на американската технолошка олигархија. Сите до еден, кои денес ќе присустуваат на инаугурацијата на новиот американски претседател, Доналд Трамп.

А Трамп, синоќа пред неговите приврзаници се искажа за она што има намера да го прави за време на неговиот мандат. Најави крај на војната во Украина, крај на хаосот на Блискиот Исток и спречување на трета светска војна. И сето тоа за него е многу блиску. Вети заштита на границите на САД и на нивните интереси, а не на други држави. Па дури и обновување на слободата на говорот. Замислете, во Америка, која ширум светот обвинува држави дека ја задушиле слободата на говорот. Тој ќе го брани правото на граѓаните на оружје и најави крај на незаконската миграција. „Нема да дозволиме да не окупираат или да не освојат. Ќе бидеме слободна и горда нација и тоа ќе почне утре на пладне“, рече Трамп. Најави дека има намера да ги укине сите „глупи и радикални“ декрети на администрацијата на Бајден, веднаш по инаугурацијата. Истото го најави и за „крајот на периодот на пад“.  Операција по крупна депортација, најголема во историјата на САД, ќе почне многу скоро.

Новиот американски претседател има намера да им препорача на вооружените сили да разработат и да изградат систем на против ракетна одбрана „Железна купола“ за заштита на територијата на земјата. Систем произведен целосно во САД. За него развојот на националната одбрана ќе биде еден од клучните приоритети на новата администрација. Администрацијата ќе активира и вонредни овластувања за поддршка на крупни проекти во сферата на вештачката интелигенција. Ќе бидат поддржани земји, претприемачи и луѓе кои имаат многу пари. Трамп најави дека Apple планира големи инвестиции во американската економија. Освен ова тој кажа дека администрацијата има намера да ги намали даноците, да врати илјадници фабрики во САД и одново да го зацврсти и модернизира вооружените сили. „Ќе ја градиме Америка, ќе купуваме американски производи и ќе вработуваме Американци“, порача Трамп. И сето ова со ветување дека ќе ја направат Америка одново силна, богата, здрава и конечно одново голема.

СЕРИОЗНИ НАМЕРИ

Се’ ова искажано од Трамп е многу убаво, особено на почетокот на мандатот. И не е ништо ново. Секаде во светот  лидерите на почетокот се со полна уста планови, за на крајот од мандатот да им ги бројат неостварените. На Трамп ќе му биде лесно само до седнувањето во фотелјата. Оттука ќе почнат маките. Впрочем, веќе од пред два дена ширум САД почнаа протести против неговата најавена политика. Особено в поглед на човековите права. Но што ќе прави кога ќе му дојдат од министерството за финансии и ќе му кажат дека долгот на САД е над 36 трилиони долари. Некои му изброија дека за време на неговиот прв мандат долгот бил 19 милиони долари, а тој ветувал дека ќе го намали. Си заминал од Белата куќа со долг зголемен за шест трилиони долари. Или пак кога ќе се јават луѓето со папките од специјалните служби. Оние кои досега ги критикуваше и има намера да ги реформира.  Сеедно, кои и да се, кога ќе му ги стават папките под нос, тогаш многу работи нема да бидат решени како што се најавуваат.

Доналд Трамп најави крај на војната во Украина, крај на хаосот на Блискиот Исток и спречување на трета светска војна. Она за Украина значи надеж дека ќе дојде мирот на таа територија. Трамп порано велеше дека ќе донесе мир за 24 часа, па за месец, па за три и сега се вртат шест месеци. Како што е сега ситуацијата на военото поле и шест месеци се добредојдени. Дека новиот американски претседател има сериозни намери да се посвети на мирот во Украина зборува и фактот дека веќе има назначено човек кој ќе ја брка таа работа. Пред два дена Трамп зборуваше по телефон со кинескиот претседател, Шји Џинпинг. Покрај билатералната соработка ја спомнале и Украина и други воени жаришта. Трамп има свои идеи, но засега не се знае дали има и план, како да дојде до мир во Украина. Кина од своја страна, заедно со Бразил, веќе обнародија план за мир во таа земја. Можеби соговорниците ги размениле своите идеи и планови.

