18 Април, 2024
0.0239

Фурната кај Жантевци

Објавено во: Колумни 26 Јануари, 2019

Добивај вести на Viber

Леп и мас, леп и шеќер (со микроскопски количества на кафе и  неколку капки вода од маалската чешма), леп и ајвар, леп и мармалад (зависно во кое годишно време бевме-намазот е со широк спектар), леп и сирење (во најмала верзија)  со скопски јабучар (по можност крупен и многу зрел).

Ова беа главните специјалитети со кои се појавувавме наутро или попладне на улица и ги јадевме со голем апетит и понабрзина за да избегнеме што помалку „чепрлок“ од другите (што немаа или беа стрвни, па не те оставаа на раат да си ја густираш ужинката). Се штитевме со „знам за сите“-лозинка што ти дава право нараат да го кркнеш параманот леб со прекрасна кафена и крцкава корка. Паштетата, маргаринот, жолтото американско сирење и другите современи додатоци на параманот леб дојдоа подоцна, главно по земјотресот.

Главни фурни во Дебар маало беа онаа кај Жантевци и помалата кај сегашниот центар за странски јазици. Тие ги паметам од најраното детство, но бев премногу мал за да пазарам и чекам тазе леб. Таа задача ја имав во Циган маало. Фурната беше во таканареченото Голгота маало, на еден агол на ширинката низ која поминуваше нашата улица Луј Пастер. Фурнаџија беше чичко Перо здрав, црвен во лицето и крупен маж, секогаш расоблечен и по малку извалкан од брашно. Утрото на денот на  земјотресот даваше леб без пари, но никому не му текнуваше да земе повеќе од колку  што му треба. Фурната не проработе, тоа беше последната тура на леб што ја извади Перо фурнаџијата. А колку убави и вкусни јадења се носеа во неделите на печење: турли-тава, пита, јанија, мусака, а неретко и прасенце и јагненце (за Нова година и Велигден).

Кога почнавме да „одиме по риба“, по земјотресот, ги научивме и другите фурни на кои попатно одејќи, односно возејќи се кон риболовниот терен, купувавме тазе леб („бојникот јаде на лепче“). Чукавме на шалтерот за да ни отвори фурнаџијата, ги земавме векните топол и мек леб и набрзина влегувавме во автомобилите (скапано фиќо или рено 4) не обрнувајќи воопшто внимание на фурнаџиското среќно (што беше ѓоамити голем малер пред риболовот).

За повремешните скопјани локалитетот Жантевци е добро познат. Тоа е триаголникот омеѓан од убавата двоспратна куќа на старото галичко семејство Жантеви, поранешната предземјотресна  локација на слаткарницата „Апче“ во еднокатното здание од кое  потекнуваат Мисајловци (Мирче„ Чамо“ остана некако најпознат од сите нив ) и прастарата фурна во приземната куќарка во уличката со калдрма што водеше натаму кон кафеаната со последна фирма „Сидро“. Овој триаголник му доаѓа како тромеѓа меѓу Дебар Маало, Колонија и Буњаковец. Тука се одвиваше динамично секојдневие на сите генерации жители на овој дел на градот. Во приземјето на куќата што доминираше со убавината и пространоста во која живееја повеќе членови на старото семејство дојдено од Галичник постоеше дуќан-коперација во кој се продаваа разни потрепштини за секојдневниот живот: зејтин, мармалад, кисело и слатко млеко, газија,„гумени бонбони“......и што уште не!

Отспротива на другиот агол на истата уличка беше „Апче“, слаткарница со големо значение за секој дебармалец. До тука се доаѓаше секој ден на тулумба, сладолед или да се купи боза во шише со голема устина во кое се продаваше млеко од млекарницата во Маџари или ништо не се купуваше, најчесто. Се немаше пари, но тука имаше во секое време луѓе, па и понекоја симпатија од училиште или од соседното уличе во маалото.

Одамна овие зданија не постојат. Слаткарницата со иста фирма е во привремен објект, коперација нема, а во куќата на Жантевци сега има модерна фурна со богат асортиман на бели печива од бурек, кифла, па се до разни крекери што најубаво пасуваат со „ладно скопско“. Фирмата е со странски назив или кованица од нечии имиња, но главен производ, барем за мене и за сите останати носталгични скопјани е „дебармаалскиот леб“. Уште не сум го пробал, зошто не сум сигурен дека на рака ќе ја почувствувам вистинската тежина на векната од кило, а во устата неповторливиот вкус на параманот намачкан со најтенок слој свинска маст посолена со алпипер.

Mojсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?