ФУРКАН САЛИУ ДО МВР: Уништувањето на доказен материјал верувам знаете подобро од мене дека е кривично дело
Објавено во: Македонија 15 Април, 2024
Новинарот Фуркан Салиу се пожали дека полицијата бришела доказен материјал. За ова тој пишува на социјалните мрежи. Тој вели дека бришењето докази е кривично дело.
„Почитувани припадници на #МВР, посебно вие припадници на #КримTехника и #ЕБР,
Уништувањето на доказен материјал верувам знаете подобро од мене дека е кривично дело. Посебно ако се уништи материјал кој е во приватна сопственост. Во материјалот од безбедносните камери во приватен објект се избришани три дела. Двапати по 40 секунди каде што би требало да се гледа како апсолутно без ништо почнуваат да го тепаат младото момче и делот каде што би требало да се гледа „нападот” од моја страна врз полицијата. И 3 минути каде што точно се гледа како се отвара мојата ташна. Се надевам дека иако сте ги избришале за да ние не дојдеме до нив ги чувате кај вас. Давањето лажен исказ е исто така кривично дело“, пишува тој.
Полицијата на 11 април поднесе кривична пријава против новинарот Фуркан Салиу и уште едно лице. Двајцата се осомничени за делото „спречување службено лице во вршење службено дејствие“.
„Ве известуваме дека по целосно документирање на настанот, на 11.04.2024 од страна на Единицата за насилен криминал при СВР-Скопје до ОЈО Скопје против лицата Н.Ј. и Ф.С. поднесена е кривична пријава за сторено кривично дело ’спречување службено лице во вршење службено дејствие‘ по член 382 од Кривичниот законик“, велат од МВР.
Салиу на социјалните мрежи објави дека не верува оти МВР може да го докаже делото. Новинарот на прес- конференција влезе во расправија со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Тогаш, Тошковски рече дека новинарот лаже.
Тој на 7 април беше меѓу тројцата приведени на фудбалскиот натпревар помеѓу „Коњаре“ и „Куманово“ на стадионот во Средно Коњаре. При претрес во возилото е најден пиштол кој го поседувал Салиу со дозвола.