Но едно се нивните идеи и планови, а друго на учесниците во конфликтот. А трето и на другите сојузници на Украина. Но последниве засега се во исчекување. Главен играч е Трамп, а не Бајден. За сите нив, сојузниците, Америка беше се’ и свја. Главен играч. Кој сега може да ги остави на цедило. Минативе денови, како под команда, во предвечерието на инаугурацијата на Трамп, имаше искажувања на темата „Трамп и војната во Украина“ на евентуалниот нов американски државен секретар, Марко Рубио, интервјуа имаа и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров и на неговиот украински колега Андреј Сибига.

ОТСТАПКИ

За Рубио, на слушањата во американскиот Конгресот, Кина, па дури и Арктикот се многу поважни теми од Украина. Поентата на Рубио е дека главни во преговорите за Украина треба да се отстапките до страна на сите учесници во преговорите. Значи САД, Русија и Украина. Но бившиот министер за надворешни работи на Украина, Павел Климкин, во интервју за руската служба на BBC, рече дека „Ќе разговараат без нас“. А тоа значи ништо од неговата прокламирана идеја „Ништо за Украина, без Украина“! Климкин смета дури, дека Американците и Русите и сега разговараат по неофицијални и тајни канали. Тој се залага Украина да биде дел од решенијата на тие разговори. Но смета дека е многу веројатно САД и Русија да подготват документ кој ќе и го стават под нос на Украина.

Актуелниот украински министер за надворешни работи, Андреј Сибига,  многу сака првиот контакт на Трамп да биде со претседателот на Украина, Владимир  Зеленски. А по таа средба да се преземаат и натамошните чекори. Сибига очекува од САД да бидат порешителни и да работата на праведен мир, за што се залага и Украина. Украинците сметаат дека Зеленски со својат манир и упорност ќе може да го убеди Трамп во „украинската вистина“.  Иако Трамп своевремено го нарече „најголем трговец“. Во Украина сметаат дека брзите преговори би биле катастрофа за неа. Кит Келог, специјалниот американски пратеник за Украина ја откажа посетата на Киев, наводно, според украински токувања, од правни причини. Трамп не бил се’ уште избран за претседател, па Келог не може да води меѓународни преговори.

Но овде има и трета страна. Онаа за која зборуваше и Рубио. А тоа е Русија. Украинците засега не сакаат да преговараат со неа. Туку со САД, а инсистираат и на ЕУ и Британија. Ситуацијата на фронтот ги става нив во подредена положба. Па во евентуални преговори ќе бидат послабата страна. Затоа и се надеваат во Трамп и неговиот став за „мир со сила“. Но Украинците околу преговорите со Русија своевремено си создадоа проблем. Донесоа закон со кој е забрануваат преговори со Путин.  Значи ќе нема преговори додека тој закон не се укине. А ако можат, во меѓувреме, некако да го убедат Трамп во нивната желба за праведен мир. Од друга страна, пак, Киев постојано повторува дека Русија не сака да преговара со нив и дека САД треба да најдат начин за да ја убедат да седне на преговарачка маса.  Со притисоци, со уцени, со било што само да седне да преговара, се разбира поддржувајќи ја Украина. Погоре споменатиот Рубио, зборуваше и за санкциите како оружје за да се согласи Русија за учество во преговори.

