(ФОТО) Останала без работа и почнала семеен бизнис со чанти
Објавено во: Економија 03 Април, 2017
Семина Ахметовиќ(28) од Осијек кај Сараево останала без работа во Федерацијата на железничари, по што работела хонорани работи од кои не заработувала доволно.
Таа е со високо образование, зборува англиски, германски и шпански јазик и почнала семеен бизнис за изработка на чанти.
Нејзините блиски прво биле зачудени од оваа идеја за бизнис, но потоа ја поддржале.
Почнала пред точно една година, а денес со неа работат мајка ѝ, сестра ѝ и татко ѝ.
Првата чанта лани ја изработиле на 1 април.
„Татко ми крои затоа што е прецизен со ножиците. По завршување на шиењето кое го прави мајка ми, татко ми ги опремува чантите затоа што имаат 4 слоја. Додава картон, копче, метален синџир“ - вели Ахметовиќ.
Таа раскажува дека еден кат од куќата им е претворен во работилница. Откако останала без работа, посетувала курс по германски јазик, но брзо и станало здодевно без обврски и се одлучила за сопствен бизнис.
Додава дека идејата постоела со години, но сега се решила да ја реализира.
Првите модели на чанти кои ги направиле биле најпродавани.
Месечно прават по 200 чанти, а освен во БиХ имаат побарувачка и за Србија, Црна Гора и Норвешка.
Ахметовиќ вели дека се трудат секоја наредна чанта да биде што поквалитетна и поубава од претходната.
На младите и образовани луѓе им советува да не се откажуваат и своите идеи да ги претворат во дела.