МОЖНА КРИЗА

Во Украина во власта има приврзаници за продолжување на војната. Па Зеленски од Западот постојано бара оружје и пари. Како да има некоја идеја дека на тој начин ќе успее  да ги протера Русите од нејзина територија, дека ќе ги напаѓа руските инфраструктурни објекти и позадината, па дури и да преземе офанзива и напад врз руска територија. Но сите му кажуваат дека тоа е фикс-идеја. Дури и сојузниците. Вчера се јави и главниот командант Александар Сирски, кој рече дека сега главна е одбраната од руската офанзива на истокот на земјата. Марко Рубио во Конгресот рече дека реално нема шанси Русија да ја освои цела Украина, ниту пак оваа да ги врати териториите. Оттука и ставот на САД за крај на војната. За Украина, според Рубио, не е проблем што парите и се пред крај, туку пред крај и се Украинците. Алудирајќи на големите воени загуби. А за барањата на Москва за неутралност на Украина и омекувањето на санкциите ќе се преговара.

Во Киев веќе се водат дискусии околу тоа, доколку Зеленски ги одбие повиците на Трамп за преговори, знаејќи дека САД се за прекина на војната на линијата на фронтот, што значи губење на украински територии, тогаш може да дојде до сериозна криза во земјата. Американците, според некои експерти, би почнале да притискаат и да бараат сили во земјата на кои може да се потпрат  и кои би ги објавиле како нивни фаворити. Па потоа би можел да настапи Илон Маск и да спомне некое име, како што тоа го прави во Германија со АдГ и во Британија со Најџел Фараџ. Сето ова ќе предизвика тревога во Киев. Таму во тек е „селекција“ на  можни кандидати за претседател и веќе гласно се  навредуваат од страна на поединци од Канцеларијата на Зеленски. Прв беше спомнат поранешниот претседател Петар Порошенко, а некои очекуваат и воведување санкции кон него. Не е заборавена и Јулија Тимошенко. Велат дека овие двајца веќе се обидуваат да се зближат со претставници на американската нова администрација. Се споменува и некогашниот главен командант Валериј Залужњи, кого по смената го пратија да амбасадорува во Британија. Се разбира најтежок притисок за Украина би било Трамп да ја сопре воената и финансиската помош. Затоа Зеленски најмногу би сакал рускиот претседател Владимир Путин да му откаже на Трамп за разговори со што би му била олеснета неговата позиција.

Каква е позицијата на Русија во сето ова? Пред некој ден Срегеј Лавров, министерот за надворешни работи имаше прес конференција, па го прашаа и за враќањето на Трамп и можноста тој да склучи „зделка’ за Украина. „Ќе чекаме конкретни иницијативи. Претседателот Путин повеќе пати рече дека е подготвен за средба. Но засега нема предлог за такво нешто. Потоа претседталот Трамп рече дека Путин сака да се сретне. Сметам дека треба да се среќава, но прво „да се влезе во офисот“, рече Лавров, имајќи ја предвид инаугурацијата на Трамп. Во поглед на улогата на Европската Унија и Германија во можните преговори за решавање на конфликтот, ставот на Лавров не е многу позитивен. Ова, пред се’, од односот на Германија и Франција во спроведувањето на Минските договори. Две европски земји кои биле гаранти на тој договор. Во декември 2022 година, заминувајќи во пензија Ангела Меркел, германската канцеларка, изјави дека никој не се подготвувал да ги спроведе договорите, што подоцна го потврдија и францускиот претседател Франсоа Оланд и украинскиот, Петар Порошенко. Им било потребно да „добијат“ неколу години за Украина подобро да се подготви за војна.

РУСКИ УСЛОВИ ЗА МИР

Оттука и ставот дека е важно да се разбере со кого и за што да се водат преговори. Затоа што не станува збор за празни прашања. Русија сака да зборува само за сигурни, правно обврзувачки договори кои треба да ги елиминираат основните причини за конфликтот и кои треба да вклучуваат механизам што ќе го оневозможи нивното прекршување. Ова ги враќа работите пред 24 февруари 2022 година. Поточно во декември 2021 година, кога од страна на Русија беше упатено писмо да САД и НАТО со барање за дијалог околу гаранциите за безбедност на Русија. Одговорот беше негативен. Па следеше агресијата врз Украина. Правно обврзувачки договори Русија бара по искуството што го имаше од пред распадот на СССР, кога на тогашниот генерален секретар на КПСС, Михаил Горбачов му беа давани ветувања дека НАТО нема да оди на исток. Ветувања кои не се исполнија. Србите имаат една поговорка:„Обеќање, лудом радовање“.

Инаку ставот на Русија за условите за мир во Украина, на собир во руското МНР, во јуни, го искажа Путин. Украинските трупи мора целосно да се повлечат од Доњецката и Луганската народна република и од Херсонската и Запорожката област. И тоа на  целата територија на овие региони во нивните административни граници што постоеја во времето на нивниот влез во Украина. По ваквата одлука треба да започне вистинско повлекување на војниците од овие региони, а исто така Киев треба официјално да извести за напуштање на плановите за влез во НАТО. Тогаш Русите, во истиот момент, ќе го прекинат огнот и ќе почнат почеток на преговори. Путин сака ваквата одлука да ја донесе Украина сама, а не по налог на Запад, но смета дека постојат големи сомнежи во оваа смисла. Во меѓувреме, рускиот претседател, истакнувајќи дека  политиката е вештина на компромис, тврдеше дека Русија е подготвена за преговори и за компромиси. А Украина се откажала од преговори.  Резултатите од таквите преговори секогаш се компромиси. Овде тој го има предвид договорот од Истанбул од пролетта 2022 година од кој Украина се откажа под влијание на Британија, а се чини и САД. Британскиот премиер Борис Џонслон, тогаш допатува во Киев и, според украинскиот преговарач, Давид Арахамија, им рекол да не се прифаќаат договорот. И војната продолжи.

Се она што изминатиов период беше соопштувано во јавноста од сите страни, САД, Русија, Украина, сега може слободно да биде ставено во архива. Од денес почнува ново одбројување. Па и погорните ставови. Тие можат да се сметаат како „програми максимум“, а конечно решение никој не може да го каже денес. Ќе биде многу важно како ќе изгледа конечниот план на Америка за конфликтот во Украина. Во Европа има многу приврзаници за продолжување на војната, а пред се“ Марк Руте, генералниот секретар на НАТО. Па и Франција и Британија, кои спомнуваат нивни трупи во Украина, а од што се откажуваат Полска и Германија. Но тешко дека тие ќе можат да им се спротивстават на САД доколку Трамп успее да донесе мир во Украина. Овде треба да се спомене дека во НАТО и ЕУ има држави кои се ставање крај на војната. Многу ќе биде важно како САД и Русија ќе се договорат имајќи го предвид сегашното ниво на односите меѓу нив. Како и недовербата која што се надградуваше со години.

Можат ли да не успеат преговорите? Секако. И да продолжи војната. Но тогаш влоговите во воената игра ќе се зголемат неколкукратно. Едни ќе даваат пари и оружје, други жртви. Овде ги имам предвид Западот и Украина. И Русија ќе има жртви. Ако се следи политиката на Руте, можно е да дојде и до судир меѓу Русија и НАТО, чиј епилог е страшно да се предвиди. Црвените линии одамна се поминати. И на Русија и на Украина. Останува црната. Апокалиптичната.

За крај. Денешната инаугурација на Трамп отвора нова четиригодишна историја на Америка. Но и негова лична. Според бившиот американски амбасадор во Украина Џон Хербст, тимот на Трамп очекува тој да добие Нобелова награда за решавање на руско-украинскиот конфликт. Опкружувањето на Трамп смета дека неуспехот, наместо награда би му донел катастрофален пораз, како на Бајден во Авганистан. Трамп сака траен мир, но Украина да не биде „растргната“. Што значи да не капитулира. Според состојбата на теренот, таа е далеку од капитулација во моментов. Ако успее во тоа тогаш тој навистина би ја заслужил наградата. Многу повеќе отколку наградата на претседателот Барак Обама, добиена за „вонредни напори за зацврстување на меѓународната дипломатија и соработката меѓу народите“, уште на почетокот на неговиот мандат во 2009 година.

Мирче Адамчевски